Трката започна со проблематичен старт за Ботас и Раиконен. Возачот на Мерцедес АМГ сакаше да ја задржи позицијата пред Раиконен со корстење на рабниците низ вториот свиок, но тоа го лансираше во болидот на Ферари. Раиконен имаше оштетување на болидот и падна на петтото место, но Ботас претрпе уште поголемо оштетување на предно крило и дупната предна десна гума. Тој беше приморан да влезе во бокс за поправки и падна на задниот дел од гридот.
Неговиот тимски колега, Луис Хамилтон, првата стартна позиција ја искористи да дојде во водство и брзо почна да гради предност пред второпласираниот Себастијан Ветел. По осум круга разликата беше 3.6 секунди, но Ветел одговори со најбрз круг во следните круга за да остане во рамките на тоа заостанување.
Даниел Рикиардо имаше брзо влегување во бокс, заменувајќи ги своите почетни супер-меки за меките гуми на Пирели. Австралиецот, на кого за време на пит-стопот му беа отстранети и многу карбонски остатоци од сопирачките, почна да се пробива низ поредокот, не надевајќи се дека ова ќе биде негова трка.
Карбонските остатоците од инцидентот Раиконен-Ботас беа проблем и за нговиот тимски колега, Макс Верстапен, кој по тимското радио им јави на своите инженери дека не е задоволен од однесувањето на неговиот болид. Одговорот беше дека можеби има остатоци во каналите на ладилниците и дека ситуацијата ќе се следи.
Но, во 13-от круг, Холанѓанецот одеднаш забави и почна да паѓа во поредокот. Во исто време откажа болидот на Торо Росо со Данил Квјат зад воланот и Русинот застана на патеката. Следуваше првото излегување на безбедносното возило, што како последица имаше серија на влегувања во бокс за промена на гумите. Сите фаворити беа на нови гуми. Верстапен исто така се упати кон својата гаража, но, за жал, тој мораше да се повлече од трката.
Под безбедносното возило, Хамилтон беше лидер, пред Ветел, Перез, Маса и Окон. При рестартирањето на трката, Хамилтон го задржа водството, но Ветел беше под силен притисок од Перез, кој дојде во линија со Ферарито. Германецот не подлегна под притисокот добро се одбрани и го задржа второто место.
Но, за неколку секунди, безбедносното возило повторно беше распоредено, овој пат за да се исчистат остатоците на неколку локации на патеката, а болидите беа насочени низ пит-линијата. Непосредно пред безбедносното возило да ја напушти патеката, на крајот од 19-от круг, се случи клучниот инцидент на трката, за кој долго ќе се дебатира. Хамилтон драматично забави, спремајќи се за рестарт на трката, а Ветел удри во задниот дел на Мерцедесот. Тој тоа го протолкува како нечесна игра од Британецот, и одговори на тој начин што дојде во линија со Хамилтон и се удри во тркалата на болидот на Мерцедес АМГ.
Потоа, откако трката продолжи, Ветел повторно беше нападнат, не само од Перез, туку и од Маса и Окон. Бразилецот успеа да го мине Перез и се обиде да го помине и Ветел, но неуспешно. Потегот на Маса го забави Перез, а неговиот тимски колега, Естебан Окон, виде шанса за претекнување. Обидот заврши со судир помеѓу тимските колеги, а Перез беше принуден да оди во бокс, каде што изгледаше дека трката за него е завршена.
Исто така, главен губитник при овој судир беше и Кими Раиконен. Финецот мина низ остатоците од болидите на Форс Индија и заработи дупната десна задна гума. Додека возеше кон боксевите, неговиот болид претрпе многу оштетување и изгледало дека тоа ќе биде крај и за него.
Логично, безбедносното возило повторно беше распоредено на патеката, но овој пат поради големиот број остатоци распослани низ патеката, беше прикажано и црвено знаме.
Болидите беа насочени кон пит-линијата, а на тимските радија на Мерцедес АМГ и Ферари имаше бурна дискусија за инцидентот помеѓу Ветел и Хамилтон, кој беше ставен на разгледување од страна на стјуардите. Црвеното знаме го искористија механичарите на Перез и Раиконен за да ги поправат нивните болиди.
Трката продолжи под безбедносното возило, кога Фелипе Маса преку тимското радио јави дека има проблеми со болдот. При рестартот на истата, Бразилецот веднаш се најде во неволја. Беше поминат од тимскиот колега, Ленс Строл, но Рикиардо беше уште попаметен и од петто стигна до третото место со извонреден потег.
Тоа беше 27-от круг од трката со следниот редослед на патеката, Хамилтон водеше пред Ветел, Рикиардо, Строл и Магнусен на петтото место. Фернандо Алонсо со Мекларен беше на неверојатното шесто место по стартот од 19-тата позиција, додека Саинц ЈР. беше седми пред Ботас, Грожан. Перез беше 14-ти пред Раиконен, но и двајцата беа под истрага, бидејќи нивните екипи работеле на болидите надвор од пит-линијата, што не е дозволено.
Во тие моменти следуваат контраверзни одлуки на стјуардите кои дополнително ја подгреаа атмосферата. Хамилтон имаше проблеми со безбедносната заштита околу неговиот кокпит, и од страна на Чарли Вајтинг им беше наложено дека тој мора во бокс по нов заштитник. Британецот со тоа падна на осмото место. Но, потоа штетата беше сведена на минимум кога стјуардите го казнија Ветел со 10 секунди STOP-GO казна за опасно возење при инцидентот со Хамилтон. Германецот по отслужувањето на казната, на крајот од 33 круг, на патеката се врати на седмото место пред Хамилтон.
Напред, звездите му се погодија на Даниел Рикиардо, кој ни крив, должен ја предводеше трката пред Строл и Магнусен. Меѓутоа, возачот на Хаас не успеа долго го држи третото место, па во 38-от круг лесно беше претекнат од страна на Окон и повратникот во првите редови Валтери Ботас.
Финецот, со денес најмоќниот болид на патеката, успеа да го помине и возачот на Форс Индија и започна потера по Вилијамсот на второто место.
Во последниот круг, непосредно пред самата целна линија, Финецот успеа да го украде второто место од изненадениот дебитант, кој како предвреме да се израдува, но и третото скалило на подимот за него беше премија.
Напред, Даниел Рикиардо ја забележа својата четврта победа во кариерата. Ленс Строл, стана првиот Канаѓанец што бил на подиумот од далечната 2001 година и Жак Вилнев.
Зад нив Ветел се одбрани од Хамилтон за финиш на четвртото место, додека зад нив беа Окон, Магнусен, Саинц ЈР., Алонсо со првите два поени оваа сезона и Паскал Верлајн со Заубер.
Голема Награда на Азербејџан, Баку
51 круга, 306.306км., Време: Сончево.
ПЛАСМАН:
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ
1. Даниел Рикиардо Ред Бул 2ч03:55.573
2. Валтери Ботас Мерцедес АМГ + 3.904
3. Ленс Строл Вилијамс + 4.009
4. Себастијан Ветел Ферари + 5.976
5. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ + 6.188
6. Естебан Окон Форс Индија + 30.298
7. Кевин Магнусен Хас + 41.753
8. Карлос Саинц ЈР. Торо Росo + 49.400
9. Фернандо Алонсо Мекларен + 59.551
10. Паскал Верлајн Заубер + 1:29.093
11. Маркус Ерисон Заубер + 1:31.794
12. Штофел Вандорн Мекларен + 1:32.160
13. Роман Грожан Хас + 1 круг
14. Кими Раиконен Ферари + 5 круга
НАЈБРЗ КРУГ: Себастијан Ветел - 1:43.441
БЕЗ ПЛАСМАН:
Серџо Перез Форс Индија
Фелипе Маса Вилијамс
Нико Хулкенберг Рено
Макс Ферстапен Ред Бул
Данил Квјат Торо Росо
Џолион Палмер Рено
Генерален пласман по 8 трки:
Возачи: Конструктори:
1. Себастијан Ветел 153 Мерцедес АМГ 250
2. Луис Хамилтон 139 Ферари 226
3. Валтери Ботас 111 Ред Бул 137
4. Даниел Рикиардо 92 Форс Индија 79
5. Кими Раиконен 73 Вилијамс 37
6. Макс Ферстапен 45 Торо Росо 33
7. Серџо Перез 44 Хас 21
8. Естебан Окон 35 Рено 18
9. Карлос Саинц ЈР. 29 Заубер 5
10. Фелипе Маса 20 Мекларен 2
11. Нико Хулкенберг 18
12. Ленс Строл 17
13. Кевин Магнусен 11
14. Роман Грожан 10
15. Паскал Верлајн 5
16. Данил Квјат 4
17. Фернандо Алонсо 2





