Q1 сесијата се одвиваше без некои поголеми инциденти и очекувано испаѓање на возачите на Манор и Заубер, плус Палмер од Рено и Алонсо од Мекларен. Шпанецот по заработената казна од 45 стартни места поназад имаше само едно излегување на патеката, колку да се забележи дека учествувал на овие квалификации и по само еден комплетиран круг се повлече во својата гаража, заштедувајќи повеќе сета на нови гуми.
Тимот на Ред Бул беше единствен кој помина понатака само со употреба на медиум гумите на Пирели. Мерцедес АМГ веднаш излезе на меките, секако забележувајќи ги најбрзите времиња, додека Ферари прво се обиде на медиум, но немаше сигурност од забележаните времиња, па Себастијан Ветел и Кими Раиконен излегоа повторно на патеката. Завршија како трет и четврт на табелата со разлика од само една илјадинка од секундата.
Со почетокот на Q2 сесијата и првите брзи кругови се виде дека Мерцедес АМГ се најбрзите болиди, додека Ред Бул успеа да биде побрз од тимот на Ферари 1-2 десетинки. Луис Хамилтон беше дури за половина секунда побрз од Нико Розберг, што значи дека притисокот на оваа трка е насочен кон Германецот.
Најбрзите десет возачи за стартот на утрешната трка се одлучија да ги користат меките гуми на Пирели.
Џенсон Батон со Мекларен имаше извонреден круг за 8-то најбрзо време, секако забележан со старата Хонда ПЕ. Најголема жртва на оваа сесија беше Валтери Ботас кој беше победен од возачите за Форс Индија за понатамошен пласман и мораше да се задоволи со 11-тата стартна позиција. По него следуваа Грожан, Гутиерез, Магнусен, Квјат, Саинц ЈР.
Најверојатно, уште пред почетокот на Q3 го претчувствувавте конечниот пласман со оглед на резултатите од претходните сесии. Барем ако не друго туку сека Мерцедес АМГ ќе има прв стартен ред со Хамилтон пред Розберг, Ред Бул втор со мала предност на Ферстапен, Ферари на трет стартен ред со Ветел пред Раиконен.
По првите излегувања за брз круг, Хамилтон беше далеку најбрзиот возач со 0.570 секунди пред Макс Ферстапен, 0.676 секунди пред Рикиардо. Нико Розберг имаше проблематичен прв брз круг и го имаше 5-тото најбрзо време , зад Раиконен, но пред Ветел. Фелипе Маса имаше време пред двата болиди на Форс Индија. Џенсон Батон знаејќи дека нема некоја поголема шанса, се одлучи да не излегува на патеката при овие први кругови.
Второто излегување на патеката на Нико Розберг беше да се биде или не веднаш зад својот тимски колега, во што и успеа, но сепак со големо заостанување од 0.414 секунди. Асфалтот како одминуваа квалификациите се ладеше, па ретки беа возачите што го подобрија своето време. Тоа му успеа на Себастијан Ветел за да се пласира пред Кими Раиконен, додека Фелипе Маса се најде на 10-тата позиција, откако при втората рунда на кругови беше надминат од возачите на Форс Индија, но и на Британецот во тимот на Мекларен.
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ РАЗЛИКА
1. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1:32.850
2. Нико Розберг Мерцедес АМГ 1:33.264 + 0.414
3. Макс Ферстапен Ред Бул 1:33.420 + 0.570
4. Даниел Рикиардо Ред Бул 1:33.467 + 0.617
5. Себастијан Ветел Ферари 1:33.584 + 0.734
6. Кими Раиконен Ферари 1:33.632 + 0.782
7. Серџо Перез Форс Индија 1:34.319 + 1.469
8. Нико Хулкенберг Форс Индија 1:34.489 + 1.639
9. Џенсон Батон Мекларен 1:34.518 + 1.668
10. Фелипе Маса Вилијамс 1:34.671 + 1.821
Q2 Најбрзо време: Луис Хамилтон 1:33.046
11. Валтери Ботас Вилијамс 1:34.786 + 1.531
12. Роман Грожан Хас 1:34.842 + 1.955
13. Естебан Гутиерез Хас 1:35.001 + 2.051
14. Кевин Магнусен Рено 1:35.277 + 2.231
15. Данил Квјат Торо Росо 1:35.374 + 2.323
16. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо 1:35.572 + 2.328
Q1 Најбрзо време: Луис Хамилтон 1:34.444
17. Маркус Ериксон Заубер 1:35.816 + 1.372
18. Фелипе Наср Заубер 1:35.949 + 1.505
19. Џолион Палмер Рено 1:35.999 + 1.555
20. Естебан Окон Манор 1:36.451 + 2.007
21. Паскал Верлајн Манор 1:36.587 + 2.143
22. Фернандо Алонсо Мекларен* 1:37.155 + 2.711
* Казна од 45 стартни места поназад
107% време: 1:41.055