На стартот, Ветел го презеде водството по првиот свиок, при што Германецот се проби низ внатрешноста покрај Валтери Ботас. Подолу на гридот, Кевин Магнусен, Хас, се судри со Штофел Вандорн од Мекларен, кој, пак, заврши странично во болидот на Даниел Рикиардо. За Данецот и Белгијанецот трката беше завршена, но Австралијанецот беше во можност да продолжи.
Тоа не беше крај на почетната драма, по неколку свиоци, Роман Грожан се судри со Естебан Окон, по што за возачот на Форс Индија трката беше завршена.
Следуваше период на безбедносното возило, кое остана на патеката до крајот на 5-от круг. Кога се продолжи со трката, Ветел ја задржа својата предност пред Ботас со Кими Раиконен на третото и Макс Ферстапен на четвртото место.
Кога стартуваш последен, а имаш најдобар болид, не ти преостанува ништо друго освен да претекнуваш болиди за што подобар пласман. Тоа беше случај со Луис Хамилтон, кој трката ја започна од пит-линијата по излетувањето на квалификациската сесија. Британецот веќе во 21-от круг од трката беше на петтото место, 10 секунди зад Ферстапен и продолжуваше да ја намалува разликата.
Холанѓанецот започна да се жали на задните гуми, што значеше дека следува период на влегувања во бокс за возачите кои стартуваа на супер-меките гуми на Пирели.
Валтери Ботас беше првиот од водечките кои се реши за влез во бокс, во 27 круг, по меките гуми, потег кој веднаш беше проследен од Себастијан Ветел, кој реагираше на обидот за стратегиско претекнување низ боксевите. Ферстапен и Раиконен ги променија своите гуми во 31-от круг, па Хамилтон, кој допрва требаше да застанува , беше промовиран во лидер на трката. Три секунди зад него беше Ветел, пред Ботас, Раиконен, Ферстапен, Рикиардо, Маса и Фернандо Алонсо од Мекларен.
Хамилтон и Рикиардо се решија за промена на почетните меки, за супер меките гуми на Пирели во 44 круг, по што Британецот се врати на 5-тото, а Австралијанецот на 7-то место.
По сите овие случувања се виде дека Победата на Ветел е обезбедена, а најинтересното нешто беше да се види колку Хамилтон ќе биде во можност да напредува, при што неговиот тркачки инженер по тимското радио му кажа дека се бори за пласман на подиумот. Тоа значеше дека тој ќе треба да ги помине Ферстапен и Раиконен кој беа во предност од 10 т.е. 15 секунди.
Тој брзо почна да ја намалува разликата со младиот Холанѓанец и по 55-от круг таа изнесуваше само три секунди. Во тие моменти Ферстапен се пожали на своите гуми, окарактеризирајќи ги како карпи кои го забавуваат неговиот болид.
Па така, по 4 круга беше стигнат и лесно престигнат од Британецот за четвртото место. На ред беше Раиконен, кој имаше дополнителни 4.8 секунди предност.
Тие беа анулирани на пет круга до финишот на трката, но Финецот достојно на својот прекар, ги искулира нападите на Хамилтон и го задржа Хамилтон зад себе.
Напред, Себастијан Ветел ја забележа својата 47-ма победа во кариерата со Ботас на второто место. Раиконен го забележа својот 91-ви пласман на подиумот пред одличниот Хамилтон.
Макс Ферстапен заврши на четвртото место, пред својот тимски колега, Даниел Рикиардо.
Фелипе Маса, неговата последна трка во Бразил, ја одбележа со 7-то место, во блиска битка за истото со Алонсо и Перез. Последниот поен му припадна на Нико Хулкенберг со болидот на Рено.
Голема Награда на Бразил,
Интерлагос,Хозе Карлос Пејс, Сао Паоло
71 круга, 305.909км., Време: Сончево.
ПЛАСМАН:
П. ВОЗАЧ ТИМ ВРЕМЕ
1. Себастијан Ветел Ферари 1ч:31.35.335
2. Валтери Ботас Мерцедес АМГ + 2.762
3. Кими Раиконен Ферари + 4.600
4. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ + 5.468
5. Макс Ферстапен Ред Бул + 32.940
6. Даниел Рикиардо Ред Бул + 48.691
7. Фелипе Маса Вилијамс + 1:08.882
8. Фернандо Алонсо Мекларен + 1:09.363
9. Серџо Перез Форс Индија + 1:09.500
10. Нико Хулкенберг Рено + 1 круг
11. Карлос Саинц ЈР. Рено + 1 круг
12. Пјер Гасли Торо Росо + 1 круг
13. Паскал Верлајн Заубер + 1 круг
14. Ленс Строл Вилијамс + 1 круг
15. Маркус Ериксон Заубер + 1 круг
16. Роман Грожан Хас + 2 круга
Најбрз Круг: Макс Ферстапен - 1:11.044
БЕЗ ПЛАСМАН:
Брендон Хартли Торо Росо
Естебан Окон Форс Индија
Кевин Магнусен Хас
Штофел Вандорн Мекларен
Генерален пласман по 19 трки:
Возачи: Конструктори:
1. Луис Хамилтон 345 Мерцедес АМГ 625
2. Себастијан Ветел 302 Ферари 495
3. Валтери Ботас 280 Ред Бул 340
4. Даниел Рикиардо 200 Форс Индија 195
5. Кими Раиконен 193 Вилијамс 82
6. Макс Ферстапен 158 Торо Росо 53
7. Серџо Перез 94 Рено 49
8. Естебан Окон 83 Хас 47
9. Карлос Саинц ЈР. 54 Мекларен 29
10. Фелипе Маса 42 Заубер 5
11. Нико Хулкенберг 35
12. Ленс Строл 32
13. Роман Грожан 28
14. Кевин Магнусен 19
15. Фернандо Алонсо 15
16. Штофел Вандорн 13
17. Џолион Палмер 8
18. Паскал Верлајн 5
19. Данил Квјат 5
Збогување на Маса со домашната публика




