На стартот, Валтери Ботас успеа да ја задржи водечката позицијата по првиот свиок. Хамилтон, пак, ја загуби втората позиција и беше претекнат од страна на Ветел, кој за разлика од првите две трки од сезоната имаше одличен старт.
Макс Ферстапен со Ред Бул по кој знае кој пат потврдува дека има голем талент кога е во прашање тркањето и од шестата позиција стигна до четвртото место поминувајќи ги Рикиардо и Раиконен, кој од петтата стартна позиција, падна на седмото место.
Во текот на првите круга, Ботас не беше во можност да создаде позначителна предност, па првите пет возачи во 10-от круг беа распоредени во само три секунди.
Ферари со Ветел беа првите што решија да се коцкаат, чувствувајќи дека се побрзи од болидот на Мерцедес АМГ и веќе во тој 10-ти круг влегоа во бокс за промена на гумите, а изборот повторно беше супер-меката смеша.
Истото се обидоа да го копираат и од Ред Бул со Макс Ферстапен, но по излегувањето на патеката Холанѓанецот излета надвор од патеката и заврши во заштитните бариери, известувајќи го својот тим дека откажале сопирачките на РБ13.
Неколку моменти подоцна коцкањето на Ветел се исплати во целост кога на патеката излезе безбедносното возило, по судирот на Карлос Саинц ЈР. и Ленс Строл. По трката стјуардите како виновник го посочија Шпанецот, кој на следната трка ќе стартува три места поназад.
Ботас веднаш беше повикан за промена на гумите и Ветел го превзеде водството. Хамилтон беше повикан во боксот во исто време како и неговиот тимски колега и како што тој се приближуваше кон пит линијата забави драматично, како не би чекал многу за промена на своите гуми, но при тоа зад себе го имаше Рикиардо, што доведе до негово непотребно забавување.
Стјуардите за овој инцидент му доделија казна од пет секунди на Хамилтон, за неоправдано бавно возење до боксот.
Редоследот беше Ветел на првото место со супер-меки гуми, Ботас на второ со истата смеша, додека Рикиардо и Хамилтон, на меки, беа на трето и четврто, соодветно.
Кога безбедносното возило ја напушти патеката, водечкото Ферари успеа со крајни напори да се одбрани од Мерцедесот, но гумите на Ред Булот на Рикиардо не беа добро загреани, па тој беше брзо поминат од страна на Хамилтон, Маса и Раиконен.
Ветел непречен од никого започна да создава разлика пред Ботас, која во 26-от круг изнесуваше 4.8 секунди. Веќе во следниот круг тркачките инженери го советуваа Финецот да му ја препушти својата позиција на неговиот тимски колега кој е значително побрз и Хамилтон премина на второто место. Набргу потоа, Кими Раиконен го претекна Маса, за тоа да му успее и на Даниел Рикиардо.
Валтери Ботас во 30-от круг ја започна втората серија на посети на боксевите и излезе на патеката на меките гуми. Неговиот тимски колега беше во потера на Ветел, чии супер-меки гуми, по комплетираниот 32-ри круг изгледаа потрошени, па Британецот почна подраматично да ја намалува разликата до Ферарито.
Италијанците веднаш реагираа и го повикаа за промена на гумите, а на патеката излезе со меката смеша, веднаш зад Раиконен. Финецот беше лесно поминат и сега тој започна со потерата по Хамилтон, кој во тие моменти имаше предност од 15.7 секунди. До 39-от круг разликата беше намалена на 12.1 секунди.
Хамилтон го имаше својот последен пит-стоп во 41-от круг, кога ја отслужи и казната од пет секунди, и кога сите очекуваа дека ќе излезе на побрзата супер-мека смеша на Пирели, во Мерцедес АМГ се одлучија за меките гуми. Тој падна на третото место, 9.4 секунди зад Ботас и 19-ет зад Ветел, кој сега изгледаше дека лесно ќе стигне до својата втора победа во сезоната.
Во завршната фаза, откако Хамилтон по втор пат го помина Ботас, и го "цедеше" Мерцедесот до максимум, разликата драматично се намалуваше, но Германецот остана смирен и со умерено, но доволно брзо темпо стигна до 44-та Победа во својата кариера.
Хамилтон беше втор, Ботас трет и многу разочаран што мораше да го пропушти својот тимски колега. Четвртото место му припадна на Кими, кој заврши 16.8 секунди пред Рикиардо.
Маса беше шести за Вилијамс, а Серџо Перез со старт од 18-тата позиција стигна на седмото место. На последните три места кои носат поени беа Роман Грожан, Нико Хулкенберг и Естебан Окон.
Голема награда на Бахреин, Сахир.
57 круга, 308.238км., Време: Сува патека/Ноќна трка.
ПЛАСМАН:
П. Возач Тим Време
1. Себастијан Ветел Ферари 1ч33:53.374
2. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ + 6.670
3. Валтери Ботас Мерцедес АМГ + 20.397
4. Кими Раиконен Ферари + 22.475
5. Даниел Рикиардо Ред Бул + 39.346
6. Фелипе Маса Вилијамс + 54.326
7. Серџо Перез Форс Индија + 1:02.606
8. Роман Грожан Хас + 1:14.865
9. Нико Хулкенберг Рено + 1:20.188
10. Естебан Окон Форс Индија + 1:35.711
11. Паскал Верлајн Заубер + 1 круг
12. Данил Квјат Торо Росо + 1 круг
13. Џолион Палмер Рено + 1 круг
Најбрз круг: Луис Хамилтон - 1:32.798
БЕЗ ПЛАСМАН:
Возач Тим
Фернандо Алонсо Мекларен
Маркус Ериксон Заубер
Карлос Саинц ЈР. Торо Росо
Ленс Строл Вилијамс
Макс Ферстапен Ред Бул
Кевин Магнусен Хас
Штофел Вандорн Мекларен
Генерален Пласман по три трки:
Возачи: Конструктори:
1. Себастијан Ветел 68 Ферари 102
2. Луис Хамилтон 61 Мерцедес АМГ 99
3. Валтери Ботас 38 Ред Бул 47
4. Кими Раиконен 34 Форс Индија 17
5. Макс Ферстапен 25 Вилијамс 16
6. Даниел Рикиардо 22 Торо Росо 12
7. Фелипе Маса 16 Хас 8
8. Серџо Перез 14 Рено 2
9. Карлос Саинц ЈР. 10
10. Роман Грожан 4
11. Кевин Магнусен 4
12. Естебан Окон 3
13. Нико Хулкенберг 2
12. Данил Квјат 2
Себастиан Ветел по трката...
Макс Ферстапен...














