По трката за Големата Награда на САД од минатата недела, овој викенд Формула 1 се сели на патеката Браќа Родригез во Мексико, најбрзата во календарот. Патеката е домаќин на Мексиканското ГП уште од 1963 година, но во рамките на подготовките за 2015 сезоната беше комплетно реновирана. Мексико пред својот кам-бек од минатата година бил домаќин на Ф1 Шампионатот во два наврати во период од 1963-1970 и 1986-1992 година.
Историскиот ден за Мексико беше во 1962 година кога Гран При трките имаа "проба", за да веќе следната сезона се одржи Големата Награда на Мексико. Време кога Хуан Мануел Фанџо беше во залез на кариерата, но новата ѕвезда беше во подем, која ги надмина неговите постигнувања, а тоа беше Џим Кларк. Мексиканците се горди на брилијантните браќа Родригез, Моисес Солана, Хектор Ребак, до современите достигнувања на Естебан Гутиерес и Серџо Перез, мексикански возачи кои ги врежале своите имиња во историјата на мотоспортот.
Реновираната патека задржува голем дел од ДНК-та на оригиналот, преку брзиот прв сектор и исто така брзиот и течен средишен дел, каде брзите промени на насоката ставаат акцент на добрата аеродинамична ефикасност и баланс на болидот. Финалниот сектор е трансформиран во технички сложен дел, кој треба да обезбедува возбудливи моменти за Ф1 фановите на патеката и пред ТВ екраните.
Новиот асфалт минатата година беше лизгав, но од тогаш се одржаа повеќе трки од други серии, па нивото на грип треба да биде зголемено. Но, поради реткиот воздух на 2.250м. надморска височина, погонските едниници, особено турбо полначите треба да работат со поголем капацитет за испорачаат одредена моќност. Минатата година максималните брзини достигнаа до 366 км/ч, па тимските инженери треба да изнајдат компромис помеѓу праволиниската брзина и потисната сила за што постабилно минување на свиоците.
Пирели ги номинираше истите смеши како за трката во Остин, белите медиум (помалку грип, помалку абење, погодна за долги стинтови), жолтите меки (повеќе грип, средно абење, се користи за пократки стинтови и првичната Q1 сесија од квалификациите) и црвените супер-меки гуми (најголем грип, но и највисоко абење, се користи за брзи кругови во квалификациите и одбрани стинтови од трката).
Нико Розберг доаѓа во Мексико Сити со шанси за обезбедување на недостижно водство во генералниот пласман на возачите, ако тој победи на неделната трка, а неговиот главен ривал за титулата, Луис Хамилтон, заврши под деветтото место. Сепак, Британецот, не се откажува така лесно и неговите надежи за четврта титула ги одржа со рекордната победа на Американското Гран При.
Минатата година, атмосферата во Мексико несомнено беше една од најогнените во сезоната, но со оглед што 2016 Шампионатот е отворен се очекува уште поеуфорично расположение на фановите.
ВО ПРЕСРЕТ НА МЕКСИКАНСКОТО ГРАН ПРИ
10/27/2016 11:47:00 PM
0
Share to other apps