Може да се каже дека Нико Розберг го преживеа хаосот на патеката предизвикан од обилните врнежи од дожд, се гледаше дека не се чувствува безбедно на вакви услови и второто место за него е премија, па, иако актуелниот шампион успеа да Победи и ја намали предноста до својот тимски колега во генералниот плсман на возачи на 12 бода и можност за второ и трето место на последната трка.
Имавме драма уште пред самиот старт на трката кога Роман Грожан се изврте и удри во бариерите покрај патот по излезот од гаражата за да ја завземе својата стартна позиција. На трка во која ја имаше најдобрата стартна позиција, штета за тимот на Хас што не успеа да ја стартува истата.
Дождот паѓаше во несмален интензитет, а можеби и поради овој инцидент стартот на трката беше одложен, за таа да започне со 15 минути доцнење под безбедносно возило, кое остана цели седум круга.
Кога започна вистинското тркање, Макс Ферстапен навести дека ова ќе биде негова трка, со претекнувањето на Кими Раиконен за третото место. Напред, Хамилтон го задржа водството пред Розберг. Голем број на возачи во тие моменти влегоа во бокс по интермедиа гуми, но таа одлука веднаш се покажа како голем и непродуктивен ризик, бидејќи и болидите на гуми за дожд едвај успеваа да се одржат на патеката.
Така, Себастијан Ветел имаше драматично губење на контролата врз својот Ферари, но, сепак успеа да остане на патеката. Таа среќа ја немаше Маркус Ериксон, кој некоја минута подоцна го уништи болидот на Заубер, откако ја загуби контролата при последниот свиок. Веднаш беше распоредено безбедносното возило.
Од тимот на Ред Бул се решија да ги повикаат своите возачи по интермедиа гуми, Ферстапен се протна пред да биде затворен влезот кон боксевите, поради незгодната поставеност на болидот на Заубер, но Австралијанецот влезе на црвено светло и на крај заработи казна од дополнителни 5 секунди.
Трката беше рестартирана во 20-от круг, но, веднаш следуваше нов драматичен инцидент. Кими Раиконен ја загуби контролата врз својот болид на главниот правец и имаше карамбол со бариерите од двете страни на патеката. Возачите зад него среќно успеваа да го избегнат и покрај намалената видливост од прскањето на болдите.
По многу натегања и разговори помеѓу Чарли Вајтинг и возачите, по нешто повеќе од 25 минути, беше донесена одлука трката да продолжи во 19:02 часот, повторно под безбедносното возило.
Возачите добија дозвола за тркање на крајот од 31-от круг. Макс Ферстапен повторно беше најрасположен за тоа и со прекрасен потег од надворешната страна на третиот свиок го претекна Розберг за второто место. Младиот Холанѓанец потоа се обиде да го стигне и Луис Хамилтон, но за малку тоа ќе го чинеше пред времен крај на трката, кога во 39-от круг изгуби контрола врз болидот при влез во главниот правец,. Во манир на голем возач успеа да продолжи и плус да се одбрани од Нико Розберг.
Во тимот на Ред Бул беа решени да се пробаат на интермедиа гуми, па ова извртување на Холанѓанецот беше знак да ги повикаат своите возачи за нова промена на гумите. Ферстапен се врати на 5-тото, додека Рикиардо на 10-тото место. Австралијанецот при овој пит-стоп ја издржа и добиената казна од 5 секунди. Напред, Хамилтон имаше комфорна предност пред Розберг, Серџо Перез и Карлос Саинц ЈР.
Текот на трката повторно се измени во 47-от круг, кога Фелипе Маса излета во последниот свиок и неговиот болид застана на влезот од боксевите. Безбедносното возило веднаш излезе на патеката. Фелипе Маса, на својата последна трка пред домашната публика имаше долга и емоционална прошетка назад до гаражата на Вилијамс, собирајќи ги аплаузите од страна на домашните фанови, тимовите на Мерцедес АМГ и Ферари. Многумина заплакаа во напливот на емоции.
Во текот на оваа фаза Рикиардо, влезе во бокс по гуми за дожд, со оглед на тоа што временските услови се влошуваа. Ферстапен иако остана на патеката, по тимското радио беше загрижен дека интермедиа гумите не може да му донесат напредок во поредокот. На крај се одлучи за единственото можно решение, да влезе во бокс по гумите за дожд, иако тоа значеше враќање на 16-тото место. Безбедносното возило ја напушти патеката на крајот од 55-от круг, кога на сцена стапува летечкиот Холанѓанец и до 65-от круг беше на 6-то место, зад Ветел.
Сите очекувавме поголем отпор од Ферарито со оглед на нивната историја од претходните трки, но тој траеше само неколку свиоци. До крајот лесен залак беа Карлос Саинц ЈР., кој во тој момент го држеше одличното за него 4-то место, и Серџо Перез, кој исто така лесно го предаде последното место на подиумот на само два круга до финишот на трката. За нешто повеќе немаше време.
На крај, Луис Хамилтон за прв пат победи на Големата Награда на Бразил со 11 секунди предност пред Нико Розберг. Ферстапен го заслужи третото место, со своето неверојатното возење пред Перез, Ветел, Саинц ЈР. и Хулкенберг. Рикиардо беше осми пред Наср, кој ги забележа првите два поени за Заубер, за поминување на Манор во пласманот на конструктори. Фернандо Алонсо беше 10-ти, за последниот поен на оваа трка. Со ова, предноста на Розберг во генералниот пласман на возачи е намалена на 12 поени, па битката за титулата продолжува во Абу Даби за две недели.
Голема Награда на Бразил,
Интерлагос,Хозе Карлос Пејс, Сао Паоло
71 круга, 305.909км., Време: Сончево.
ПЛАСМАН:
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ
1. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 3ч01:01.335
2. Нико Розберг Мерцедес АМГ + 11.455
3. Макс Ферстапен Ред Бул + 21.481
4. Серџо Перез Форс Индија + 25.346
5. Себастијан Ветел Ферари + 26.334
6. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо + 29.160
7. Нико Хулкенберг Форс Индија + 29.827
8. Даниел Рикиардо Ред Бул + 30.486
9. Фелипе Наср Заубер + 42.620
10. Фернандо Алонсо Мекларен + 44.432
11. Валтери Ботас Вилијамс + 45.292
12. Естебан Окон Манор + 45.809
13. Данил Квјат Торо Росо + 51.192
14. Кевин Магнусен Рено + 51.555
15. Паскал Верлајн Манор + 1:00.498
16. Џенсон Батон Мекларен + 1:21.994
Најбрз Круг: Макс Ферстапен - 1:25.305
БЕЗ ПЛАСМАН:
Естебан Гутиерез Хас
Фелипе Маса Вилијамс
Џолион Палмер Рено
Кими Раиконен Ферари
Маркус Ериксон Заубер
Роман Грожан Хас
Генерален пласман по 20 трки:
Возачи: Конструктори:
1. Нико Розберг 367 1. Мерцедес АМГ 722
2. Луис Хамилтон 355 2. Ред Бул 446
3. Даниел Рикиардо 246 3. Ферари 375
4. Себастијан Ветел 197 4. Форс Индија 163
5. Макс Ферстапен 192 5. Вилијамс 136
6. Кими Раиконен 178 6. Мекларен 75
7. Серџо Перез 97 7. Торо Росо 63
8. Валтери Ботас 85 8. Хас 29
9. Нико Хулкенберг 66 9. Рено 8
10. Фернандо Алонсо 53 10. Заубер 2
11. Фелипе Маса 51 11. Манор 1
12. Карлос Саинц ЈР. 46
13. Роман Грожан 29
14. Данил Квјат 25
15. Џенсон Батон 21
16. Кевин Магнусен 7
17. Фелипе Наср 2
18. Џолион Палмер 1
19. Паскал Верлајн 1
20. Штофел Вандорн 1
Ферстапен и Хорнер тим-радио...
Хамилтон успеа во својата намера...


