Со патеката во Малезија започна ерата на Херман Тилке. Сепанг беше изграденa за неверојатни 14 месеци и кога на 9 март 1999 година беше свечено отворена, се сметаше за револуционерна патека со модерни капацитети и уникатен дизајн. Двата долги правци проследени со остри кривини се потписот на оваа патека.
Ширината на патеката овозможува бројни можности за престигнување, но максималната брзина што може да се постигне на правците се ограничува, бидејќи тимовите ја жртвуваат сировата брзина за аеродинамичниот грип и добар баланс на болидот низ свиоците.
Тоа предизвикува исклучително високи оптоварувања на Пирели гумите, дополнето со силното притискање на сопирачките во 17 проценти од еден круг и високите температури. Сепак, по минатогодишното ре-асфалтирање на патеката, од Пирели се решија да номинираат еден степен помеки смеши, и тоа белите медиум, жолтите меки и црвените супер-меки гуми.
Малезиското ГП има значително поместување во Ф1 календарот, од месец Март кога се одржуваше до пред минатата година, сега е на крајот од септември, веднаш по ноќната трка во Сингапур. Затоа се донесени и ГП2 и ГП3 сериите за привлекување на публика, но воедно ќе помогнат во "гумирањето" на асфалтот. Жештината го прави викендот на Сепанг тежок за возачите, но исто така и за ПЕ на болидите. Екстремната топлина значи дека ладењето на истата може да биде проблематично.
Поројните дождови се честа појава во Малезија, што може да доведе до неочекуван расплет на викендот. Тоа беше особено видливо во 2009 година, кога директорот на трката беше принуден да ја заврши по само 31 круг поради поплавената патека. Со тоа ФИА се реши на возачите кои беа во топ 10 пласманот да им додели само по половина поени, за прв пат по 1991 Австралиското ГП, кога беа комплетирани само 14 круга од трката.
Во шампионатот на возачите, трите победи по летната пауза му дадоа на Луис Хамилтон голема предност од 28 поени во однос на Себастијан Ветел. Во меѓувреме, Мерцедес АМГ создаде уште поголема предност во однос на Ферари во битката на Конструкторите, со значителни 102 поени.
Сепанг е еден вид на домашна патека за Мерцедес АМГ и ова ќе биде 19-то Малезиско ГП, но, во иднина Формула 1 карванот нема да се враќа на оваа патека. Во април оваа година Малезиската влада потврди дека од 2018 година нема да биде домаќин на оваа трка.
НАЈАВА НА ПОСЛЕДНОТО МАЛЕЗИСКО ГРАН ПРИ
9/28/2017 01:40:00 PM
0
Share to other apps










