Q1
Денес Хамилтон немаше конкуренција и беше најбрз во сите квалификациски сесии, држејќи константна разлика од 3-4 десетинки пред второпласираните возачи на табелата. Најдобар од најбавните беше Антонио Џовинаци, кој во последен момент влета како замена за Паскал Верлајн, кој не се чувствувал спремен дека може да ја издржи цела трка во болидот на Заубер. На резервниот возач на Ферари му фалеа две десетинки од секундата да биде побрз од Маркус Ериксон кој го имаше граничното време за пласман во Q2 сесијата.
За разлика од својот тимски колега од Хас, кој успеа да влезе во најбрзите десет, Кевин Магнусен има големи проблеми со новиот болид, имаше излетување надвор од патеката и не успеа да забележи репрезентативно време за продолжување на својот настап. Но, тој успеа да биде незначително побрз од вториот болид на Мекларен-Хонда со Штофел Вандорн, кој комплетираше само еден брз круг поради проблеми со протокот на гориво.
Во тимот на Вилијамс успеаа да го санираат болидот на дебитантот во својот тим, Ленс Строл, по неговиот инцидент на саботниот тренинг, но тој успеа да забележи само 19-то најбрзо време, плус се соочува со казна од 5 стартни места поназад за промена на менувачот. Џолион Палмер имаше најбавно време од 20-те возачи, повеќе од една секунда заостанување зад Строл и дури три зад тимскиот колега од Рено, Нико Хулкенберг.
Q2
Најголемо изненадување во оваа сесија беше тоа што нити еден од болидите на Форс Индија не успеа да помине во Q3 сесијата. Најблиску до тој успех беше Серџо Перез, кој се пожали на проблеми со менувачот, и му недостасуваа само 0.074 делови од секундата и покрај подобрувањето од речиси четири десетинки при неговиот втор брз круг. Неговиот тимски колега, Естебан Окон се уште се навикнува со новиот болид и успеа да биде побрз само од Маркус Ериксон за 14-тата позиција.
Нико Хулкенберг го имаше 12-тото најбрзо време на својот деби настап за тимот на Рено и само 0.010 секунди зад Перез, додека Фернандо Алонсо успеа да го донесе проблематичниот Мекларен-Хонда до 13-та стартна позиција и изјави дека нема ништо убаво за фалење со оваа позиција на гридот. Ериксон и да сакаше не можеше да направи повеќе со болидот кој е придвижуван со 2016 Ферари ПЕ.
Q3
Со почетокот на последната сесија веќе се знаеше дека Хамилтон ќе стигне лесно до Пол позицијата, но имаше најави за дожд, па болидите веднаш се упатија на патеката за да постават брзи кругови. Само Мерцедес АМГ и Ферари успеаа во својата намера, додека сите останати ги зафркна Даниел Рикиардо, кој излета од патеката при 14-от свиок и заврши во бариерите. Во тој момент Хамилтон беше три десетинки пред Себастијан Ветел, кој пак беше само две илјадинки од секунда побрз од Ботас на третата позиција. Кими Раиконен некако разочара со денешниот настап и никој не очекуваше дека нема да биде во можност да го следи темпото на својот тимски колега и да заостанува повеќе од половина секунда зад него. Следуваше краток период на црвено знаме.
Кога беше расчистен РБ13 на Рикиардо, сесијата продолжи како и што застана. Луис Хамилтон извозе уште побрз круг, 1:22.188 за запечатување на Пол позицијата, а тоа воедно беше и ново рекордно најбрзо време што е забележано од страна на Ф1 болид на патеката во Алберт Парк.
Хамилтон го симна од врвот својот тимски колега, Валтери Ботас, кој прв го имаше подобрено најбрзото време од почетните брзи круга, за потоа Себастијан Ветел да ги раздели болидите на Мерцедес АМГ со забележување на второ најбрзо време при својот втор брз круг, маргинално побрзо од Финецот во тимот на Мерцедес АМГ. Кими Раиконен беше четврти најбрз и по вторите брзи кругови и повторно со повеќе од половина секунда поназад.
Макс Ферстапен заврши на петтата позиција, со дополнителна половина секунда пред Роман Грожан, кој имаше неверојатен пласман со болидот на Хас во најбрзите шест болиди, речиси четири десетинки пред Вилијамсот на Фелипе Маса, кој пак беше незначително побрз од Карлос Саинц ЈР и Данил Квјат со болидите на Торо Росо. Рикиардо поради инцидентот заврши без поставено време и старт од 10-тата позиција.
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ РАЗЛИКА
1. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1:22.188
2. Себастијан Ветел Ферари 1:22.456 + 0.268
3. Валтери Ботас Мерцедес АМГ 1:22.481 + 0.293
4. Кими Раиконен Ферари 1:23.033 + 0.845
5. Макс Фестапен Торо Росо 1:23.485 + 1.297
6. Роман Грожан Хас 1:24.074 + 1.886
7. Фелипе Маса Вилијамс 1:24.443 + 2.255
8. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо 1:24.487 + 2.299
9. Данил Квјат Торо Росо 1:24.512 + 2.324
10. Даниел Рикиардо Ред Бул не пост. време
Q2 Најбрзо време: Луис Хамилтон 1:23.215
11. Серџо Перез Форс Индија 1:25.081 + 1.866
12. Нико Хулкенберг Рено 1:25.091 + 1.876
13. Фернандо Алонсо Мекларен 1:25.425 + 2.210
14. Естебан Окон Форс Индија 1:25.568 + 2.353
15. Маркус Ериксон Заубер 1:26.465 + 3.250
Q1 Најбрзо време: Луис Хамилтон 1:24.191
16. Антонио Џовинаци Заубер 1:26.419 + 2.228
17. Кевин Магнусен Хас 1:26.847 + 2.656
18. Штофел Вандорн Мекларен 1:26.858 + 2.667
19. Ленс Строл* Вилијамс 1:27.143 + 2.952
20. Џолион Палмер Рено 1:28.244 + 4.053
107% време: 1:30.084
* Строл, 5 стартни места, промена на менувач
2014 Луис Хамилтон, Мерцедес АМГ, 1:44.231 (Д)
2015 Луис Хамилтон, Мерцедес АМГ, 1:26.327
2016 Луис Хамилтон, Мерцедес АМГ, 1:23.837
2017 Луис Хамилтон, Мерцедес АМГ, 1:22.188









