Ботас го имаше еден од најдобрите стартови во историјата на Формула 1 мотоспортот. Тој беше толку добар што кај многумина создаде оправдано сомневање дека Финецот тргнал пред да се изгаснат црвените светла. Истрагата покажа дека се било во ред.
За разлика од него, Макс Ферстапен го имаше најлошиот старт на денешната трка, и брзо беше преплавен од своите ривали, за да падне дури на 14-тото место пред влез во првиот свиок. Покрај него се најде Фернандо Алонсо, кој се обиде да нападне со земање на внатрешната линија.
Даниел Квјат пак, се обиде да го престигне Шпанецот со задоцнето притискање на сопирачките, но тоа доведе до судир со Алонсо, кој пак го погоди Ферстапен.
Мекларенот и Ред Булот се здобија со значителна штета, но и покрај тоа двајцата возачи успеаа да се вратат во своите гаражи, но беа принудени да се откажат од трката.
На Русинот подоцна му беше изречена казна за предизвикување на овој судир со возење низ пит линијата.
Напред, Даниел Рикиардо со Ред Бул исто така имаше добар старт, а неговиот Ред Бул добро напредуваше. Тој го претекна Кими Раиконен за да го украде третото место од Финецот, кој влезе широко во свиокот, па беше претекнат и од Роман Грожан, но болидот на Хас не е на нивото на Ферарито, па Французинот беше претекнат веќе во следниот круг.
Како што одминуваше трката Валтери Ботас веќе во 17-от круг имаше солидно водство од пет секунди пред Ветел, кој пак имаше 3,5 секунди пред Рикиардо. Раиконен беше четврти, но беше притиснат од Хамилтон, кој се искачи на петтото место по стартот од осмата позиција. Грожан беше шести пред Серџо Перез и Естебан Окон. Следуваа возачите на Вилијамс кои одлично напредуваа по стартот, со Фелипе Маса пред Ленс Строл на 9-тото и 10-тото место по стартот од претпоследниот стартен ред.
Хамилтон влезе во ДРС зоната зад Раиконен, но Британецот не успеваше да најде начин за да го претекне на патеката и во 32-от круг беше повикан во бокс за промена на гумите, кога се ослободи од супер-меката за ултра-меката смеша на Пирели.
Овој потег предизвика бран на влегувања во боксевите, кога два круга подоцна третопласиран Рикиардо, а веднаш зад него и Ветел ги променија гумите, но на патеката излегоа на супер-меката смеша.
Ботас и Раиконен останаа на патеката, и по 38-от круг, возачот на Мерцедес АМГ беше 19,5 секунди пред возачот на Ферари. Себастијан Ветел сега беше трет, со заостанување од 7,1 секунди зад својот тимски колега. Рикиардо беше четврти, 4.5 секунди пред Хамилтон.
Водечкиот влезе во бокс, на крајот од 41-от круг, по супер-меките гуми. Раиконен, остана на патеката, мака мачеше со стартните ултра-меки гуми, а повикот од своите механичари за промена на гумите никако да дојде.
Ако на стратегистите на Ферари им беше целта да го задржи зад себе неколку круга Ботас, навистина многу нереална стратегија, кога во денешнава Ф1 дотраени гуми не може да се спотистават на нови. Лесно беше поминат од страна на Ботас, а по промената на гумите го изгуби и 4-тото место пред Хамилтон.
Следуваше период од трката кога Хамилтон се доближуваше до Рикиардо, додека Ветел беше во потера на Ботас. Па така, на три круга до крајот Ботас имаше 1.2 секунди предност пред Ветел, додека Хамилтон беше на 1.1 секунди до Рикиардо.
Се чинеше дека ќе имаме неверојатен финиш на трката, но како што е обичај во последно време, кога трките стануваат најинтересни секогаш снемува кругови.
На крај Финецот и Австралијанецот ги одбранија своите места, Ботас за Победа пред Ветел, Рикиардо за последното скалило на подиумот пред Луис Хамилтон.
Кими Раиконен заврши петти пред Роман Грожан, додека Перез беше на седмото место пред тимскиот колега Окон. Вилијамсите имаа позитивна трка, со Фелипе Маса на деветтото, а Ленс Строл на десетото место.
Следната трка од 2017 Ф1 Шампионатот се вози веќе следната недела, 14-16 Јули, на патеката Силверстоун, Англија.
Голема Награда на Австрија, Ред Бул Ринг
71 круга, 307.146км., Време: Сончево.
ПЛАСМАН:
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ
1. Валтери Ботас Мерцедес АМГ 1ч21:48.523
2. Себастијан Ветел Ферари + 0.658
3. Даниел Рикиардо Ред Бул + 6.012
4. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ + 7.430
5. Кими Раиконен Ферари + 1:13.160
6. Роман Грожан Хас + 1 круг
7. Серџо Перез Форс Индија + 1 круг
8. Естебан Окон Форс Индија + 1 круг
9. Фелипе Маса Вилијамс + 1 круг
10. Ленс Строл Вилијамс + 1 круг
11. Џолион Палмер Рено + 1 круг
12. Штофел Вандорн Мекларен + 1 круг
13. Нико Хулкенберг Рено + 1 круг
14. Паскал Верлајн Заубер + 1 круг
15. Маркус Ериксон Заубер + 2 круга
16. Данил Квјат Торо Росо + 3 круга
НАЈБРЗ КРУГ: Луис Хамилтон - 1:07.411
БЕЗ ПЛАСМАН:
ВОЗАЧ ТИМ
Карлос Саинц ЈР. Торо Росо
Кевин Магнусен Хас
Фернандо Алонсо Мекларен
Макс Ферстапен Ред Бул
Генерален пласман по 9 трки:
Возачи: Конструктори:
1. Себастијан Ветел 171 Мерцедес АМГ 287
2. Луис Хамилтон 151 Ферари 254
3. Валтери Ботас 136 Ред Бул 152
4. Даниел Рикиардо 107 Форс Индија 89
5. Кими Раиконен 83 Вилијамс 40
6. Серџо Перез 50 Торо Росо 33
7. Макс Ферстапен 45 Хас 29
8. Естебан Окон 39 Рено 18
9. Карлос Саинц ЈР. 29 Заубер 5
10. Фелипе Маса 22 Мекларен 2
11. Ленс Строл 18
12. Нико Хулкенберг 18
13. Роман Грожан 18
14. Кевин Магнусен 11
15. Паскал Верлајн 5
16. Данил Квјат 4
17. Фернандо Алонсо 2
Daniel`s shoey



