Силверстоун е местото каде што се започна во 1950-тата година со одржување на првата трка во историјата на модерната ера на Формула 1 Шампионатите. Останува домаќин на Големата Награда на Британија до 1954 година, кога го дели настанот со Ајнтри од 1955-1962 година, а од 1963-1986 со Брендс Хеч. Од 1987 година па наваму Силверстоун е единственото место за одржување на овој настан.
Последниве сезони се погласни се шпекулациите дека Силверстоун не може финансиски да го издржи организирањето на Ф1 трка, па така во пресрет на оваа Голема Награда тие и официјално се покажаа како вистинити.
Британскиот Клуб на професионални возачи, сопственикот на патеката, објавија дека го прекинуваат договор со Формула 1 и доколку не се најде заеднички јазик оваа патека од 2019 сезоната повеќе нема да биде домаќин на Британското Гран При.
Силверстоун е домашна трка за повеќето Формула 1 тимови, па дури и Хас има европска база во близина на патеката. Повеќето членови на тимовите може да доаѓаат на патеката од своите домови, но сепак тоа не е случај поради сообраќајниот метеж.
Силверстоун е брзa, флуидна пaтека која e комбинација од брзи свиоци на почетокот и голем број на бавни свиоци кон крајот на кругот. Maggots, Becketts and Chapel се издвојуваат како едни од најсложените комбинациии на свиоци во шампионатот.
Патеката е изградена на воен аеродром и е на ветровито место, со налети на ветер кои често може да го нарушат балансот на болидите. Временските услови во Силверстоун историски гледано се многу неконзистентни. Често се случувало да има дожд во некоја фаза на тркачкиот викенд.
Варијациите во температурата, исто така, може да бидат доста значајни и да се движат од ниски 18 до веќе 27 степени следниот ден. Се ова има значајна улога во успешното подесување на болидот.
Временската прогноза за оваа година е амбиентална температура околу 20-тиот степен целзиусов во текот на целиот тркачки викенд. Викендот се предвидува да помине со суво, на моменти облачно време.
Силверстоун е широка патека со многу место за излетување околу повеќето свиоци, така што ризикот за излегување на безбедносното возило е минимален. Згора на тоа, маршалите покрај патеката се рангирани меѓу најдобрите во светот, па повеќето инциденти се расчистуваат брзо и ефикасно. Оваа патека е една од подобрите во однос за претекнувањето.
Постојат многу брзи свиоци кои овозможуваат одлични можности за претекнување. Возачите можат да пренесат многу брзина во нив, но, исто така, и да се движат по различни линии при нивното поминување и при излезот, што во суштина е она што доведува до претекнување.
Од почетокот на предсезонските тест сесии, оваа патека од многумина беше сметана како прва шанса да ги тестираат екстремните перформанси на болидите достапни со новите аеродинамични регулативи и пошироките гуми.
Имаше голема дебата околу тоа колку вистински свиоци ќе има Силверстоун оваа година, при што повеќето возачи беа на мислење дека дополнителната потисна сила и поголемиот грип на Пирели гумите ќе дозволат неколку од познатите свиоци да бидат поминати без подигање на ногата од педалата за гас.
Пирели првично ги номинираше своите најтврди смеши за една од најтешките патеки во календарот во однос на гумите, но според добиените податоците од досега одржаните трки, се одлучија да одат едно скалило подолу номинирајќи ги во последен момент супер-меките, меките и медиум смеши. Грипот останува најголема потреба за возачите, поради што повеќето од нив во најголем број ги избираа црвените супер-меки гуми на Пирели.
За разлика од патеките како што на пример е Барселона, постојат многу малку зони на силно сопирање каде што може брзо да се наполнат акумулаторите на ЕРС-системот. Ова значи дека, тимот што има ефикасен ЕРС-систем и при собирање на кинетичката енергија и при имплементирање на неговата енергија, толку побрзи ќе бидат нивните болиди. Со еден збор Мерцедес ќе има огромна предност по тоа прашање, како тим кој го има најдобриот хибриден систем на својот болид.
На оваа патека Пол позицијата не е од големо значење. Во текот на изминатите 19 трки возачот што стартувал од првата позиција само 5 пати бил Победник. Луис Хамилтон, минатогодишниот Победник, е еден од ретките возачи на кого му успеало тоа.
Имаме уште две трки до летната пауза во Формула 1 Шампионатот, а двете битки кај возачите и конструкторите се релативно блиски. По трката во Австрија, Мерцедес АМГ го зголеми водството пред тимот на Ферари на 33 поени, додека Себастијан Ветел ја зголеми предноста во однос на Луис Хамилтон на 20 поени.
По победата во Австрија и силните настапи во Канада и Азербејџан, Валтери Ботас е на чекор до борба за Титулата, сега има само 15 поени заостанување зад тимскиот колега, Хамилтон, но да бидеме реални тешко да се вклучи во неа, освен ако лошата среќа на Британецот продолжи и понатаму.
НАЈАВА НА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА БРИТАНИЈА
7/12/2017 09:52:00 PM
0
Share to other apps



