По трката за Големата Награда на Соединетите Држави од минатата недела, овој викенд Формула 1 се сели на патеката Браќа Родригез во Мексико, најбрзата во календарот. Патеката е домаќин на Мексиканското ГП уште од 1963 година, но во рамките на подготовките за 2015 сезоната беше комплетно реновирана. Мексико пред својот кам-бек од минатата година бил домаќин на Ф1 Шампионатот во два наврати во период од 1963-1970 и 1986-1992 година.
Историскиот ден за Мексико беше во 1962 година кога Гран При трките имаа "проба", за да веќе следната сезона се одржи Големата Награда на Мексико. Време кога Хуан Мануел Фанџо беше во залез на кариерата, но новата ѕвезда беше во подем, која ги надмина неговите постигнувања, а тоа беше Џим Кларк. Мексиканците се горди на брилијантните браќа Родригез, Моисес Солана, Хектор Ребак, до современите достигнувања на Естебан Гутиерес и Серџо Перез, мексикански возачи кои ги врежале своите имиња во историјата на мотоспортот.
Реновираната патека задржува голем дел од ДНК-та на оригиналот, преку брзиот прв сектор и исто така брзиот и течен средишен дел, каде брзите промени на насоката ставаат акцент на добрата аеродинамична ефикасност и баланс на болидот. Финалниот сектор е трансформиран во технички сложен дел, кој треба да обезбедува возбудливи моменти за Ф1 фановите на патеката и пред ТВ екраните.
Реткиот воздух на 2.250м. надморска височина, за погонските едниници, особено турбо полначите значи работа со поголем капацитет за да испорачаат одредена моќност. Минатата година максималните брзини достигнаа до 366 км/ч, па тимските инженери треба да изнајдат компромис помеѓу праволиниската брзина и потисната сила за што постабилно минување на свиоците.
Пирели ги номинираше истите смеши како за трката во Остин, жолтата (помалку грип, помалку абење, погодна за долги стинтови), црвената (повеќе грип, средно абење, се користи за пократки стинтови) и виолетовата (најголем грип, но и највисоко абење, се користи за брзи кругови во квалификациите и најкратки стинтови од трката).
Патеката во Мексико Сити е особено сурова кон сопирачките. Иако нема точки на екстремно нивно оптоварување како на Јас Марина или Монтреал, високите брзини и фреквенцијата на нивно користење, не им остава доволно време да се изладат, а кога се премногу загреани може да откажат во секој момент.
Атмосферата во Мексико несомнено е една од најогнените во Ф1 календарот, па возачите и фановите ширум светот уживаат во текот на целиот тркачки викенд. Квалификациите и Трката се закажани за 21:00 часот по Македонско време.
ВАЖНО ВАЖНО ВАЖНО ВАЖНО ВАЖНО
САБОТА КОН НЕДЕЛА СТРЕЛКИТЕ НА ЧАСОВНИКОТ СЕ ПОМЕСТУВААТ ЗА ЕДЕН ЧАС ПОНАЗАД!!!
2017 Шампионатот во конструктори е решен во корист на Мерцедес АМГ, па сега вниманието го насочуваме кон долниот дел од табелата. Рено по минатата трка го помина Хас на табелата за 7-то место и се доближува до Торо Росо и Вилијамс.
Нивниот нов адут, Карлос Саинц ЈР., се покажа во одлично светло на минатонеделната трка во Остин, САД. Со само 28 поени разлика меѓу 5-тото и 8-то место ќе гледаме второкласна, но да се надеваме драматична битка за да ни биде поинтересно следењето на преостанатите трки.
Во Шампионатот на возачи, Луис Хамилтон е на врвот со 66 поени предност пред второпласираниот возач на Ферари, Себастијан Ветел. Се што му е потребно на Британецот за да ја "завери" својата 4-та Шампионска Титула уште на оваа трка се да освои 9 поени, т.е. да има пласман во Топ 5.
ВО ПРЕСРЕТ НА МЕКСИКАНСКОТО ГРАН ПРИ
10/26/2017 02:49:00 PM
0
Share to other apps




