На почетокот, Хамилтон имаше добар старт, без грешки, па го задржа водството по првиот свиок. Розберг заврши далеку кон десната страна на патеката за да изврши притисок врз својот тимски колега, но со тоа му дозволи на Рикиардо да влезе паралелно со Германецот во првиот свиок, но од внатрешната страна, линија на движење која му донесе предност во текот на следните свиоци и го престигна Розберг за второто место. Зад нив, Раиконен го помина Макс Ферстапен, кој се најде на петтото место пред вториот болид на Ферари управуван од Себастијан Ветел.
Најголемиот инцидент на стартот повторно беше со Нико Хулкенберг во главна улога. Возачот на Форс Индија, кој стартуваше од седмата позиција, имаше лош старт и при првиот свиок имаше судир со Вилијамсот на Валтери Ботас. За Германецот тоа беше крај на трката, додека Ботас заврши со дупната гума, мораше во бокс и на патеката се врати на последното место.
Напред, Хамилтон почна да билда разлика пред Рикиардо, кој беше на супер-меки гуми, поради што мораше во бокс веќе по 9 комплетирани кругови. За тоа време Британецот имаше пет секунди предност во однос на болидот на Ред Бул.
Најголемиот дел од топ 10 возачите при првиот стинт променија на меки гуми, освен Розберг кој избра поинаква стратегија со медиум гумите. Единствената промена на места беше кога Макс Ферстапен успеа да го претекне Кими Раиконен по првиот круг на пит-стопови.
Со побрзата мека компонента на Пирели успеваше да ја намалува разликата до третопласираниот болид на Мерцедес АМГ, кој беше на медиум гуми. Холанѓанецот беше предупреден да внимава на своите гуми, и по првичната тинејџерска реакција, "Јас не се тркам за да завршам на четвртото место", тој се смири и возеше во постојан ритам од две секунди зад лидерот во шампионатот.
Можеби заспан од неинтересното возење, прави незамислив потег. Во 27-от круг влегува за промена на гуми, без да биде повикан од својот тркачки инженер. Сите механичари во неговиот бокс беа изненадени и неподготвени. Тие мораа да реагираат брзо, и успеаа да направат пит-стоп од девет секунди, буквално од своите столици. Овој потег го донесе возачот на Ред Бул на 9-тото место, кога се врати на патеката.
Но, за малерот да биде комплетен, неколку моменти подоцна, тој драстично ја намали својата брзина и јави по тимското радио дека нешто не е во ред со моторот. Тој се обиде да стигне до боксот, но беше принуден да паркира надвор од патеката.
Иако неговиот болид беше блиску до патот за излекување, тој остана заглавен во брзина и беше невозможно да се истурка надвор од страна на маршалите покрај патеката. Мораше да се донесе кран, со што беше воведен Виртуелниот Безбедносен Автомобил.
Хамилтон и Розберг го искористија овој период за нова промена на своите гуми и вратија назад на патеката повторно на прво и второ место, сега со Рикиардо на третото, пред Раиконен, Ветел, Саинц ЈР., Маса, Алонсо, кои ќе бидат и главните протагонисти во финалниот дел од трката.
Трката брзо продолжи и дојде време за третата рунда на пит-стопови. Еден од возачите кој беше на стратегија на три застанувања во бокс, беше Кими Раиконен. Кога Финецот се упати кон своите механичари, од четвртото место, следува катастрофална грешка на тимот на Ферари.
Го пуштија да тргне со незаштрафено десно задно тркало и Раиконен мораше да се запре на излезот од пит линијата, ја искористи угорнината да се истркала назад кон последниот бокс на Хас и трката за него беше завршена.
Следуваше трка со мирен ритам кај водечките три болиди, додека Саинц ЈР. се најде под жесток притисок на Фелипе Маса. Бразилецот се обидуваше да претекне, но без поголем успех, за на крај да направи мала грешка која му овозможи на Алонсо да се протне низ иглени уши пред него во седмиот свиок. Дојде до мал судир меѓу двата болиди, кој ќе биде разгледуван по трката.
Фернандо Алонсо веднаш го нападна и болидот на Торо Росо, кој беше на екстремно истрошени меки гуми. Она што не му успеваше на Маса, му успеа на Шпанецот во последниот круг од трката. Возачот на Мекларен го мина неговиот сонародник за петтото место.
На крај, Хамилтон ја забележа својата јубилејна 50 Ф1 победа во кариерата, 4.5 секунди пред Розберг. Рикиардо го освои третото пред Ветел и одличниот Алонсо. Саинц ЈР. го повтори својот најдобар резултат од Шпанија претходно оваа година. Маса, кој, при судирот со Алонсо заработи и дупната гума, го задржа седмото место пред Перез, Батон и Грожан.
Голема Награда на САД, Остин, Тексас
56 круга, 304.356км., Време: Сончево.
ПЛАСМАН:
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ
1. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1ч38:12.618
2. Нико Розберг Мерцедес АМГ + 4.520
3. Даниел Рикиардо Ред Бул + 19.692
4. Себастијан Ветел Ферари + 43.134
5. Фернандо Алонсо Мекларен + 1:33.953
6. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо + 1:36.124
7. Фелипе Маса Вилијамс + 1 круг
8. Серџо Перез Форс Индија + 1 круг
9. Џенсон Батон Мекларен + 1 круг
10. Роман Грожан Хас + 1 круг
11. Кевин Магнусен Рено + 1 круг
12. Данил Квјат Торо Росо + 1 круг
13. Џолион Палмер Рено + 1 круг
14. Маркус Ериксон Заубер + 1 круг
15. Фелипе Наср Заубер + 1 круг
16. Валтери Ботас Вилијамс + 1 круг
17. Паскал Верлајн Манор + 1 круг
18. Естебан Окон Манор + 2 круга
2014 Л.Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1ч40:04.785
2015 Л.Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1ч50:52.703
2016 Л.Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1ч38:12.618
Најбрз Круг: Себастијан Ветел - 1:39.877
БЕЗ ПЛАСМАН:
Кими Раиконен Ферари
Макс Ферстапен Ред Бул
Естебан Гутиерез Хас
Нико Хулкенберг Форс Индија
Генерален пласман по 18 трки:
Возачи: Конструктори:
1. Нико Розберг 331 1. Мерцедес АМГ 636
2. Луис Хамилтон 305 2. Ред Бул 400
3. Даниел Рикиардо 227 3. Ферари 347
4. Себастијан Ветел 177 4. Форс Индија 138
5. Кими Раиконен 170 5. Вилијамс 130
6. Макс Ферстапен 165 6. Мекларен 74
7. Серџо Перез 84 7. Торо Росо 55
8. Валтери Ботас 81 8. Хас 29
9. Нико Хулкенберг 54 9. Рено 8
10. Фернандо Алонсо 52 10. Манор 1
11. Фелипе Маса 49
12. Карлос Саинц ЈР. 38
13. Роман Грожан 29
14. Данил Квјат 25
15. Џенсон Батон 21
16. Кевин Магнусен 7
17. Паскал Верлајн 1
18. Штофел Вандорн 1
19. Џолион Палмер 1