Како последица следеше распоредување прво на ВБВ, а потоа и вистинскиот безбедносен автомобил. Тоа одеше во прилог на Себастијан Ветел, кој од третото место стигна до првото, на изненадување и на сите во тимот на Мерцедес АМГ.
Можеби се очекуваше повеќе од Кими Раиконен на третото место, кој во последните моменти од трката успешно се одбрани од Даниел Рикиардо со Ред Бул. Мекларен одличен, Фернандо Алонсо го заокружи Топ 5 пласманот.
Луис Хамилтон имаше добар старт на трката, лесно го одби краткиот напад во првиот свиок од страна на Кими Раиконен, и ја задржа водечката позиција. Ветел го задржа третото место, но, сега пред Кевин Магнусен кој го помина Макс Ферстапен, кој падна на петтото место пред Грожан, Хулкенберг и Рикиардо.
Назад во поредокот, Брендон Хартли со Торо Росо имаше големо блокирање на тркалата, при што беше приморан да замине по нови гуми, излегувајќи на најтврдата смеша во обид со нив да стигне до крајот на трката.
На Даниел Рикиардо, понесен од домашната публика, не му требаше многу време да го претекне Нико Хулкенберг за 7-то место. Неговиот тимски колега, Макс Ферстапен, се обидуваше да изврши притисок врз Магнусен.
Резултатот беше брзо трошење на неговиот сет на гуми и Холанѓанецот во 10-от круг ја изгуби контролата врз својот болид, на истото место како и Валтери Ботас, но, со минимални последици. Тој падна на 8-то место зад Хулкенберг.
Напред, Хамилтон се обидуваше да ја зголемува својата предност, но, возачите на Ферари не попуштаа, па до 15-от круг Британецот имаше само три секунди предност пред Кими Раиконен и Себастијан Ветел.
Во 22-от круг започна круцијалниот дел од денешната трка со влегувањето во бокс на Кевин Магнусен. Данецот веднаш по излегувањето на патеката, болидот на Хас имаше сериозни проблеми, по што мораше да го паркира својот болид во тревата. Првично, преку тимското радио, тој пријави проблем со моторот, но, контролата на трката објави дека механичарите на Хас небезбедно го вратиле болидот со недоволно зацврстено задно тркало.
Овој инцидент го промовираше неговиот тимски колега, Роман Грожан на 4-тото место, но под притисок на Рикиардо. Во тимот на Хас решија и него да го повикаат во бокс за промена на ултра-меките гуми, и, на изненадување на сите во Мелбурн ја направија истата почетничка грешка како со Магнусен.
Французинот, веднаш штом се приклучи на патеката, мораше да се повлече, овој пат поради недоволно зацврстено предно тркало, но тој застана на многу понезгодно место на патеката, по што, во тој 24 круг од трката беше воведено Виртуелното безбедносно возило.
Поредокот беше, Ветел, кој не беше во бокс, Хамилтон, па Раиконен со заменети гуми.
Ферари ја искористи можноста за да го повикаат Себастијан Ветел во бокс за промена на своите гуми, и тоа се покажа како перфектна стратегиска одлука на Италијанците.
На големо изненадување на Хамилтон, и сите во гаражата на Мерцедес АМГ, Германецот повторно излезе пред него. За време на овој период на ВБВ, Британецот изгуби голема временска предност, по што Ветел го презеде водството на трката.
Поради неможноста да се отстрани болидот на Хас, беше воведено и вистинското БВ. По рестартот на трката Ветел го задржа водството пред Хамилтон, Раиконен и Рикиардо на 4-тото место. Фернандо Алонсо, исто така, профитираше по овој период на ВБВ и БВ со пласман на 5-тото место, пред Макс Ферстапен, кој исто така се опорави од неговите проблеми.
Во следниот дел од трката се водеше тактичко надмудрување помеѓу возачите на Ферари и Мерцедес АМГ, со тоа што Хамилтон редовно стигаше во рамките на ДРС опсегот зад Ферарито, но, Ветел секогаш успеваше да парира и ја зголеми предноста над секунда разлика.
Шест секунди подолу во распоредот, Кими Раиконен го одржуваше Даниел Рикиардо на истиот начин, со тоа што Австралијанецот никогаш не успеа да стигне во ДРС зоната.
Зад нив, во битка за 5-тото место, во разлика од нешто под две секунди беа три возачи, при што Фернандо Алонсо водеше пред Ферстапен и Хулкенберг. Но, претекнувањето на оваа патека е речиси невозможно, па редоследот остана непроменет.
Луис Хамилтон на 5 круга од крајот се откажа од потерата по Ферарито, со цел зачувување на својата ПЕ, по добиеното предупредување за високите температури на моторот.
Неколку минути подоцна Себастијан Ветел ја премина целната линија за својата 48-ма Победа во кариерата. Британецот мораше да се задоволи со второто место, додека Раиконен се искачи на третото последно место на победничкиот подиум.
Даниел Рикиардо, по добиената казна, повторно, за малку, не успеа да си ја исполни толку посакуваната желба, пласман на подиумот пред домашната публика. Фернандо Алонсо со 5-тото место му овозможи позитивен старт на сезоната на тимот на Мекларен.
Следуваа Макс Ферстапен пред Нико Хулкенберг, Валтери Ботас, Штофел Вандорн и Карлос Саинц ЈР, на последното место кое носи еден поен. Шпанецот преку тимското радио се жалеше на големи стомачни проблеми предизвикани од водата во неговото шише за пиење за време на трката.
Голема награда на Австралија, Алберт Парк, Мелбурн.
57 круга, 307.574км., Време: Сончево.
ПЛАСМАН:
П. Возач Тим Време
1. Себастијан Ветел Ферари 1ч29:33.283
2. Луис Хамилтон Мерцедес АМГ + 5.036
3. Кими Раиконен Ферари + 6.309
4. Даниел Рикиардо Ред Бул + 7.069
5. Фернандо Алонсо Мекларен + 27.886
6. Макс Ферстапен Ред Бул + 28.945
7. Нико Хулкенберг Рено + 32.671
8. Валтери Ботас Мерцедес АМГ + 34.339
9. Штофел Вандорн Мекларен + 34.921
10. Карлос Саинц ЈР. Рено + 45.772
11. Серџо Перез Форс Индија + 46.817
12. Естебан Окон Форс Индија + 1:00.278
13. Чарлс Леклерк Заубер + 1:15.759
14. Ленс Строл Вилијамс + 1:18.288
15. Брендон Хартли Торо Росо + 1 круг
Најбрз круг: Даниел Рикиардо - 1:25.945
БЕЗ ПЛАСМАН:
Возач Тим
Роман Грожан Хас
Кевин Магнусен Хас
Пјер Гасли Торо Росо
Маркус Ериксон Заубер
Сергеј Сироткин Вилијамс
Генерален Пласман по 1-та трка:
ВОЗАЧИ:
1. Себастијан Ветел 25
2. Луис Хамилтон 18
3. Кими Раиконен 15
4. Даниел Рикиардо 12
5. Фернандо Алонсо 10
6. Макс Ферстапен 8
7. Нико Хулкенберг 6
8. Валтери Ботас 4
9. Штофел Вандорн 2
10. Карлос Саинц ЈР. 1
КОНСТРУКТОРИ:
1. Ферари 40
2. Мерцедес АМГ 22
3. Ред Бул 20
4. Мекларен 12
5. Рено 7
Себастијан Ветел победник...
Снимка на трката, благодарение на Македонски Автомобилизам