На стартот од трката Макс Ферстапен беше еден од најдобрите возачи и успеа да стигне до второто место по првиот свиок, откако Луис Хамилтон ја искорости пол позицијата за да го превземе водството. Највнимателен од водечката четворка беше Себастијан Ветел кој беше нападнат од две страни, Ботас од внатрешната страна, додека Ферстапен силно нападна од надворешната страна на првиот свиок, но при тоа имаше краток контакт со Ферарито што резултираше со оштетено предно крило кај Германцот. Тој во шестиот круг мораше во својата гаража по нов нос, по што падна на последното место. Лош старт имаше и Кими Раиконен, кој беше поминат од Даниел Рикиардо во вториот болид на Ред Бул.
Најдраматично беше во средината на поредокот, каде имаше повеќе инциденти. Карлос Саинц ЈР. и Роман Грожан се судрија, што резултираше болидот на Торо Росо да се изврти на патеката, удри во бариерите и со задниот дел да заврши во болидот на Фелипе Маса, кој во тој момент го поминуваше третиот свиок. Тоа беше крај на трката за Маса и Саинц ЈР, додека Роман Грожан успеа да продолжи и стигне до боксот каде беше променет оштетениот преден дел, а воедно премина и на нов сет од супер-меките гуми на Пирели.
По инцидентот беше воведено безбедносното возило, а кога беа остранети двата болиди, следуваше рестарт на трката. Валтери Ботас се обиде да го претекне Макс Ферстапен, но, Холанѓанецот знаеше како да се одбрани. Сепак среќата го напушти во 11-от круг кога откажа ЕРС-системот во неговиот болид, па Финецот се најде на второто место со Даниел Рикиардо зад себе на третото. Водечкиот, Луис Хамилтон, "билдаше" што поголема предност, па во 20-от круг тој беше шест секунди пред тимскиот колега.
Рикиардо, пак, влезе во бокс 19-от круг и се врати на патеката на меки гуми. Ова беше реакција на влегувањето во бокс на Кими Раиконен. Австралијанецот падна на шестото место, за потоа да започне да се враќа назад во поредокот. Слична приказна и за Ветел. Германецот од последното место напредуваше и во 22-от круг беше на 8-то место.
Во 28-от круг, Хамилтон веќе беше 24.4 секунди, сега пред Естебан Окон, двајцата возачи што уште беа на нивните првични ултра-меки гуми, но и двајцата возеа времиња слични со тие на Валтери Ботас, кој смени на меки гуми. Рикиардо беше на четвртото место.
Хамилтон и Окон се решија за промена на своите гуми по 30-от круг, кога Британецот го задржа водството, но Французинот падна на шестото место, помеѓу болидите на Ферари, Раиконен пред Ветел. Напред поредокот беше, Хамилтон пред Ботас со повеќе од 10 секунди, Рикиардо трет уште 13 секунди поназад и со Серџо Перез сега на четвртото место.
Следуваше мирен период на трката, се до 49-от круг кога болидот на Рикиардо се најде под постојан притисок од Перез. Тркачкиот инженер на Австралијанецот, Сајмон Рени, по тимското радио му рече дека мора да ги издржи првичните напади, а потоа мексиканецот ќе има проблеми со супер-меките гуми.
Зад нив, Раиконен по втор пат мораше во бокс, по што му го предаде 5-то место на Окон, додека по неколку поминати круга и обид да се поминат болидите на Форс Индија, истото го направи и Ветел, двајцата излегувајќи на ултра-меките гуми, со Кими на 6-то, а Себастијан на 7-мо место.
Двата болиди на Ферари започнаа да возат најбрзи кругови, брзо надоместувајќи ја предноста на тројката која се бореше за третото место на подиумот Рикиадо-Перез-Окон. Перез, пак, немаше среќа со нападите на Рикиардо, па преку тимското радио беше замолен да го пропушти неговиот тимски колега, да се обиде да го претекне Ред Булот со далеку понови гуми. Мексиканецот не беше наклонет кон оваа стратегија и одлучно одби да го пропушти својот тимски колега, кој по трката беше лут и изјави дека ова не било фер однесување на Мексиканецот и борбата за што повеќе поени за тимот.
Зад нив Раиконен во својата потера, направи грешка при влез за последната шикана, што му овозможи на Ветел да дојде до 6-тото место. По тој круг Кими се откажа од форсирање на болидот по големите проблеми со сопирачките, додека Германецот напредуваше и во 64-от круг беше на четири десетинки до Окон, кој мораше да се обиде со сите сили да го помине неговиот тимски колега, но се тоа го искористи Германецот за да стигне до 5-тото место.
На два круга до крајот беше претекнат и Перез за 4-тото место, но оваа борба му овозможи на Даниел Рикиардо да направи предност од 3.9 секунди пред Ветел. Иако разликата драстично се намалуваше, немаше доволно круга, па возачот на Ред Бул беше во можност да финишира на третото место зад победникот Хамилтон и Ботас.
Седмото место му припадна на Кими Раиконен, пред Нико Хулкенберг. Деветтото место му припаднаа на домашниот возач, Ленс Строл, кој конечно прикажа добра трка за тимот на Вилијамс. Дебитантот со агресивно возење од 17-тата стартна позиција успеа да ги забележи првите поени во неговата Ф1 кариера. Последниот поен беше за Роман Грожан и тимот на Хас.
Голема Награда на Канада, Монтреал
70 круга, 305.270км., Време: Сончево.
ПЛАСМАН:
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ
1. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1ч33:05.154
2. Валтери Ботас Мерцедес АМ + 19.783
3. Даниел Рикиардо Ред Бул + 35.297
4. Себастијан Ветел Ферари + 35.907
5. Серџо Перез Форс Индија + 40.093
6. Естебан Окон Форс Индија + 40.017
7. Кими Раиконен Ферари + 58.634
8. Нико Хулкенберг Рено + 1:00.374
9. Ленс Строл Вилијамс + 1 круг
10. Роман Грожан Хас + 1 круг
11. Џолион Палмер Рено + 1 круг
12. Кевин Магнусен Хас + 1 круг
13. Маркус Ериксон Заубер + 1 круг
14. Штофел Вандорн Мекларен + 1 круг
15. Паскал Верлајн Заубер + 2 круга
2014 Д.Рикиардо - Ред Бул - 1ч39:12.830
2015 Л.Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1h31:53.145
2016 Л.Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1h31:05.296
2017 Л.Хамилтон - Мерцедес АМГ - 1h33:05.154
НАЈБРЗ КРУГ: Луис Хамилтон - 1:14.551
БЕЗ ПЛАСМАН:
ВОЗАЧ ТИМ
Фернандо Алонсо Мекларен
Данил Квјат Торо Росо
Макс Ферстапен Ред Бул
Фелипе Маса Вилијамс
Карлос Саинц ЈР. Торо Росo
Генерален пласман по 7 трки:
Возачи: Конструктори:
1. Себастијан Ветел 141 Мерцедес АМГ 222
2. Луис Хамилтон 129 Ферари 214
3. Валтери Ботас 93 Ред Бул 112
4. Кими Раиконен 73 Форс Индија 71
5. Даниел Рикиардо 67 Торо Росо 29
6. Макс Ферстапен 45 Вилијамс 22
7. Серџо Перез 44 Рено 18
8. Естебан Окон 27 Хас 15
9. Карлос Саинц ЈР. 25 Заубер 4
10. Фелипе Маса 20 Мекларен 0
11. Нико Хулкенберг 18
12. Роман Грожан 10
13. Кевин Магнусен 5
14. Паскал Верлајн 4
15. Данил Квјат 4
16. Ленс Строл 2





