Петочните тренинг сесии се зад нас, Луис Хамилтон го постави најбрзото време со половина секунда пред Себастијан Ветел и Ферари. Денес видовме резултати кои се околу пет секунди подобри од минатата година, со оглед на поголемата потисна сила на болидите, но и фактот што за прв пат на оваа патека Пирели ги донесе ултра-меките гуми, кои пак од друга страна се потврди од ланските супер-меки гуми. Нивните инженери разликата во перформанси помеѓу трите смеши ја измерија на 0.7 секунди по круг. Според тоа, најмеката, Улта-Мека е за 1.4 секунди побрза од најтврдата, Мека, смеша за овој викенд. На тест сесиите во Барселона оваа разлика изнесуваше 0.3-0.5 секунди. Во очекување на саботниот тренинг и Квалификациите, ви ги пренесуваме на едно место сите поважни изјави на сите инволвирани во овој мотоспорт.
Да започнеме со денес најбрзите, Луис Хамилтон и Мерцедес АМГ. Тото Волф, Шефот на Мерцедес АМГ, е задоволен со тоа како помина денот:
"Денес имавме еден од нашите најдобри петоци. Во моментов, Луис Хамилтон, е во сопствена лига и никој не може да биде на негово ниво. Нашите брзина во еден круг беше неверојатна и стабилна во долгите стинтови. На ултра-меките гуми поминавме 17 круга, што значи дека новите гуми се попостојани од минатата година. Пирели завршиле добра работа, па сега возачите може да форсираат многу повеќе. Темпото не опаѓа остро како во минатото. Јас сум среќен со тоа како помина денот."
Луис Хамилтон, пак вели дека нивната форма од тест сесиите и денешните тренинг сесии е како ден и ноќ:
"Во Мелбурн, се чувствувам како дома. Секогаш има многу фанови кои ме поддржуваат многу страствено. Среќен сум што можам да ги види и да се наполнам со позитивна енергија. Одлично е што повторно сме во акција, а уште подобро е што денот беше одличен, би рекол 99% од идеалниот. На тест сесиите во Барселона имавме некои проблеми, за кои не бевме сигурни дека ќе се повторат и тука, но по завршувањето на денот, може да се каже дека болидот е целосен погодок."
"Нашите момци си ја знаат својата работа и ние сме во добра форма како на кратки, квалификациски стинтови, така и на долгите стинтови. Сепак, до квалификациите треба да го следиме тимот на Ферари, кои изгледаат брзо, и да не дозволиме да не изненадат. Јас ќе сторам сé што е можно да победам на оваа трка."
Ферари на пред сезонските тест сесии не беше инфериорен во однос на Мерцедес АМГ, но, како и секогаш кога ќе дојде вистинското нешто нивните перформанси како да исчезнуваат. Себастијан Ветел беше запрашан дали и оваа сезона тоа ќе се повтори, судејќи по денешните резултати.
"Во принцип, сè помина добро. На предпладневната тренинг сесија имавме некои проблеми, но, попладнето веднаш влегов во ритам. Имаме потенцијал за поголеми перформанси и сум сигурен дека тимот ќе вложи максимални напори да се подобриме. Бевме задоволни од тоа како поминаа тест сесиите во Барселона, но секогаш велевме дека времињата не значат ништо, дека брзината е важна овде во Мелбурн."
"Минатата година не може да се споредува, бидејќи ова е сосема нов болид кој се однесува добро на патеката и секако може да се подобрува. Пред една година, кога пристигнавме во Алберт Парк, имавме големи очекувања, сега внатре во тимот немаме никакви очекувања, сега имаме сосема поинаква сезона и сме сконцентрирани само на напорна работа и не следиме што се пишува по медиумите."
Кими Раиконен, кој ги имаше четвртото најбрзо време, е оптимист и не им придава големо значење на денешните резултати.
"Немав некои очекувања, како денес, така и на тестовите. Ние едноставно работиме на нашата зацртана програма. Во принцип, треба да бидеме задоволни од постигнатото."
Миленикот на домашната публика, Австралијанецот, Даниел Рикиардо вели дека се потврдиле неговите сомневања дека Луис Хамилтон и Мерцедес АМГ се премногу брзи, но дека може да се носат со Валтери Ботас, кој се навикнува на нивниот болид.
"Во првата сесија имавме ветувачки резултати, но попладнето некои решенија не работеа како што посакувавме. Пол позицијата можеби е недостижна, но ние сме блиску зад лидерите. Ако работите се одвиваат како на утринската сесија, ние ќе бидеме во можност да се носиме со Ферари, но потребно е да се извлечат заклучоци за падот на перформансите во втората сесија. Очекував дека патеката ќе биде побрза, но ќе видиме каква ќе биде ситуацијата во сабота. Уште во Барселона сфатив дека ќе биде тешко да се парира на темпото на Мерцедес АМГ, денес тоа се потврди, но тоа не значи дека веднаш ќе се откажеме од потерата по нив."
Рикиардо се пошегува и на сметка на својот тимски колега, Холанѓанецот, Макс Ферстапен, околу неговото излетување надвор од патеката: "Пред тренинг сесијата со Макс разговаравме и дојдовме до заклучок дека тревата околу дванаесеттиот свиок е премногу висока, па тој реши веднаш да преземе иницијатива на тој план, но во Австралија тоа го правиме поинаку! Шегата на страна, утре сакаме да имаме многу подобри резултати."
Макс Ферстапен, додаде: "Денес пробувавме да го најдеме вистинскиот сет-ап и баланс на нашиот болид, РБ13, кој се однесува во согласност со очекувањата и е многу побрз низ свиоците на оваа прекрасна улична патека. Во втората сесија завршив надвор од патеката и за жал, го оштетив подот на болидот, така што мојата работа на втората сесија мораше да биде завршна многу порано од предвидениот финиш. Важно е да се биде што подобар на утрешните квалификации, бидејќи претекнувањето на неделната трка ќе биде многу тешко остварливо."
Повторно најголемото разочарување и на оваа 2017 сезона е тимот на Мекларен-Хонда од кој сите очекувавме многу повеќе, но тие сеуште се борат со детски болести.
Ерик Булие, тимскиот шеф, изјави: "По многуте проблеми на пред сезонските тестови, драго ми е што денес имавме минимум отсапки од планираната програма на двата болиди и правиме сигурни чекори напред. Во првата сесија ја оценувавме ефикасноста на одредени нови решенија, додека на втората бевме посветени на долга серија на кругови. Првиот ден од тркачкиот викенд беше позитивен за нас."
Фернандо Алонсо: "Моментално не ми е грижа поредокот на гридот и тоа дали наши противници се тимовите кои се борат за средината. Ние сакаме да бидеме Шампиони, да бидеме на подиумот, да победуваме во трките, но се уште сме далеку од тоа. Денес бевме во можност да комплетираме повеќе круга отколку на зимските тестови, но загрижува моќта, т.е. немоќта на нашата ПЕ. Кога возев позади друг болид, а разликата беше педесет метри меѓу нас низ свиоците, таа на правците се зголемуваше на двесте. Тоа е многу разочарувачки."
Јусуке Хасегава, шефот на Хондината Ф1 програма: "За утрешнитe квалификации ние ќе го промениме режимот на работа на ПЕ за да се постигнеме поголема моќност, но воопшто не можеме да бидеме задоволни со моменталната ситуација. Заедно со инженерите на Мекларен ќе работиме напорно во текот на третиот тренинг за да имаме што подобар и побрз болид."
Во останатите тимови, задоволство се чувствува кај Торо Росо, каде велат дека болидот, STR12, се однесувал подобро отколку што очекувале. Основата ја поставиле, сега само треба да се напредува.
Како интересен факт да ги споменеме и првите казни на 2017 сезоната, тоа беа возачите Серџо Перез и Нико Хулкенберг кои добија казна за брзо возење низ пит линијата и ќе мора да платат по 200 евра.
ПЕТОЧНИТЕ ТРЕНИНЗИ ОД АГОЛ НА САМИТЕ УЧЕСНИЦИ
3/24/2017 04:39:00 PM
0
Tags
Share to other apps









