Со патеката во Малезија започна ерата на Херман Тилке. Сепанг беше изграденa за неверојатни 14 месеци и кога на 9 март 1999 година беше свечено отворена, се сметаше за револуционерна патека со модерни капацитети и уникатен дизајн. Двата долги правци проследени со остри кривини се потписот на оваа патека. Секоја кривулеста патека претставува предизвик за возачите и нивните инженери.
Ширината на патеката овозможува бројни можности за престигнување, но максималната брзина што може да се постигне на правците се ограничува, бидејќи тимовите ја жртвуваат сировата брзина за аеродинамичниот грип и добар баланс на болидот низ свиоците.
Тоа предизвикува исклучително високи оптоварувања на Пирели гумите, дополнето со силното притискање на сопирачките во 17 проценти од еден круг, абразивниот асфалт и високите температури. Затоа Пирели ги номинираше своите три најтврди смеши за Малезија, портокаловите тврди, белите медиум и жолтите меки гуми, комбинација која последен пат беше видена за Големата Награда на Велика Британија на патеката Силверстоун.
За оваа година патеката е комплетно ре-асфалтирана, сите нерамнини се отстранети, со што се изменува тркачката линија на болидите, има нов подобрен дренажен систем, нови рабници и редизајнирани области за излетување наполнети со чакал. Организаторите велат дека тоа ќе придонесе за комплетно нов пристап на тимовите кон своите стратегии, бидејќи нема да можат целосно да се потпрат на старите податоци.
Малезиското ГП има значително поместување во Ф1 календарот, од месец Март кога се одржуваше до минатата година, сега е на крајот од септември, веднаш по ноќната трка во Сингапур. Затоа се донесени и ГП2 и ГП3 сериите за привлекување на публика, но воедно ќе помогнат во "гумирањето" на асфалтот.
Поројните дождови се честа појава во Малезија, што може да доведе до неочекуван расплет на викендот. Тоа беше особено видливо во 2009 година, кога директорот на трката беше принуден да ја заврши по само 31 круга поради поплавената патека. Со тоа ФИА се реши на возачите кои беа во топ 10 пласманот да им додели само по половина поени, за прв пат по 1991 Австралиското ГП, кога беа комплетирани само 14 круга од трката.
Во шампионатот на возачите, трите последователни Победи на Нико Розберг му го донесоа водечкото место на табелата со осум поени предност во однос на тимскиот колега од Мерцедес АМГ и ривал за титулата, Луис Хамилтон. Второто место во Сингапур ја зголеми предноста на Даниел Рикиардо пред Себастијан Ветел на 26 поени во битката за третото место во генералниот пласман.
Џенсон Батон, овој викенд ќе го има 300-от Ф1 старт. Само двајца возачи го имаат постигнато овој успех, Михаел Шумахер во Сингапур во 2012 година и Рубенс Баричело кој стигна до оваа бројка на Јапонското ГП во 2010 година. Баричело останува возачот со најмногу Ф1 стартови - 322.
Во шампионатот на конструкторите, Мерцедес АМГ овој викенд може и теоретски да ја обезбеди титулата. Ред Бул во битка за второто место има 15 поени предност пред Ферари, додека пак за четвртото место Форс Индија има само еден поен предност пред Вилијамс.
Сепанг е еден вид на домашна патека за Мерцедес АМГ...
ВО ПРЕСРЕТ НА МАЛЕЗИСКОТО ГРАН ПРИ
9/29/2016 01:14:00 PM
0
Share to other apps