Хамилтон прво го заглави болидот во песокот, а потоа откажа неговиот менувач!!!
Серџо Перез го забележа најбрзото време и на вториот ден од тест сесијата на патеката Шакир, во Бахреин, а Ред Бул конечно покажа знаци на подобрување, а Даниел Рикиардо го забележа третото денес и убедливо најбрзото време забележано од РБ10 во текот на овие шест денови.Мексиканецот спроведуваше програма, која утрото вклучувала оценување на различни подесувања на болидот во споредба со вчера, што би им помогнало во донесувањето одлука како ќе настапат на првата трка во Мелбурн. По паузата за ручек ги тестираа гумите на Пирели. Серџо Перез конечно имаше солидни два тест дена, за навикнување на VJM07.
Фернандо Алонсо и Ферари повторно не забележаа најбрзо време,а беа со меките гуми на Пирели, исто како и Форс Индија денес, и Нико Розберг,кога го забележа најбрзото време во Бахреин. Шпанецот денес имаше најмногу извозени кругови, 122. Утрината ги тестираа гумите на Пирели, за потоа да продолжат со евалуација на некои нови компоненти, за на крај да завршат со долги стинтови, т.е. симулација на трка.
Даниел Рикиардо со трето најбрзо време и многу подобар ден за Ред Бул. Доцнењето со стартот на денешниот ден бил поради поправките што требало да се направат во текот на ноќта поради оштетувањата од вчера. Започнаа полека со слабо темпо и кратки стинтови, со пит-стоп застанувања, заедно со аеро работа на болидот. Според нив, напорната работа, денес конечно е видлива и на патеката. За прв пат комплетираа стинт од 20 круга, најдолготрајниот досега. Според Австралијанецот болидот е се уште тежок за возење, но во текот на ноќта ќе вградат нови делови и се надеваат на многу повеќе кругови со Себастијан во текот на следните два дена.
Фелипе Маса и Вилијамс со слична програма како вчера, аеро евалуација, работа на подесувањето на болидот и симулација на трка. Добро е да се види Фелипе со насмевка на лицето.
Џенсон Батон го забележа петтото најбрзо време за Мекларен, но само по изминати два и пол часа од тестот, МП4-29 застана на патеката и со тоа се оневозможи целосното завршување на денешната тест програма. Истата судбина ја имаше и Луис Хамилтон, кој со самиот почеток на денот започна со симулација на трка, која беше прекината со неговото излетување надвор од патеката и заглавувањето во чакалот. Потоа кога повторно излезе на патеката, се јавија проблеми со менувачот на W05, со што неговиот ден беше пред време завршен, но успеа да комплетира 89 круга и да го постави седмото најбрзо време.
Жил Бјанки го имаше најпродуктивен ден за Марусија досега, заврши 75 круга и го постави досега најбрзото време за нив во Бахреин. Пастор Малдонадо го заврши вториот ден од оваа недела со 31 круга, по запалувањето на задниот дел од E22. Со тоа заврши и овој тест ден за Лотус Ф1. Денешната програма опфаќала евалуација на нови делови. Огнот беше причина и за предвременото завршување на денот и за Маркус Ериксон, кога неговиот болид застана на патеката и се запали.
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ РАЗЛИКА КРУГОВИ
1. Серџо Перез Форс Индија 1:35.570 108
2. Фернандо Алонсо Ферари 1:35.634 + 0.064 122
3. Даниел Рикиардо Ред Бул 1:35.743 + 0.173 66
4. Фелипе Маса Вилијамс 1:36.507 + 0.937 103
5. Џенсон Батон Мекларен 1:36.901 + 1.331 52
6. Жил Бјанки Марусија 1:38.092 + 2.522 75
7. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1:39.041 + 3.471 89
8. Жан-Ерик Верн Торо Росо 1:39.636 + 4.066 61
9. Естебан Гутиерес Заубер 1:39.976 + 4.406 106
10. Пастор Малдонадо Лотус 1:41.613 + 6.043 31
11. Маркус Ериксон Катерам 1:42.516 + 6.946 55