Случувањата на Австралиското ГП започнаа уште за време на формацискиот круг кога болидот на миленикот на домашната публика, Даниел Рикиардо драстично ја намали својата брзина. Инженерите на Ред Бул работеа напорно во текот на ноќта да го санираат РБ13, по инцидентот на квалификациите и дополнително мораа да извршат промена на менувачот, што му донесе казна од 5 стартни места поназад по што требаше да стартува како 15-ти на патеката.
Австралијенацот не успеа да стигне до својата позиција и мораше да влезе во бокс, со болдиот заглавен во шеста брзина. Неговите механичари започнаа со поправки, за тој да може да стартува од боксот. Кога болидите се наредија на гридот, настана конфузија кај директорот на трката околу позициите на болидите, по отсуството на Рикиардо па следуваше уште еден круг за загревање.
Трката конечно стартуваше во вториот обид, при што Луис Хамилтон го задржа првото место без поголема борба во првиот свиок. Ветел се најде под притисок на Ботас, а Кими Раиконен беше нападнат од Макс Ферстапен, но немаше промени на стартниот поредок. При крајот од првиот круг, болидот на Рикиардо конечно запали и тој се приклучи на акцијата со заостанување од еден круг.
Хамилтон се обидуваше да направи поголема разлика до Ветел, но возачот на Ферари успеваше да го следи темпото и во текот на првите 15 круга не дозволи таа да се зголеми на повеќе од 1.5 секунди. Ботас се одржуваше на третото место, околу шест секунди пред Кими Раиконен. Ферстапен беше петти пред Фелипе Маса, Роман Грожан, Карлос Саинц ЈР., Серџо Перез и Данил Квјат.
Кога сите во тимот на Хас помислија дека Роман Грожан ќе успее да има добар финиш со многу поени, Ферари ПЕ во неговиот болид зачади и тој мораше да се повлече од трката. Никој не спомена, но загрижувачки е фактот што на оваа трка релативно многу Ферари ПЕ откажаа, таа со 2016 спецификации во тимот на Заубер и новите во тимот на Хас. Секако тука е и вчерашната промена на акумулаторите на ЕРС-системот во болидот на Кими Раиконен.
Хамилтон, како што по трката изјави, поради проблеми со прекумерно абење на гумите и недостаток на грип, се реши за промена на своите гуми веќе во 17-от круг и премина на меките жолти гуми. Тој на патеката се врати на 5-тото место, недалеку зад Ферстапен и во тој момент Ветел го презеде водството. Набргу потоа, преку тимското радио на Хамилтон му беше кажано дека трка за победата е критична и дека што побрзо треба да го помине Ферстапен, но Британецот по неколку круга мораше да констатира дека не постои начин да го претекне Холанѓанецот.
Ветел го имаше својот прв и последен пит-стоп, кога излезе на меки гуми, во 23 круг и на патеката се врати пред Ферстапен и Хамилтон. Возачот на Ферари за брзо време направи предност од 6 секунди. По влегувањето во бокс на Ферстапен, Хамилтон имаше чиста патека, но денес неговиот болид не работеше како што треба и никако не успеше да се приближи до водечкиот.
Валтери Ботас беше цело време на 2-3 секунди зад својот тимски колега, но нити во еден момент не се обиде да направи нешто повеќе, со што добивме впечаток дека тој ја има зацементирано позицијата на втор возач во тимот на сребрените стрели. Веќе по првата трка ни недостига Нико Розберг, кој никогаш не се согласи да го штити грбот на Британецот.
Макс Ферстапен при 41-от круг придонесе за поголема тензија на трката, кога започна драстично да ја намалува предноста на Кими Раиконен, но, иако изгледаше дека ќе може да атакува на Финецот при крајот на трката, уште еднаш се потврди неговата изјава дека претекнувањето на оваа патека е невозможно.
На неколку круга до крајот на трката, Фернандо Алонсо го имаше 10-тото место и ќе беше сензација доколку Мекларен-Хонда освоеше поен на оваа трка, меѓутоа тој беше под притисок на Окон и Хулкенберг, за во еден свиок да изгуби две позиции. Потоа, следуваше механички проблем на MCL32, кој го принуди да се повлече од трката.
На крај, Ветел ја забележа за својата прва победа за Ферари по 2015 Сингапур ГП-то, Хамилтон беше втор, пред Ботас на третото место. Кими Раиконен го освои четвртото место и може да се каже дека очекувавме многу повеќе од него на оваа трка. Следуваше Макс Ферстапен пред Маса, Перез, Саинц ЈР., Квјат и Естебан Окон за заокружување на пласманот кој носи поени.
Само уште тројца возачи ја завршија трката, со Нико Хулкенберг на 11-тото место за Рено, резервниот возач на Ферари, Антонио Џовинаци беше 12-ти за Заубер, додека тринаесеттото место му припадна на Штофел Вандорн со Мекларен.
Голема награда на Австралија, Алберт Парк, Мелбурн.
57 круга, 307.574км., Време: Сончево.
ПЛАСМАН:
П. Возач Тим Време
1. Себастијан Ветел Ферари 1ч24:11.672
2. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ + 9.975
3. Валтери Ботас Мерцедес АМГ + 11.250
4. Кими Раиконен Ферари + 22.393
5. Макс Ферстапен Ред Бул + 28.827
6. Фелипе Маса Вилијамс + 1:23.386
7. Серџо Перез Форс Индија + 1 круг
8. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо + 1 круг
9. Данил Квјат Торо Росо + 1 круг
10. Естебн Окон Форс Индија + 1 круг
11. Нико Хулкенберг Рено + 1 круг
12. Антонио Џовинаци Заубер + 2 круга
13. Штофел Вандорн Мекларен + 2 круга
Најбрз круг: Кими Раиконен - 1:26.538
БЕЗ ПЛАСМАН:
Возач Тим
Роман Грожан Хас
Џолион Палмер Рено
Маркус Ериксон Заубер
Даниел Рикиардо Ред Бул
Ленс Строл Вилијамс
Кевин Магнусен Хас
Фернандо Алонсо Мекларен
Генерален Пласман по 1-та трка:
Возачи: Конструктори:
1. Себастијан Ветел 25 Ферари 37
2. Луис Хамилтон 18 Мерцедес АМГ 33
3. Валтери Ботас 15 Ред Бул 10
4. Кими Раиконен 12 Вилијамс 8
5. Макс Ферстапен 10 Форс Индија 7
6. Фелипе Маса 8 Торо Росо 6
7. Серџо Перез 6
8. Карлос Саинц ЈР. 4
9. Данил Квјат 2
10. Естебан Окон 1
Севастијан Ветел победник...
Можеби најдобриот потег на денот...






