Само недела дена по Кинеското ГП, Формула 1 болидите повторно ќе бидат во акција, а врнежливото и облачно време од Шангај ќе биде заменето со потоплите поднебја на Арапскиот Залив со првата ноќна трка од 2017 календарот, Големата Награда на Бахреин. Трката се одржува од 2004 година, а од 2014 година кога ја прославија својата јубилејна 10 трка, организаторите се решија за старт во 18:00 часот по локално време, т.е. се стартува на зајдисонце, за да се заврши во целосна темница, слично на трката во Абу Даби.
Шахир е модерна патека направена по највисоки стандарди, финансирана од моќните шеици. Асфалтната површина е составена од 60.000 тони увезен гранит од Англија, а најголем проблем е пустинската прашина која го намалува нивото на грип. Се карактеризира со четири долги правци, комбинирани со тесни и бавни свиоци. Амбиентална температура може да достигне до 45°C, што го прави ладењето на ПЕ како најголем приоритет. Миксот на бавни кривини на крајот од долгите правци значи дека тоа е една од најтешките патеки за сопирачките во целата сезона.
Се разбира, за време на трката ќе имаме пониски температури, кои сепак достигнуваат над 30°C во 20:00 часот т.е. кога завршува трката. Шакир е патека која најмногу ги истакнува перформансите на погонската единица, како V6 моторот, така и хибридниот дел. Сепак, не треба да заборавиме дека брзина на правците директно зависи и од нивото на аеродинамична потисна сила. Значи од витална важност ќе биде да се погоди вистинското подесување на болидот, за да се извади неговиот максимум од силата на ПЕ и аеро придобивките.
Знаеме дека гумите имаат значително влијание на поредокот, со оглед дека и неколку степени разлика во температурите може да влијаат на балансот на болидите. Пирели и за оваа сезона ги носи супер-меките, меките и медиум смеши, од кои еден сет на меките или медиум гумите мора да се искористат во трката.
На почетокот од оваа сезона, (сепак релативно кажано, бидејќи поминаа само две трки) веќе сме сведоци на борба помеѓу два тима Ферари и Мерцедес АМГ, а особено меѓу Луис Хамилтон и Себастијан Ветел. Двајцата возачи пристигнуваат во Бахреин со ист збир на поени и од тоа кој подобро ќе ги совлада многуте предизвици на Шахир ќе одлучи кој ќе биде на врвот пред Европската фаза на сезоната.
Најуспешниот возач во Бахреин е Фернандо Алонсо, кој има три победи, две со Рено и една со Ферари. Кими Раиконен има најмногу пласмани на победничкиот подиумот, 8, но без победа зад своето име. Ферари е најуспешниот конструктор на оваа трка, со четири победи. Мерцедес АМГ има три победи, Ред Бул и Рено имаат по две, додека Браун ГП има една победа во 2009 година.
ВО ПРЕСРЕТ НА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА БАХРЕИН
4/12/2017 11:15:00 PM
0
Share to other apps