Мерцедес АМГ за време на петочните тренинг сесии не можеше да го пронајде вистинскиот сет-ап на нивните болиди, но Луис Хамилтон успеа да стигне до Пол позицијата за 0.045 делови од секундата пред второпласираниот Кими Раиконен. За Британецот тоа беше негова јубилејна 70-та Пол позиција во кариерата.
Хамилтон, на утрешната трка за ГН на Малезија прогнозира неизвесна битка со Ред Бул и Ферари.
"Денес немавме поим како ќе се одвива денот. Жалам за сето она што му се случи на Себастијан, бидејќи тој очигледно беше многу брз на тренинзите. Денес, некако успеавме да ја смениме ситуацијата, нашите инженери завршија одлична работа, па затоа е вистинско изненадување да бидам тука на пол позицијата. Јас сум им навистина благодарен. Секоја Пол позиција е важна, особено што Себастијан ќе стартува на самиот крај."
"Брзината што ја имаа вчера беше неверојатна, вчера бевме побавни за една секунда, па не бев сигурен што ќе се случува денес. Утре ќе се обидеме да го извлечеме максимумот. Мислам дека Ферари ќе биде силен, мислам дека Ред Бул ќе биде уште посилен. Нивното тркачко темпо беше многу силно, па ќе видиме. Ќе имаме тешка битка со Ферари и Ред Бул. Долг е патот до првиот свиок, па сè може да се случи."
Возачот на Ферари, Кими Раиконен, е убеден дека има добар болид во своите раце и дека тимот има многу добри шанси за победа на утрешната трка.
"Нашиот болид беше добар за време на целиот викенд. Денес, во квалификациите бевме многу блиску, но ни требаше побрзо време. Мислам дека болидот имаше потенцијал за првата позиција, но, секогаш може да изгубите време на одредени делови од патеката. Разочарувачки е што не сум на Пол позицијата, но, утрешната трка ќе биде долга и за болидите и за гумите."
"Имам чувство дека имаме добар болид и многу добри шанси во трката. Ќе бидеме посигурни ако асфалтот остане сув, но болидот беше добар во сите услови со различни количини на гориво. Она што му се случи на Себ е разочарувачки, малер за него и за тимот. Момците направија одлична работа со цел да го склопат болидот и да го вратат на патеката, но, за жал тој мораше да се откаже. Утре е нов ден, имаме добра брзина и сигурен сум дека може да се поправиме."
Ред Бул остави многу добар впечаток на денешните квалификации. Макс Ферстапен и Даниел Рикиардо ќе стартуваат од вториот ред на гридот.
"На третиот тренинг не бев задоволен од балансот на болидот, но, успеавме да се подобриме за квалификациите. Во Q3, деталите не функционираа како што посакував. Но, во секој случај не ќе можевме да ги пикнеме двата наши болиди на првиот стартен ред, затоа, третата позиција беше оптимален резултат. Нашите долги стинтови изгледаат многу добро. Но, само сакам да имам добра трка. Честопати имав добри квалификации, што не ги претворив во поени. Би сакал конечно да завршам една трка." - се пожали Макс Ферстапен.
"Ако Кими го превземе водството по првиот свиок, ќе биде тешко да се достигне. Тие имаат добро темпо при долгите стинтови. Мерцедес АМГ не покажа дека ќе доминира на оваа патека. Во трката не ќе можат да го засилат моторот како во квалификациите. Мислам дека заостанувањето зад нив во трката ќе се намали. Покрај тоа, Луис може да си дозволи да не победи, нели? На дожд ние би имале поголеми шанси кога станува збор за поредокот на подиумот. Можеби дури и за највисоко скалило. Ние сме брзи на влажна патека и нема да бидеме разочарани ако утре заврне." - се надева Даниел Рикиардо.
ПЛАНОВИ И ОЧЕКУВАЊА НА НАЈБРЗИТЕ ВОЗАЧИ ЗА УТРЕШНАТА ТРКА
9/30/2017 07:12:00 PM
0
Tags
Share to other apps




