Во Мерцедес АМГ одлучија да се држат до тоа што го знаеја за 2017 болидот во изградбата на 2018 болидот, што се покажа како вистински избор. Но, не беше се така лесно како што беше во изминатите сезони.
Сепак, главната одлика на Мерцедес АМГ како тим беше тоа што ги совладаа тешкотиите на кои наидоа во првата половина на сезоната за да го победат Ферари во клучната втора половина на 2018 година.
Опсегот на разбирање на проблемите беше она што ја направи разликата.
Исто како и минатата сезона, гумите беа предизвик на почетокот. Главна цел им беше пронаоѓање компромис во подесувањето на болидот за еден квалификациски круг и за време на трката, а се поради проблемот со прегревање на задните гуми.
Но, и покрај тоа што се чинеше дека имаат поголеми проблеми од својот главен ривал, Ферари, во Мерцедес АМГ се надминаа самите себе и излегоа како Победници во двата Шампионати.
Имаше многу шпекулации за нерегуларност кои се појавија после СПА, кога од тимот воведоа иновативни бандажи со дупки, во обид да се избегне прегревањето на задните гуми, преку намалување на температурата на делови од тркалото.
По одредено време, Мерцедес АМГ престана да ја користи таа конструкција на своите бандажи, иако стјуардите ја прогласија за легална. Како што имаме споменато и порано, ФИА на чело со Жан Тод е организација на која и веруваме во потполност.
Кога станува збор за ПЕ, Мерцедес направи добри чекори со надградбите што ги воведе од Француското, т.е. Белгиското Гран При, но, оваа сезона покажа дека предноста што ја имаа во изминатите години од овие нови правила на Хибридни ПЕ е надмината од ПЕ на Ферари.
Во Ферари имаат добра причина да се жалат за пропуштеното, бидејќи нивниот болид беше доволно добар барем за многу поблиска борба со тој на Мерцедес АМГ. Со тој дополнителен притисок врз Мерцедес АМГ, Ферари можеше да ги победи во шампионатот.
Работите секогаш одат надолу за време на една сезона, но, главниот проблем на Италијанците беше што не се снајдоа најдобро и направија премногу грешки. Не беше се само до Себастијан Ветел, кој "фрли" премногу поени, туку тимот како целина.
Ферари за оваа 2018 година направија поголеми промени во концептот на својот болид, преминувајќи кон дизајн со повисокa закосеност на болидот и зголемување на меѓуоскиното растојание.
Со подолгото меѓуоскино растојание изгубија дел од предноста што ја имаа на побавните патеки во минатата година, а кога е во прашање поголемата закосеност на болидот владееше конфузија во тимот.
Губењето на предноста на побавните патеки, требаше да се надомести со поголема закосеност на болидот. Додека во Мерцедес АМГ се држеа до она што им е познато, болидот на Ферари се промени значително и се беше до негово целосно разбирање и подесување на целосниот максимум.
На почетокот од сезоната бевме сведоци дека нивниот болид не функционира најдобро на петочните тренинг сесии, додека во сабота често имаа големо подобрување.
Но, кога не оди не оди...
Подоцна во текот на сезоната, Ферари го изгуби својот вистински пат на развој со нови подови кои ги воведоа од Руското Гран При. Започнаа да експериментираат во област каде што точното разбирање на концептот на позакосен болид е многу важно, бидејќи и со мали промени на подот може да имаат големи импликации во перформансите на дифузерот, а со тоа и на севкупните перформанси на болидот.
Фактот што Ферари мораше да се врати на почетниот концепт кажува се.
Како и секоја година и оваа тука беа и неизбежните шпекулации низ падокот. Сите се сомневаа дека Ферари прави нешто недозволено со својата ПЕ, поради фактот што имаат два акумулатори, кои функционираат како еден, бидејќи нивниот болид беше неверојатно побрз од останатите на правците и во квалификациите. Пак се навраќаме на ФИА, која како и ние не веруваме дека во Ферари правеа нешто нелегално со својата ПЕ.
RB14, беше дефинитивно добар болид, но дали е најдобриот, ако не беше пречката послаба Рено ПЕ, е многу тешко да се каже. Секогаш постојат компромиси при монтирање на различен мотор.
Кога Ред Бул доминираше во Ф1 со Рено, и тој мотор ја немаше моќта на Мерцедес или Ферари, но имаше далеку помали барања да се излади, па болидот беше оптимизиран за максимална потисна сила, што го правеше најдобар на патеките.
Денешниве Хибридни ПЕ имаат потреба од многу ладење, што разликата од 30КС може да значи дека некои од струењата на воздухот што ги користите за потисна сила треба да се пренасочат кон ладење, што значи компромисот се менува.
Затоа ставањето на Мерцедес или Ферари ПЕ во Ред Бул не е нужно дека ќе донесе подобри резултати, а од друга страна и не е толку едноставно да се конструира нова шасија прилагодена на новата ПЕ. Мекларен е доказ за тоа.
Ред Бул беше добро избалансиран болид и, како резултат, многу нежен кон своите гуми. Ова покажува добро разбирање за тоа како да се контролираат аеродинамичните карактеристики за болидот да биде добар во бавните, средните и брзите свиоци.
Болидот, исто така, многу постабилно, во споредба со своите ривали, преминуваше низ рабниците, а тоа во комбинација со добрата брзина низ свиоците, значи многу помало оптеретување на гумите, кога забрзувате на излезот од нив.
Главниот проблем на тимот беше издржливоста на Рено ПЕ, премногу дефекти, што доведоа до откажување од нивниот долгогодишен партнер. Генерално, видовме колку е добар Ред Бул кога доминираше во Монако и Мексико.
Клучното прашање сега е како ќе функционира врската со Хонда, бидејќи тоа е компанија која нема да го прифати истиот третман што го имаше Рено.
Тоа беа трите тима кои немаа конкуренција, додека останатите беа во комплетно друга лига на перформанси. Од нив, Заубер беше најголемиот добитник во споредба со минатата година, преминувајќи од тим закован на последните места во лидер на средината на табелата до крајот на 2018 година.
Единствениот друг тим кој имаше значителен напредок беше Хас, кој исто така се пресели на врвот од битката на средината на табелата.
На дното, најголеми губитници за оваа сезона се Мекларен и Вилијамс. Преминот од Хонда на Рено всушност доведе до тоа болидот на Мекларен да биде побавен оваа година.
Болидот на Вилијамс според статистиката имаше најголемо назадување во споредба од минатата година, што и се покажа со последното место на табелата во генералниот пласман на конструктори.
Уште еднаш накратко за 2018 сезоната и по тоа како ќе ја паметиме, Ферари претставуваше поголем предизвик за Мерцедес АМГ што доведе до интересен прв дел од сезоната, но не продолжија со тоа темпо до крајот на 2018 година, па така Мерцедес АМГ остана најдобриот болид и тим на патеките и пред се надвор од нив.
2018 СЕЗОНА - ДОБИТНИЦИ И ГУБИТНИЦИ
12/05/2018 10:52:00 AM
0
Share to other apps