Нико Хулкенберг ќе го напушти тимот на Форс Индија на крајот од оваа 2016 сезона, по укажаните други можности во рамките на Формула 1 Шампионатот. Неговата последна трка со овој тим ќе биде во Абу Даби следниот месец. Негова следна дестинација најверојатно ќе биде тимот на Рено, но од овој тим се уште нема официјална потврда, по шпекулациите дека двогодишниот договор бил потпишан синоќа.
Виџај Малја, извршниот директор на тимот, изјави: "Сите во тимот на Форс Индија му посакуваат добра иднина на Нико, по неговиот избор на поинаков пат во Формула 1. По поминати пет години со нас, Нико стана добар пријател со многумина и има огромен придонес во успехот на тимот. Тој е одличен возач, кој освои најмногу поени за тимот од кој било друг. Иако е точно дека Нико многу ќе ни недостига, ја почитувавме неговата одлука да истражи нови можности и би било погрешно да му застанеме на патот.".
UPDATE: Додека ја пишувавме оваа статија пристигна официјална потврда и од тимот на Рено.
Жером Стол, Претседател на Рено: "2017 година ќе биде втора сезона по враќањето на Рено во Формула 1 како самостоен фабрички тим и следниот чекор во нашето патување. Оваа сезона ги создававме темелите на идниот успех. За нашиот следен чекор ни требаше искусен возач кој се уште е гладен за подиуми. Нико Хулкенберг совршено ја исполнува оваа улога. Тој е многу талентиран, посветен и мотивиран возач. Нико ќе ни овозможи да ја подигнеме целокупната напорна работа која ја завршиме оваа сезона на повисоко ниво за што подобри резултати во 2017 година и понатака. Ние со нетрпение очекуваме да го видиме во нашиот нов болид за 2017 година."
Нико Хулкенберг: "Јас сум среќен што ќе се приклучам на Рено тимот од 2017 година. Рено отсекогаш бил голем играч во светот на мото спортот и тим со неверојатна историја. При неговиот претстој во Рено, Михаел Шумахер, не само што помогна да се издигне Германија како Ф1 нација, туку, исто така, го предизвика мојот ентузијазам и жар за тркање. Како дел од семејството на Рено, сакам да го развивам болидот со кој ќе се испишуваат нови успеси."
"Oтсекогаш ми било сон да работам за фабрички тим. Новите прописи во Формула 1 ќе донесат промени, кои ќе му дадат на нашиот тим добра шанса за успех. Во годините што доаѓаат, Рено ќе се обиде да биде голем играч, што 100 процентно одговара на мојот пристап кон трките. Со нетрпение очекувам да постанам дел од семејството."
"За преостанатите трки од оваа сезона, јас ќе го дадам мојот максимум, за тимот на Форс Индија да стигне до четвртото место во шампионатот на конструкторите. Тоа ќе биде голем успех за целиот тим, најголемиот успех во својата историја и одличен крај на еден фантастичен период. Јас сум благодарен што Форс Индија, ми овозможи да започнам нов предизвик во Формула 1."
ОФИЦИЈАЛНО: НИКО ХУЛКЕНБЕРГ ГО НАПУШТА ТИМОТ НА ФОРС ИНДИЈА
10/14/2016 02:13:00 PM
0
Share to other apps