Сахир е модерна патека направена по највисоки стандарди, финансирана од моќните шеици. Асфалтната површина е составена од 60.000 тони увезен гранит од Англија, а најголем проблем е пустинската прашина која го намалува нивото на грип.
Се карактеризира со четири долги правци, комбинирани со тесни и бавни свиоци. Амбиентална температура може да достигне до 45°C, што го прави ладењето на ПЕ како најголем приоритет. Миксот на бавни кривини на крајот од долгите правци значи дека тоа е една од најтешките патеки за сопирачките во целата сезона.
Шакир е патека која најмногу ги истакнува перформансите на погонската единица, како V6 моторот, така и хибридниот дел. Сепак, не треба да заборавиме дека брзината на правците директно зависи и од нивото на аеродинамична потисна сила. Значи од витална важност ќе биде да се погоди вистинското подесување на болидот, за да се извади неговиот максимум од силата на ПЕ и аеро придобивките.
Се започна со една, беше додадена уште една, а од оваа година на патеката во Бахреин за првпат ќе имаме три ДРС-зони за што повеќе претекнувања. Првите две зони се наоѓаат на главните правци, а дополнителна трета зона се наоѓа на правецот помеѓу третиот и четвртиот свиок.
Знаеме дека гумите имаат значително влијание на поредокот, со оглед дека и неколку степени разлика во температурите може да влијаат на балансот на болидите, а патеката Сахир е една од најсложените за гумите на Пирели.
Причината е крајно абразивниот асфалт, како и големиот број на зони на интензивно сопирање и забрзување. Како што знаеме, патеката е среде пустина, па во петокот има многу песок на асфалтот, но за време на викендот, состојбата значително се подобрува. Ќе помогне и фактот што започнува и сезоната во Формула 2 Шампионатот.
Минатата година, Пирели ги имаше номинирано супер-меките, меките и медиум смешите во Бахреин. За оваа година, тие се решија да одат еден чекор поназад со смешите : C1 (Тврда), C2 (Медиум) и C3 (Мека).
Во 2017 година, кога имавме номинирано потврди смеши сите возачи имаа две посети на боксевите. Минатата година се користеа мешани тактики, некои имаа два пит-стопа, но лидерите ги сменија гумите само еднаш.
Поради карактеристиките на Интенационалната патека Бахреин сликата за распоредот на силите нема да стане појасна и овој викенд, но, се очекуваат многу одговори околу формата на Ферари.
Валтери Ботас доаѓа многу мотивиран и водечки во генералниот пласман на возачи, кога по доминантната Победа во Австралија го освои максималниот број на поени за таа трка, вклучувајќи го и дополнителниот поен за најбрз круг.
Финецот се надева на продолжение на негова стартна форма и на трката во Бахреин, каде има забележано два пласмани на подиумот.
Сепак, неговата форма остана во сенка на проблемите со кои се соочуваше неговиот тимски колега, Луис Хамилтон, како и нивните најблиски ривали, возачите на Ферари. Сите очекуваат силен кам-бек на бранителот на титулата и од италијанската екипа.
Неколку децении, стартот на трките го означуваше еден човек, Чарли Вајтинг. По неговата смрт, ФИА започна потрага по негов наследник. Како и во Австралија, Мајкл Маси, останува тркачки директор и делегат за безбедност, но, стартот на трката сега ќе му се даде на друго лице.
Стартер на Големата Награда на Бахреин ќе биде Кристијан Брил, кој долго време работел во Формула 1 и ФИА на различни позиции, од ТВ-инженер до логистички менаџер. Официјално, тој се нарекува "постојан стартер" - така можеме да очекуваме дека оваа позиција е доделена на Брил.
ВАЖНО - Сабота/Недела започнува летно сметање на времето - ВАЖНО |