Кими Раиконен го имаше второто најбрзо време, речиси две десетинки побрзо од тимскиот колега, Себастијан Ветел на третата позиција.
Валтери Ботас немаше перфектен брз круг како Британецот во Мерцедес АМГ, па и покрај тоа што успеа да го забележи четвртото најбрзо време, тој ќе стартува од 9-тата позиција на гридот.
Тој е единствениот возач кој ќе има различна тактика, т.е. трката ќе ја започне со меките гуми на Пирели, кои на болидот на Мерцедес АМГ се покажаа и тоа како брзи.
Квалификациите т.е. Q1 сесијата започна со облачно време и ситен дожд. Во очекување дека ситуацијата може да се влоши, на патеката излегоа речиси сите возачи со палењето на зеленото светло.
Вистинскиот избор беа зелените Интермедиа гуми на Пирели, при што најснаодлив во тие моменти беше Даниел Рикиардо, кој го имаше најбрзото време, пред Нико Хулкенберг и Макс Ферстапен.
Меѓутоа, Австралијанецот на седум минути од почетокот на сесијата мораше да се паркира во тревата покрај патеката, известувајќи го својот тим дека има големи проблеми, најверојатно со турбо полначот. За кратко сесијата беше прекината и сите болиди се вратија во своите гаражи, додека биде отстранет неговиот болид.
Главната драма беше во завршните фази на сесијата кога Фернандо Алонсо од последното место на табелата, без поставено време, најпрвин за неколку стотинки успеа да влезе во брз круг и потоа да го забележи најбрзото време, на супер-меките гуми. Меѓутоа, за Ленс Строл, Кевин Магнусен, Паскал Верлајн, Маркус Ериксон и несреќниот Рикиардо, квалификациите беа завршени.
За време на Q2 сесијата условите се подобруваа од минута во минута, а со тоа и времињата драстично се подобруваа. Луис Хамилтон немаше конкуренција за најбрзото време, пред тимскиот колега Ботас, Ветел, Раиконен, Хулкенберг, Верстапен.
Фернандо Алонсо не успеа да го повтори успехот од првата сесија, кога во последните моменти ја избегна зоната на испаѓање, иако, неговиот тимски колега, Штофел Вандорн, успеа да се пласира во Q3 со 10-тото најбрзо време, за прв пат победувајќи го Шпанецот во меѓусебните квалификациски дуели за оваа сезона.
Џолион Палмер со Рено, како што и самиот изјави, се специјализираше за 11-тата стартна позиција, пред Квјат, Алонсо, Саинц ЈР. и Фелипе Маса со Вилијамс.
Уште при првите брзи круга во Q3, Луис Хамилтон стави до знаење дека Пол позицијата е резервирана за него, забележувајќи го најбрзото време, побрзо за 0.199 секунди од тоа на Себастијан Ветел. Валтери Ботас беше трет, пред Раиконен и Верстапен.
Единствена причина за грижа Британецот имаше по одлуката на стјуардите да го разгледуваат неговиот инцидент со Роман Грожан, кој тврдеше дека бил драстично забавен од неговиот Мерцедес. (Инцидентот мина без понатамошни санкции.)
Хамилтон одговори на патеката со уште побрзо време при вторите брзи круга, за својата 5-та и 3-та последователна Пол позиција на Силверстоун, со 0.547 делови од секундата предност пред Ферарито на Кими Раиконен.
Последниот круг на Ветел не беше како што треба, па Германецот мораше да се задоволи со третата позиција, две десетинки зад неговиот тимски колега, но две илјадитинки пред Валтери Ботас, кој сепак ќе мора да стартува од 9-тата позиција на гридот.
Петото место на табелата беше за Ферстапен, пред Хулкенберг, Перез, Окон, Вандоорн и Грожан, кој го заокружи Топ 10 пласманот.
Трка на Големата Награда на Британија ќе стартува утре, Недела, во стандардниот термин за Европа, 14:00 часот, со пренос на Македонската телевизија, МТВ1.
2017 БРИТАНИЈА ГП - КВАЛИФИКАЦИИ
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ РАЗЛИКА
1. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ 1:26.600
2. Кими Раиконен Ферари 1:27.147 + 0.547
3. Себастијан Ветел Ферари 1:27.356 + 0.756
4. Валтери Ботас* Мерцедес АМГ 1:27.376 + 0.776
5. Макс Ферстапен Ред Бул 1:28.130 + 1.530
6. Нико Хулкенберг Рено 1:28.856 + 2.256
7. Серџо Перез Форс Индија 1:28.902 + 2.302
8. Естебан Окон Форс Индија 1:29.074 + 2.474
9. Штофел Вандорн Мекларен 1:29.418 + 2.818
10. Роман Грожан Хас 1:29.549 + 2.949
* 5 стартни места поназад
Q2 Најбрзо време: Луис Хамилтон 1:27.893
11. Џолион Палмер Рено 1:30.193 + 2.300
12. Данил Квјат Торо Росо 1:30.355 + 2.462
13. Фернандо Алонсо Мекларен 1:30.600 + 2.707
14. Карлос Саинц ЈР. Торо Росо 1:31.368 + 3.475
15. Фелипе Маса Вилијамс 1:31.482 + 3.589
Q1 Најбрзо време: Фернандо Алонсо 1:37.598
16. Ленс Строл Вилијамс 1:42.573 + 4.975
17. Кевин Магнусен Хас 1:42.577 + 4.979
18. Паскал Верјалн Заубер 1:42.593 + 4.995
19. Маркус Ериксон Заубер 1:42.633 + 5.035
20. Даниел Рикиардо Ред Бул 1:42.966 + 5.368
107% време: 1:44.230
Грожан VS Хамилтон (Инцидентот го истражуваат стјуардите)



