Следниот викенд, 24-26 Март следува Големата Награда на Австралија, на патеката во Алберт Парк со што традиционално ќе се означи почетокот на уште една нова сезона во Ф1 Шампионатот, четврта по ред по воведувањето на Хибридните Погонски Единици чија основа се V6 Турбо моторите. Се тоа беше направено со цел да се прекине доминацијата на еден тим, Ред Бул, но ефектот беше уште полош. На сцена стапува Мерцедес АМГ чии болиди веќе три сезони по ред имаат уште поголема доминација. За оваа година повторно се менуваат правилата, сега имаме порадикални аеро промени за анулирање на доминацијата на Сребрените стрели. Како ќе заврши оваа промена, најверојатно, ќе покаже уште првата трка од сезоната.
Минатата година имавме неколку интересни трки, две Победи на Ред Бул, по една за Макс Ферстапен и Даниел Рикиардо, но, сепак доминацијата на Мерцедес АМГ беше голема и не дозволи да имаме борба за Шампионските Титули помеѓу повеќе тимови. Единствено возбудување беше тимската борба за Титулата кај поредокот на возачи, каде Нико Розберг конечно успеа да стигне до врвот на Ф1 и веќе не е возачот кој има најмногу Победи без освоена Титула. Како последица тоа донесе негово изненадно пензионирање од мотоспортот и негово целосно посветување на семејството и уживање на шампионските привилегии.
По осум дена на тестирање пред стартот на сезоната, кои се одвиваа на патеката Каталуња во Барселона, се чини дека водечките тимови можеби се многу поблиску еден до друг. Болидите на Ферари изгледаат многу брзи, Мерцедес АМГ не заостануваа многу зад нив, но сите аналитичари тврдат дека сребрените стрели не го користеа својот максимум, додека Ред Бул и можеби Вилијамс, исто така, изгледаат ветувачки. Според најавите од Мерцедес-Бенц за стартот на сезоната сите корисници на Мерцедес ПЕ ќе ја добијат најновата спецификација која има +70КС поголема моќност.
Враќањето на Хонда, како снабдувач со ПЕ за тимот на Мекларен, не оди според очекуваното, па и во нивната трета заедничка сезона, несигурноста и немоќноста останува, а со тоа се зголемува разочарувањето на Фернандо Алонсо. Напредокот е од суштинско значење, но во Барселона немаше знаци за тоа. Новиот портокалово обоен MCL32 има очајна потреба од добра ПЕ како би бил во позиција за пласман на Победничкиот подиум, нешто што во моментов изгледа многу далечен сон за овој тим.
Новите технички правила резултираа со помоќни и малку потешки болиди, поради зголемената потисна сила и механичкиот грип од пошироките гуми на Пирели. Тие ќе бидат многу побрзи од нивните претходници, и може да бидат запишани во историјата како најбрзите Формула 1 болиди. Сепак, се ова ќе биде заборавено ако не се исполни примарната цел, шампионатот да биде многу поспектакуларен.
Како клучен дел од новиот пакет мерки се гумите на Пирели кои се за 25 отсто поголеми од лани, за да обезбедат повеќе механички грип, кој би ги помогнал значителните промени во аеродинамиката на болидите. Предните гуми од 245мм се зголемени на 305мм, додека задните од 325мм на 405мм. Бандажите остануваат исти 13-ки. Исто толку важно е што Пирели повторно ќе ги снабдува тимовите со вообичаените смеши: тврда, медиум, мека, супер-мека и ултра-мека гума, но сега целата филозофија е променета кон тоа тие да се направат многу потрајни, па возачите да можат повеќе да ги форсираат.
Кога сме кај аеродинамиката болидите, тие сега се пошироки и тоа од 1,8 метри на 2 метри, предното крило се зголемува од 1,65 на 1,8 метри, и треба да има закосена форма за "позастрашувачки" изглед, измена што инженерите и не ја посакуваа баш толку многу.
Висината на задното крило е намалена од 950 на 800мм, додека ширината е зголемена од 750 на 950мм, а страничните делови кои порано беа правоаголни, сега се закосени наназад, но сето тоа доведе до враќање на непопуларните перките над моторот кои имаат задача да го смират турбулентниот воздух.
Одредени тимови на тест сесиите, вклучувајќи ги тука Мерцедес АМГ, Ферари, Хас и Вилијамс воведоа новина, која досега не била не нити еден болид, "Т-крилја" над местото каде што завршуваат перките. Решение кое можеби ќе остане и за првата трка во Мелбурн.
Со оваа сезона им се дава поголема слобода на инженерите во пределот на болидот пред отворите за воздух, кој е клучен за ефикасноста на протокот на воздух од предната страна кон задниот дел на каросеријата и дифузорот на болидот, кој е зголемен, па претходно започнуваше со централната линија на задната оска, за сега да започнува 175мм пред неа. Претходно беше широк 1000мм и 125мм длабок, сега дифузорот е 1050мм со 175мм, што треба да генерира повеќе потисна сила. Минималната тежина на болидите од 702 килограми, сега се зголеми на 722 за да се овозможат неговите поголеми димензии.
Кога сме кај спортските правила, најважно е да го споменеме новото линеарно поставување на куплунгот, па така возачот ќе треба сам да го најде/почувствува точниот момент кога куплунгот, по наше кажано, "фаќа", за да има најдобар можен старт без прекумерно пролизгување на тркалата или "гушење" на моторот.
Нова измена имаме и кога ќе се процени дека безбедносното возило е потребно за почеток на трката поради влажно време, па за разлика од претходните сезони сега болидите ќе имааат стоечки старт кога ќе се одлучи дека патеката е безбедна за тркање. Значи по заминувањето на безбедносното возило болидите ќе се наредат на стартниот грид за стоечки старт за продолжување на трката.
Формула 1 мотоспортот останува зависен од значителни финансиски средства за нормално функционирање на еден тим, па помалите тимови имаат големи проблеми за да го обезбедат својот опстанок. Најновата жртва е минатогодишниот тим на Манор Рејсинг, кој банкротираше и нема да се натпреварува во оваа сезона.
Сега единствениот тим со значителни финансиски проблеми останува тимот на Заубер, а следствено на тоа тим кој ќе биде "закован" на дното на табелите во поредокот на возачи и конструктори. Се надеваме дека Заубер, еден од тимовите со најголем стаж во Ф1 Шампионатот нема да ја доживее судбината на Манор, Катерам, Лотус.
Оваа година имаме два нови дебитанти во Штофел Вандорн, кој го замени Џенсон Батон во Мекларен и Ленс Строл кој се приклучи во тимот на Вилијамс, од каде Валтери Ботас замина во Мерцедес АМГ, како замена за предвреме пензионираниот 2016 Шампион, Нико Розберг. Тоа повлече едногодишно продолжување на престојот во Ф1 и на Фелипе Маса.
Во болидот на Рено ќе седне Нико Хулкенберг, додека Кевин Магнусен се пресели во тимот на ХАС, каде немаше место за Естебан Гутиерез. Исто така, во Заубер немаше место за Фелипе Наср, кој беше заменет од страна на Паскал Верлајн, возач на академијата на Мерцедес.
ПИРЕЛИ - Тимовите на располагање имаат три номинации за секој тркачки викенд, од кои една од најтврдите смеша е задолжителна за користење во трката, а најмеката во Q3 сегментот на квалификациите. Се ова се прави за поголем број на можни стратегии за тимовите, со тоа и поинтересни трки.
Возачите ќе имаат идентична распределба на сетови за првите пет трки од сезоната, а потоа ќе може сами да го бираат бројот на сетови од трите номинации.
Пирели дополнително подготви и голем број на резервни гуми, со компоненти слични на тие од 2016 година, во случај новите гуми да не одговараат на новите болиди. Тие ќе бидат достапни, ако е потребно да се воведат во било кој период на сезоната. Повеќе за 2017 палетата на Пирели на следниот ЛИНК.
Во Австралија, за трката која ќе се одржи на 26 Март на патеката Алберт Парк во Мелбурн, ќе бидат користени следните три смеши: Жолтата Мека, Црвената Супер-мека и Виолетовата Ултра-мека. Во неделата задолжително мора да се искористи еден сет од меките или супер-меките гуми, додека во Q3 сесијата од квалификациите задолжително е користење на еден сет од ултра-меките гуми. На најбрзите 10 возачи тој сет им се одзема веднаш по завршетокот на сесијата, но останатите возачи ќе го задржат за трката.
ИСТОРИЈА - Кога Формула 1 дојде во Австралија во 1985 година, своја база ја имаше во Аделаида. Но, Боб Џејн, екс-тркач кој подоцна станал претприемач сакал да има трка во Мелбурн. Тој го создаде AUSCAR Шампионатот, пандан на Американскиот NASCAR. Тоа било основа за создавање на голема мотоспорт заедница во Мелбурн, која постепено го зголемувала притисок кон политичарите. Така, во 1992 година Џеф Кенет е избран за нов премиер на државата Викторија, кој веднаш се насочил кон подобрување на тркачкиот профил на Мелбурн.
Прва желба на листата била доведување на Големата Награда на Австралија. Веќе во 1993 година е потпишан договор со Формула 1, но договорот со Аделаида истекувал во 1995 година. Кенет имаше доволно време на располагање за подготовка. Патеката почна да се гради на убавиот Алберт Парк во Мелбурн. Првата трка беше одржана на време во 1996 година. Трката веднаш станува многу популарна кај возачите и фановите, кои со нестрпливост ја очекуваат секоја следна трка.
ПОГОНСКИ ЕДИНИЦИ - Системот на токени за развој на ПЕ е стопиран, оставајќи ги тимови слободно да го подобруваат нивниот дизајн во текот на сезоната се додека не биде надминат бројот од четири ПЕ по возачот за 20-те трки. Сепак, производителите остануваат ограничени во рамките на 1.6 литарски мотори и ЕРС-систем од 4 Мегаџули по круг. Болидите сега ќе имаат 105 килограми гориво, што претставува зголемување од пет проценти. Но, постојат нови ограничувања за користење на само пет мешавини на гориво во текот на целата сезона, со само две дозволени на еден тркачки викенд.
ТВ ПРЕНОС кај нас во Македонија ќе врши МТВ, Квалификации и Трка, додека тренинг сесиите ќе може да ги следат оние кои имаат Макс ТВ со вклучена комплетна понуда на Спорт Клуб каналите. Останатите за тренинзите ќе се снајдуваме по стримовите на интернет.
На крај сите сакаме да знаеме кој ќе победи во Мелбурн? Нашите размислувања на таа тема ги имате во АНАЛИЗАТА НА ТЕСТ СЕСИИТЕ ВО БАРСЕЛОНА.
ВО ПРЕСРЕТ НА ПОЧЕТОКОТ НА НОВАТА 2017 Ф1 СЕЗОНА
3/19/2017 01:34:00 PM
0
Share to other apps








