Веднаш по Малезиското ГП, Формула 1 Шампионатот се сели на една од традиционалните Ф1 места, патеката Сузука, на која овој викенд ќе се одвива 17-тото Гран При од 2016 сезоната. До крајот остануваат само уште 5 трки и тимовите ги имаат последните шанси да финишираат на најдобар можен начин. Сузука е многу предизвикувачка и брза патека. Таа има многу брзи свиоци кои се надоврзуваат еден по друг и на кои возачите едвај ја допраат сопирачката. Тоа е оригинална патека, во форма на бројот осум, што значи дека таа е единствената во календарот која истовремено се вози спротивно и во насока на стрелките на часовникот во еден ист круг. За оваа година нема некои позначајни промени во инфраструктура на патеката.
Пирели за Големата Награда на Јапонија ги донесе истите три номинации од Сепанг, портокаловата тврда смеша, белата медиум и жолтата мека смеша. Најтврдата е номинирана како задолжителна, што значи дека секој од возачите ќе ги користи во одреден момент од трката. Меките гуми за прв пат ќе дебитираат на Сузука, што според Пирели треба да обезбеди различни можности за стратегијата на тимовите. Ферари го има најагресивниот изборот на гуми, со девет комплети од меките гуми, додека Себастијан Ветел е единствениот возач кој има избрано само еден сет на медиум гумите во Јапонија.
Сузука е една од историските патеки во сезоната, која припаѓа на "старата школа", со мали области за излетување и релативно потесна, па возачите со овие нови хибридни болиди ќе имаат потешкотии во претекнувањето. Исто како во Малезија, за време на викендот, постои голема веројатност за дожд.
Малку од Ф1 фановите во светот можат да парираат на Јапонските во однос на нивниот ентузијазам и страст. Некои од нив се многу верни, па како што вели Серџо Перез, секоја година има еден фан, кој го чека кога ја напушта патеката или хотелот, за да се слика со него. Како целина, тие се значајно обележје низ целиот викенд.
Нико Розберг пристигнува со предност од 23 поени пред својот тимски колега и ривал, Луис Хамилтон, кој во Сингапур ја имаше победата во свои раце, но неговата Мерцедес ПЕ откажа во незгоден момент за него. Британецот се снаоѓа добро на Сузука и му треба перфектен, а можеби и среќен викенд како би си ги зголемил шансите за шампионската титула.
Во битката кај конструктори, Мерцедес АМГ со нова шанса да ја запечати и теоретски титулата. Двојната победа на Ред Бул на минатата трка им донесе предност од 46 поени пред Ферари за второто место, а со оглед на формата во која се наоѓаат Италијанците, не треба да очекуваме да направат некој позначителен чекор напред.
Мекларен со двојниот финиш во поени, успеа да се оддалечи од Торо Росо за шестото место, додека најблиската борба, од само три поени, се одвива помеѓу тимовите на Форс Индија и Вилијамс за четвртото место на табелата кај конструкторите.
ВО ПРЕСРЕТ НА ЈАПОНСКОТО ГРАН ПРИ
10/06/2016 11:11:00 AM
0
Share to other apps