На стартот од трката за Нико Розберг помина се во најдобар ред, додека стартот на Хамилтон беше ужасен. Тој имаше големо пролизгување на задните тркала и веднаш беше претекнат од повеќе возачи на гридот и по првиот свиок се најде на осмото место. Ферстапен се пресели на второто, Серџо Перез на третото и Даниел Рикиардо се одржа на четвртото место.
Ветел, кој стартуваше од шестата позиција поради казната од минатата трка во Малезија, имаше добар старт и до крајот на првиот круг го претекна Рикиардо, а веќе во следниот и Перез за третото место. По лошиот старт Хамилтон, исто така, се обидуваше да напредува, но првото претекнување го имаше во седмиот круг кога успеа да го помине болидот на Форс Индија, т.е. Нико Хулкенберг за седмото место.
Тој сега имаше две секунди заостанување зад Кими Раиконен кој се најде на шестото место. Финецот по казната од пет стартни места поради промена на менувачот тргна од осмата позиција.
Релативно брзо дојде времето кога меките гуми на Пирели почнаа да ги губат своите перформанси, па веќе во 11-от круг, Ферстапен и Рикиардо беа првите возачи од Топ 10 пласманот, кои влегоа во пит-стоп за промена на своите гуми. На патеката се вратија со најтврдата смеша, портокаловите гуми на Пирели. Нивното влегување во боксевите предизвика навала од болиди за промена на гуми во текот на следните неколку круга. Сите се одлучија за тврдите гуми.
Најдолго на патеката остана Луис Хамилтон, што се покажа одлично за него и во моментот на влегување во бокс, веќе беше стигнат до третото место. По замената на гумите се врати на четвртото место, пред Рикиардо и Раиконен. Нико Розберг на првото место имаше предност од четири секунди во однос на Ферстапен. Ветел беше дополнителни 2.7 секунди подалеку на третото место.
Следуваше мирен период без некои поголеми промени во поредокот за време на вториот стинг. Први второто влегување во бокс, Розберг ја задржа контролата на трката пред Ферстапен, додека Хамилтон успеа да го претекне Ветел низ боксевите, кој се задржа два круга повеќе на патеката, а подоцна видовме дека тоа било заради катастрофалниот избор на меките гуми за последниот стинт. Ја изгуби предноста од речиси пет секунди пред Британецот.
На патеката излезе веднаш зад Хамилтон, се обиде да го претекне, но само мораше да констатира дека Ферарито нема брзина и со меки гуми да го направи тоа. Но, и да го претекнеше, секако ќе беше претекнат повторно кога меките гуми ќе престанеа да работат по 10-тина круга, а до крајот остануваа уште плус 10 круга. Единствено што можеше да направи е да почне да ги штеди до максимум, за да не мора повторно во бокс.
Од Ферари барем ја погодија работата со Раиконен, кој по второто застанување за промена на гуми, ја зеде тврдата смеша, плус во комбинација со проблематичниот пит-стоп на Рикиардо, успеа да се најде на петтото место со шест секунди зад Ветел, но со 14 секунди предност во однос на Австралијанецот. Перез сега беше седми пред Хулкенберг, Маса и Ботас.
Најголемата битка во завршните фази беше меѓу Ферстапен и Хамилтон. Возачот на Мерцедес АМГ се најде во рамките на ДРС-опсегот на Ред Булот, но младиот Холанѓанец успешно се бранеше. На крајот на претпоследниот круг, Британецот го имаше последниот најсериозен напад, кој може да го видите на видеото под табелата.
Хамилтон беше принуден да излезе надвор од патеката и го загуби чекорот со возачот на Ред Бул. Фановите на Хамилтон и самиот тој гледаат недозволено движење од Ферстапен, но досега Британецот требаше да го научи неговиот стил на дефанзивно возење, т.е. дека ќе блокира страна(дозволена една промена на движење) откако ќе биде нападнат.
Напред, Розберг смирено стигна до својата деветта победа во 2016 сезоната со речиси пет секунди пред Ферстапен. Трето место на Хамилтон, пак, беше доволно за теоретски да се осигура титулата на Мерцедес АМГ во пласманот на конструктори.
Ферари заврши на четврто и петто место, со Ветел пред Раиконен, но второто место на Ферстапен, и шестото за Рикиардо значи дека Ред Бул ја зголеми својата предност на 50 поени во однос на Италијанците во битката за второто место.
Перез и Хулкенберг завршија на седмо и осмо место, пред болидите на Вилијамс, со Фелипе Маса пред Валтери Ботас на последните две места кои носат поени. Со ова тимот на Форс Индија ја зголеми предноста над Вилијамс на 25 поени во борбата за четвртото место.
Голема Награда на Јапонија, Сузука
53 круга, 308.965км., Време: Облачно.
ПЛАСМАН:
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ
1. Нико Розберг Мерцедес АМГ 1ч26:43.333
2. Макс Ферстапен Ред Бул + 4.978
3. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ + 5.776
4. Себастијан Ветел Ферари + 20.269
5. Кими Раиконен Ферари + 28.370
6. Даниел Рикиардо Ред Бул + 33.941
7. Серџо Перез Форс Индија + 57.495
8. Нико Хулкенберг Форс Индија + 59.177
9. Фелипе Маса Вилијамс + 1:37.763
10. Валтери Ботас Вилијамс + 1:38.323
11. Роман Грожан Хас + 1:39.254
12. Џолион Палмер Рено + 1 круг
13. Данил Квјат Торо Росо + 1 круг
14. Кевин Магнусен Рено + 1 круг
15. Маркус Ериксон Заубер + 1 круг
16. Фернандо Алонсо Мекларен + 1 круг
17. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо + 1 круг
18. Џенсон Батон Мекларен + 1 круг
19. Фелипе Наср Заубер + 1 круг
20. Естебан Гутиерез Хас + 1 круг
21. Естебан Окон Манор + 1 круг
22. Паскал Верлајн Манор + 1 круг
2014: Л.Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1ч51:43.021
2015: Л.Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1ч28:06.508
НАЈБРЗ КРУГ: Себастијан Ветел - 1:35.118
БЕЗ ПЛАСМАН:
сите болиди се со официјален пласман
Генерален пласман по 17 трки:
Возачи: Конструктори:
1. Нико Розберг 313 1. Мерцедес АМГ 593
2. Луис Хамилтон 280 2. Ред Бул 385
3. Даниел Рикиардо 212 3. Ферари 335
4. Кими Раиконен 170 4. Форс Индија 134
5. Макс Ферстапен 165 5. Вилијамс 124
6. Себастијан Ветел 165 6. Мекларен 62
7. Валтери Ботас 81 7. Торо Росо 47
8. Серџо Перез 80 8. Хас 28
9. Нико Хулкенберг 54 9. Рено 8
10. Фелипе Маса 43 10. Манор 1
11. Фернандо Алонсо 42
12. Карлос Саинц ЈР. 30
13. Роман Грожан 28
14. Данил Квјат 25
15. Џенсон Батон 19
16. Кевин Магнусен 7
17. Паскал Верлајн 1
18. Штофел Вандорн 1
19. Џолион Палмер 1
Нико Розберг победнички...