Претпоследната трка од оваа 2017 Ф1 сезона ќе се одржи во недела за 45-тата Голема Награда на Бразил, на патеката Хозе Карлос Пејс во Сао Паоло. Тука се вози еден од најкратките, но и најинтензивни кругови во календарот, што претставува голем предизвик за возачите и тимовите.
Тоа е една од неколкуте трки кои се возат спротивно на стрелките од часовникот и се состои од кривулест дел помеѓу свиоците 6 и 12, со три долги правци помеѓу свиоците три и четири, пет и шест, и после 14-от свиок до почетната "S"(Сена) шикана. Воедно, завршетокот на трето споменатиот правец е најидеалното место за претекнување.
Како и при секој тркачки викенд инженерите треба да најдат добар сет-ап на болидот со компромис на потисната сила која е посакувана низ тесниот и кривулест дел, но, непосакувана на правците, каде што болидот треба да постигне што е можно поголема максимална брзина.
Пирели во Бразил ги носи белите медиум, жолтите меки и црвените супер-меки гуми. Медиум смешата ќе го има своето последно појавување во оваа 2017 година. Номинацијата на Италијанците за Бразил е со помеки смеши, отколку што тоа беше случај на минатите трки, а супер-меките гуми за прв пат ќе се испробаат на оваа патека.
Луис Хамилтон ја обезбеди Шампионската Титула во Мексико, а со обезбедувањето на Титулата во конструктори на Мерцедес АМГ во Америка, трката во Бразил, ќе биде само битка за победа и престиж.
Ако Британецот извојува победа, ќе се приближи до изедначувањето на неговиот рекорд за победи во една сезона од 11, постигнати во 2014 година. За Себастијан Ветел ќе претставува трета победа на Бразилското ГП, додека пак за Макс Ферстапен тоа ќе биде трета победа во пет трки.
Ова ќе биде 14-тото и последно Бразилско ГП за миленикот на домашната публика, Фелипе Маса. По 15 години поминати во Ф1, до денес тој има 11 Победи, 41 Пласман на Подиум и има 16 Пол позиции.
Трката во Бразил често е мошне непредвидлива, во голема мера благодарение на лошото време. И со прогнозираните нестабилни услови за време на викендот, би можело да очекуваме многу изненадувања.
ВО ПРЕСРЕТ НА БРАЗИЛСКОТО ГРАН ПРИ
11/09/2017 11:51:00 AM
0
Share to other apps








