Овој викенд следува Голема Награда на Унгарија, последната трка пред летната пауза во Шампионатот. Се вози на Хунгароринг, патека домаќин од далечната 1986 година и опстојува веќе три децении. Таа се рангира на третото место на листата на патеки кои биле домаќини на најмногу последователни Ф1 трки, а пред неа се само Монако и Монца.
За разлика од Силверстоун, брза патека, сега следува борба на бавна, тесна и кривулеста патека. Тоа е најбавната постојана патека во календарот со просечна брзина од само 190 км/ч. Само уличните трки во Сингапур и Монако имаат понизок просек од Хунгароринг. Затоа тимовите ќе донесат аеродинамичен пакет сличен на Монте Карло со цел да се "извади" максимумот од болидите.
Хунгароринг е патека на која многу од Ф1 возачите ја забележале својата Прва Ф1 Победа, Фернандо Алонсо во 2003 година, Џенсон Батон во 2006 година. Дејмон Хил, исто така, ја забележа својата Прва Ф1 Победа во Унгарија, во болидот на Вилијамс, далечната 1993 година. Тој беше првиот син на светски шампион кој Победил на Ф1 трка.
Со 14 свиоци и само еден вистински правец, Хунгароринг за Ф1 тимовите претставува сличен проблем со кој се среќаваат и во Монте Карло, како да се максимизира и зголеми потисната сила врз болидот. Оптималниот аеродинамичен грип ќе биде резултат на подесувањата од страна на тимовите, но, овде голема улога игра механичкиот грип кој во голема мера ќе зависи од гумите на Пирели.
На оваа трка возачите ќе имаат избор од супер-мека, мека и медиум смеша. Екстремните температури поврзани со значителното странично оптоварување ги става гумите во тешка работна положба, па затоа од Пирели не се одлучија да ги донесат најмеките гуми од својата палета.
И покрај тоа што Хунгароринг е тешка патека за претекнување, според статистиката, Пол позицијата не е од клучно значење. Така, од 2005 година, возачот кој стартувал од првата позиција, бил победник на трката само три пати. Патеката е физички напорна за возачите, кои често ја споредуваат со Сингапур (физички најнапорната патека во календарот), поради големиот број на свиоци, високите температури, и релативно малото воздушно струење низ болидот.
Во пресрет на 11-тата трка од 2017 сезоната, битката за шампионските титули се врти во корист на Сребрените стрели, т.е. тимот на Мерцедес АМГ. Нивната 1-2 Победа во Британија им донесе комфорно водство од 55 поени над Ферари во генералниот пласман на конструктори, додека кај возачите Себастијан Ветел, по 7-то место на Силверстоун, има само еден поен предност пред главниот ривал, Луис Хамилтон.
Во меѓувреме, и тимскиот колега на Хамилтон, Валтери Ботас, продолжува да ја намалува разликата, која сега изнесува 23 поени зад Ветел. Во Унгарија следува важна трка за двата тима, но, сепак, повеќе за Ферари, тим кој треба да докаже дека нивниот болид е способен да победува. Предноста која некој од тимовите би ја стекнал пред летниот распуст може да биде клучна психолошка предност.
НАЈАВА НА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА УНГАРИЈА
7/27/2017 03:25:00 PM
0
Share to other apps








