Помошта ја бараме кај одреден број на новинари присутни во падокот на патеката Каталуња и кои имаат свои извори во самите тимови. Е сега и тие самите влечат кон тимот за кој имаат поголеми симпатии, Италијанците кон Ферари, Англичаните кон Хамилтон и Мерцедес АМГ, Германците некако се најнеутрални, освен кога се зборува за Ветел. Како и да е, ние ви ги пренесуваме нашите импресии потпомогнати со согледувањата на сите овие новинари од лице место.
Најнапред да ја разгледаме издржливоста на болидите, категорија во која Мерцедес АМГ е убедливо на врвот. За разлика од минатата година, сега поминаа двојно повеќе километри со 4 тест дена помалку. Луис Хамилтон, дури се радуваше кога доживеа единствениот проблем со менувачот. Тие имаа време да испробуваат експериментални делови на болидот, додека другите се уште се обидуваа да бидат сигурни дека нивните нови болиди нема да се распаднат. Сите тимови кои ја користат Мерцедес ПЕ нема за што да се нервираат, нема да имаат поголеми проблеми од таа страна.
Следен на листата е болидот на Торо Росо, кој од оваа сезона премина на 2015 Ферари Погонска Единица. Иако имаа кратко време да ја модифицираат својата шасија, направена за Рено ПЕ, тоа го направија многу успешно и добија продукт кој е многу издржлив. 2015 Ферари ПЕ е развивана цела година и им донесе стабилност која ја немаа минатата година. Единствено слаба точка за нив ќе биде што тоа е тоа, имаат финален производ на почетокот на сезоната, нема повеќе развој. Сите останати ќе имаат развој на своите ПЕ во текот на годината.
Ова ниво на издржливот го нема кај болидите придвижувани од Ферари, Рено и Хонда ПЕ. Добивме впечаток дека секогаш кога ќе беше вклучен целосниот потенцијал на 2016 Ферари ПЕ, болидите кои ја користат имаа голем број на проблеми, т.е. се вклучуваше системот за заштита на ПЕ, и во болидот на Ферари, како и тој на Хас. Заубер ја тестираше само на втората тест-сесија без поголеми проблеми, но сигурно и го немаа на располагање целосниот потенцијал. Истото може да се каже за Рено и Хонда ПЕ, иако има голем напредок од минатата сезона.
ВКУПНО КОМПЛЕТИРАНИ КРУГА ПО ТИМ
| П. | ТИМ | КРУГА |
| 1. | Мерцедес АМГ | 1294 |
| 2. | Торо Росо | 1049 |
| 3. | Вилијамс | 856 |
| 4. | Ферари | 854 |
| 5. | Ред Бул | 817 |
| 6. | Форс Индија | 779 |
| 7. | Рено | 776 |
| 8. | Мекларен | 710 |
| 9. | Манор | 484 |
| 10. | Хас | 474 |
| 11. | Заубер* | 406 |
Издржливоста носи поени, но перформансите носат Победи. Ако ги гледаме забележаните времиња, работите изгледаат добро за Ферари во поглед на чиста брзина. Тие беа на врвот на табелата во пет од осум тест дена.
РАНГИРАЊЕ СПОРЕД НАЈБРЗИ ВРЕМИЊА
| П. | ТИМ/ВОЗАЧ | ВРЕМЕ/ГУМИ |
| 1. | Ферари (Раиконен) | 1:22.765 (УМ) |
| 2. | Мерцедес АМГ (Розберг) | 1:23.022 (М) |
| 3. | Форс Индија (Хулкенберг) | 1:23.110 (СМ) |
| 4. | Торо Росо (Саинц ЈР.) | 1:23.134 (УМ) |
| 5. | Вилијамс (Маса) | 1:23.190 (М) |
| 6. | Ред Бул (Рикиардо) | 1:23.525 (УМ) |
| 7. | Рено (Магнусен) | 1:23.933 (СМ) |
| 8. | Мекларен (Батон) | 1:24.714 (УМ) |
| 9. | Заубер (Наср) | 1:24.760 (УМ) |
| 10. | Манор (Верлајн) | 1:24.915 (УМ) |
| 11. | Хас (Грожан) | 1:25.255 (М) |
Очигледно гумите на Пирели ја претставуваат најголемата променлива во оваа равенка. Сите пет смеши за суво време им беа достапни на тимовите, но вистинските за оваа патека се медиум и тврдата смеша, кои традиционално се користат за Шпанското Гран При. Од Пирели изјавија дека тврдата смеша не работи како што треба на овие поладни услови, што е веројатно причината зошто повеќето тимови тестираа со медиум и меките смеши.
Кога станува збор за ултра-меките и супер-меките гуми има големи варијации во брзината, дури и кај еден ист возач. Секако не е се до гумите на Пирели, туку и нивото на гориво, модот во кој се наоѓа ПЕ, условите на патеката и одредени сет-ап поставки, па затоа одредени Ф1 аналитичари имаат развиено софтвер кој би требало да ги елиминира повеќето варијабли кај времињата кои тимовите ги забележуваа на меките и медиум гуми.
РЕДОСЛЕД МЕКИ ГУМИ - СИМУЛАЦИЈА НА КВАЛИФИКАЦИИ
| П. | ТИМ/ВОЗАЧ | ВРЕМЕ |
| 1. | Ферари (Раиконен) | 1:23.0 |
| 2. | Мерцедес АМГ (Розберг) | 1:23.0 |
| 3. | Вилијамс (Маса) | 1:23.2 |
| 4. | Торо Росо (Саинц ЈР.) | 1:23.9 |
| 5. | Форс Индија (Хулкенберг) | 1:24.2 |
| 6. | Ред Бул (Рикиардо) | 1:24.4 |
| 7. | Заубер (Наср) | 1:24.7 |
| 8. | Мекларен (Алонсо) | 1:24.7 |
| 9. | Рено (Магнусен) | 1:24.9 |
| 10. | Хас (Грожан) | 1:25.2 |
| 11. | Манор (Верлајн) | 1:27.0 |
Според оваа класификација, можеме да видиме дека Ферари и Мерцедес АМГ се изедначени, според времиња за кои се претпоставува дека се забележани во она што би требало да претставува симулација на квалификации во утринските часови. Во тимот на Вилијамс, основата за своите храбри изјави можеби ја имале во оваа табела, која ги става на само 2 десeтинки заостанување зад првите два тима.
Следува тимот на Торо Росо во иста минута, како најдобар од останатите, но не премногу далеку пред Форс Индија и тимот на Ред Бул, каде што е јасно дека уште недостасува сила кај нивните TAG-Heuer брендирани Рено ПЕ. Постои значителна разлика до тимот на Рено, за кој се гледа дека го нема достигнато нивото на интеграција шасија/ПЕ, кое го има нивниот клиент Ред Бул. Исто така, на RS16 му недостасува потисна сила во споредба со RB12.
Заубер е во нешто подобра форма од Рено и Мекларен во моментов, што можеби е изненадувачки со оглед што нивниот 2016 болид, C35, не се појави се до втората тест сесија. Тимот на Мекларен имаше уште еден тежок старт. Нивната Хонда ПЕ, несомнено им дава поголема моќ и значително подобрување на системите за обновување на кинетичката енергија, но се чини дека се тоа е доволно само за нивото на перформанси на тимот на Рено.
На овие тест сесии, тимот на Мекларен има проблеми и со својата 2016 шасија, која не работела како што треба во последната фаза на тестирање, што според нивните инженери се должи на фактот што некои од новите аеродинамични делови не се подготвени навреме. Целосниот 2016 аеро пакет се очекува да биде подготвен за првата трка во Мелбурн, каде што од Мекларен се надеваат дека ќе се искорени подуправливоста на своите болиди во текот на последните три тест дена.
Тимот на Хас ја плати цената на ограничната километража за време на вториот тест, но со малку фино подесување, во основа се доволно брзи за да се држат на нивото на Заубер, Рено, Мекларен, додека Манор е значително најбавниот тим на меките гуми на Пирели.
РЕДОСЛЕД МЕДИУМ ГУМИ - СИМУЛАЦИЈА НА КВАЛИФИКАЦИИ
| П. | ТИМ/ВОЗАЧ | ВРЕМЕ |
| 1. | Мерцедес АМГ (Розберг) | 1:24.1 |
| 2. | Ферари (Ветел) | 1:24.6 |
| 3. | Вилијамс (Маса) | 1:24.9 |
| 4. | Торо Росо (Ферстапен) | 1:25.2 |
| 5. | Форс Индија (Хулкенберг) | 1:25.2 |
| 6. | Ред Бул (Рикиардо) | 1:25.8 |
| 7. | Рено (Магнусен) | 1:25.8 |
| 8. | Хас (Грожан) | 1:26.6 |
| 9. | Заубер (Наср) | 1:26.8 |
| 10. | Мекларен (Алонсо) | 1:26.8 |
| 11. | Манор (Верлајн) | 1:28.4 |
Најбрзите времиња забележани на медиум гумите, обично во текот на предпладневните часови, укажуваат дека Мерцедес АМГ има значајна предност во однос на сите останати, со Ферари само незначително пред Вилијамс и Торо Росо(малку нелогично, со само 3 десетинки пред својата 2015 ПЕ). Редоследот е доста сличен со тој на меките гуми, освен за Рено и Хас кои се малку поконкурентни.
Се разбира, Ф1 не е само чиста брзина, туку важно е и тркачкото темпо. Тимовите како што изведуваа симулација на квалификации, така имаа симулации на трка во текот на попладневните часови. Најочигледно тоа го направиле само тимовите на Мерцедес АМГ и Ферари. Следуваат табели од три стинтови на една трка со две посети на боксот и тоа во кои се земени најбрзите времиња од 12 круга.
СИМУЛАЦИЈА НА ТРКА
ПРОСЕЧНО ВРЕМЕ ОД ПРВ СТИНТ
| П. | ТИМ/ВОЗАЧ | ВРЕМЕ |
| 1. | Кими Раиконен | 1:29.464 |
| 2. | Луис Хамилтон | 1:29.618 |
| 3. | Себастијан Ветел | 1:30.082 |
| 4. | Нико Розберг | 1:30.091 |
| 5. | Даниел Рикиардо | 1:30.290 |
Стинтовите на Розберг и Ветел беа со многу осцилации и неконзистентни, можеби затоа што условите на патеката беа највлошени во средата и во петокот. Хамилтон и Раиконен имаа многу поконкурентни и постојани кругови. Рикардо не е директно споредлив, бидејќи имаше многу долг стинт на медиум гуми, туку е само ставен за релативна споредба со останатите тимови.
ПРОСЕЧНО ВРЕМЕ ОД ВТОР СТИНТ
| П. | ТИМ/ВОЗАЧ | ВРЕМЕ |
| 1. | Себастијан Ветел | 1:28.800 |
| 2. | Луис Хамилтон | 1:28.858 |
| 3. | Кими Раиконен | 1:28.917 |
| 4. | Нико Розберг | 1:29.075 |
Вториот стинт беше со поизедначени времиња. Единствено времињата на Нико Розберг беа доста неконзистентни.
ПРОСЕЧНО ВРЕМЕ ОД ПОСЛЕДНИОТ СТИНТ
| П. | ТИМ/ВОЗАЧ | ВРЕМЕ |
| 1. | Луис ХамилтонКими Раиконен | 1:27.383 |
| 2. | Нико Розберг | 1:28.150 |
| 3. | Себастијан Ветел | 1:28.217 |
Тука е лоша вест за љубителите на Ферари, Во последниот стинт Хамилтон на медиум беше апсолутно неверојатен, значително побрз од било кое време на Ферари, па дури и од својот тимски колега. Би се очекувало Розберг да се "среди" кога станува збор за вистинската работа, бидејќи оваа разлика со Хамилтон е неверојатна.
Кими Раиконен е изоставен, поради тоа што последниот стинт го возеше на тврдата смеша. Тука треба да се спомене Фелипа Маса и Вилијамс, кои исто така, имаа долг стинт на тврдата смеша на Пирели, што го прави интересен за споредба.
Маса беше незначително побрз од Раиконен, во висина од околу 0,03 секунди. Ова, во комбинација со брзите квалификациски времиња на меките гуми, најверојатно е причината за тоа што во Вилијамс се чувствуваат сигурни дека може да го победат Ферари.
Секако сите овие анализи се релативни, но ние типуваме дека Мерцедес АМГ, Ферари и Вилијамс, се тимовите кои најчесто ќе бидат на Победничкиот Подиум за оваа 2016 сезона.




