Оваа сезона тимот од Маранело конструираше многу брз болид, SF70H, кој веќе на првата трка од 2017 календарот стигна до својата деби победа и се покажа како достоен конкурент на сребрените стрели. Црвените болиди се подеднакво ефикасни и на брзите и на бавните свиоци, добро работат на различните смеши на Пирели гумите, во сите временски услови. Како последица на тоа 2017 болидот на Ферари ги привлече љубопитни очи на повеќето експерти и инженери од ривалските тимови, кои имаат задача да откријат на што се должи неговата брзина.
Денес беше објавена интересна статија во Германскиот Auto Motor und Sport, каде се доведува во прашање легалноста на SF70H, шпекулации кои се појавиле уште на тест сесиите во Барселона, каде што било забележано дека на новиот болид на Ферари цевките од системот за ладење делумно излегуваат надвор од шасијата, што не е случај кај другите болиди, и се сместени под задниот дел од подот.
Од Ферари не даваат детали поради што е донесено вакво решение, но инженерите од другите тимови шпекулираат дека тоа е направено поради флексибилноста на краевите од подот на SF70H при големи брзини, т.е. негово придвижување кон асфалтот, при што се формира протокот на воздух кој придонесува за стабилноста на задниот дел.
Покрај ова, со анализирање на повеќе фотографии, направени за време првите две трки од сезоната, експертите сугерираат дека при голема брзина задното крило на Ферари, заедно со дифузорот се повлекуваат кон назад, поради што максималната брзина на правците се зголемува, без да се жртвува потребата за поголема потисна сила во свиоците.
Досега стандардниот пристап на ФИА за мерење на цврстината на подот од болидите е тоа да се прави на две точки, непосредно пред управувачкиот механизам и пред задните тркала, тестови што болидот на Ферари ги поминал. Е сега, експертите, исто така забележале дека подот на SF70H иако навидум изгледа како еден елемент, се чини дека се состои од три различни сегменти.
Според нив, средишниот дел е малку повисок од останатите два дела, и дека тоа е замаскирано со ленти на температурни сензори кои, меѓу другото, имаат задача да ја мерат температурата на задните гуми. Сепак, засега "Шпионските" фотографии направени од ривалите, не дозволуваат да се најдат конечни одговори.
Што се однесува до задното крило на SF70H, сомневањата ги зголемува и решението за негово прицврстување во средината, при што Ферари е единствениот тим што тоа го има направено на две места, иако тоа нема никаква логика од аспект на аеродинамиката.
Секој таков елемент доведува до нарушување на протокот на воздух, па затоа сите се прашуваат, зошто инженерите од Маранело го дуплирале овој проблем. Експертите на другите тимови, сметаат дека таквата структура овозможува флексибилност на задното крило.
Сите овие забележувања се предочени и пред официјалните лица на ФИА, иако се уште не е познато како или дали имало одговор од нивна страна.
ШПЕКУЛАЦИИ: БОЛИДОТ НА ФЕРАРИ Е НЕЛЕГАЛЕН?!?
4/13/2017 11:47:00 PM
0
Share to other apps