Формула 1 Шампионатот од овој викенд се сели на Американскиот континент, со почетна точка Остин, Тексас, за 17-тата трка од 2017 календарот. Патеката на Америките(Circuit of the Americas-COTA) е првиот објект во САД наменски изграден за Формула 1 трки. Херман Тилке дизајнираше ултра-модерен комплекс кој ги има обележјата на Тексас, но и копии на најпознатите свиоци од останатите Ф1 патеки.
Потегот од третиот до деветиот свиок претставува низа од брзи свиоци кои потсетуваат на Maggots-Becketts-Chapel од Силверстоун или Esses во Сузука. Втората половина од техничкиот дел од кругот, завршува со низа на бавни свиоци кои потсетуваат на Хокенхајм.
Големата Награда на СД е еден од најпосетените настани во Ф1 календарот со што оваа патека Circuit of the Americas полека станува нов дом за Формула 1 во САД.
Главни нејзини карактеристики се природните промени во елевацијата, вклучувајќи ја 40 метарската нагорнина кон првиот свиок кој е главното обележје на "Патеката на Америките". Главно обележје во комплексот на оваа патека е 25-катната Кула за набљудување.
Организаторите очекуваат подобрување на постигнатите времиња, особено поради фактот што Пирели за прв пат ги номинираше ултра-меките гуми за оваа патека, како и зголемената моќност на денешните болиди.
На трката во Јапонија Мерцедес АМГ речиси ја осигура Шампионската Титула во конструктори. Во Шампионатот на возачите, Луис Хамилтон ја зголеми својата предност на значајни 59 поени. Со четири трки до крајот и 100 поени во игра, Себастијан Ветел, неговиот ривал за Титулата, дури и со четири последователни победи, нема да може да дојде до истата, доколку Хамилтон има пласмани во топ 5 на останатите трки од Шампионатот.
НАЈАВА НА ГН на СОЕДИНЕТИТЕ ДРЖАВИ
10/18/2017 02:50:00 PM
0
Share to other apps