Амортизацијата на Ф1 болидот е комплексен систем на различни елементи и игра важна улога во подесувањето на неговиот баланс. Бидејќи тоа е важен елемент, тимовите посветуваат повеќе внимание на работата на амортизацијата.
Која е целта на амортизацијата?
Главната цел на амортизацијата е да го поврзе болидот со тркалата. Ова можеби звучи релативно тривијално, но, потребен е сложен систем на различни компоненти, бидејќи поместувањето на тежок предмет како болидот со големи брзини создава неколку предизвици.
Кај патничките автомобили, амортизацијата има две главни функции, возење и управување.
Возењето се однесува на начинот на кој возилото се справува со промените во површината на патот, како се справува со вдлабнатини, испакнатини, рабници, дупки, промени во косина и слично.
Амортизацијата осигурува дека автомобилот може да се справи со нерамни површини, таа ја дисипира енергијата што се генерира кога патува низ нерамнини и обезбедува правилно ширење на грипот помеѓу четирите гуми.
Управувањето од друга страна се однесува на улогата на амортизацијата кога станува збор за динамиката на возилото и опишува како автомобилот реагира на командите од возачот. На пример, како се однесува при кочење или како ја менува насоката.
Ф1 амортизацијата ги има истите две функции, иако параметрите се различни. Удобноста, на пример, е важен аспект на квалитетот на возењето во патничките возила, додека таа не е токму важна цел при дизајнирање и поставување на амортизацијата на Ф1 болдиот.
Дали постојат функционални разлики помеѓу амортизацијата на Ф1 болидите и патничките автомобили?
Додека возењето и управувањето се заеднички функции на системот за амортизација кај Ф1 болидите и патничките автомобили, постои трета функција која е уникатна за Формула 1, поточно за тркачките автомобили кои многу се потпираат на аеродинамиката за да создадат што поголема потисна сила.
Тоа е нешто што инженерите го нарекуваат контрола на платформа. Колку побрзо вози Ф1 болидот, толку е поголема потисната сила што ја генерира. Кога се движи со голема брзина, може да генерира количина на потисна сила што е неколкупати поголема од неговата тежина.
Затоа амортизацијата треба да се справи со тони дополнително оптоварување кога болидот се движи брзо. Ова не е само предизвик во однос на оптоварувањето што амортизацијата мора да го издржи, туку е и огромен аеродинамичен предизвик.
За да функционира аеродинамичниот концепт, позицијата на болидот во однос на патеката е исклучително важна. Ако го подигнете или намалите болидот за само неколку милиметри, протокот на воздухот драматично се менува, со што важни аеродинамични делови како подот и дифузерот се помалку ефикасни.
Поради тоа, амортизацијата кај Ф1 болидите мора да осигура дека висината на болидот во однос на асфалтот треба да е добро контролирана, така што аеродинамичниот концепт може да работи до неговиот полн потенцијал, и покрај промените на потисната сила при различни брзини. Тоа е суштината на она што се нарекува контрола на платформа.
Кои се различните елементи на амортизацијата?
Амортизацијата на Формула 1 болидите ги има истите компоненти како и амортизацијата на обичните автомобили, но подредени по малку поинаков редослед. Компоненти на амортизацијата народски кажано се спирали, амортизери, рамена и баланштанга.
Кај Ф1 болидите, елементите на амортизацијата можат да се групираат во три дела, внатрешни, надворешни и елементите низ кои имаме проток на воздух.
Скриени под каросеријата на Ф1 болидот се внатрешните елементи на амортизацијата, како пружини, амортизери итн. Внатрешните елементи на амортизацијата се поврзуваат со надворешните елементите со делови низ кои имаме протокот на воздух, како што се рамена и сл. Надворешните елементи на амортизацијата, кои се скриени зад тркалата се лагери, осовини итн.
Деловите од амортизацијата што се скриени во шасијата се првенствено метални, додека елементите низ кои имаме проток на воздух воглавно се направени од карбонски влакна, освен нивните зглобови или флексури кои се обично метални. Надворешните делови на амортизацијата се направени од метал, но се наоѓаат во внатрешноста на каналите за ладење на сопирачките, кои се направени од карбонски влакна.
Иако амортизацијата може да изгледа како релативно едноставна, процесот на производство е доста сложен. Скапите материјали и високата количина на труд што се потребни за да се изгради, амортизацијата ја прави еден од најскапите елементи на Ф1 болидите.
Кој е најголемиот предизвик при дизајнирање и конструкција на Ф1 амортизацијата?
Амортизацијата мора да биде во можност да издржи големи оптоварувања. Кога Ф1 болидот ќе помине низ рабниците при големи брзини, амортизацијата треба да биде силна и цврста за да може да се справи со тие оптоварувања без да се оштети.
Во исто време, амортизацијата треба да биде лесна, исто како и секој друг дел на Ф1 болидот. И на крај, нејзините елементи низ кои имаме проток на воздух треба да бидат релативно тенки т.е. да бидат аеродинамични како не би се забавувал болидот.
Наоѓањето на вистинската рамнотежа помеѓу овие три барања, висока јачина, мала тежина, компактност, не е лесна работа и го прави процесот на дизајнирање и производство на амортизацијата доста комплициран.
На кој начин тимовите ја користат амортизацијата за да го оптимизираат балансот на болдиот?
Оптимизирањето на амортизацијата за секоја патека е важен дел од општиот баланс на болидот. Преку подесување на амортизацијата, тимот може детално да го контролира начинот на кој гумата лепи за асфалтот, нивото на механички грип, закосеност на тркалата. Тоа подесување е во голема мера се прави со менување на геометријата на амортизацијата.
Другата област која инженерите ќе ја разгледаат кога ќе работат на подесувањето на амортизацијата е функцијата контрола на платформа. Со цел таа оптимално да функционира, тимот најчесто се фокусира на јачината на спиралите и промена на притисокот на гасот во амортизерите или да ги замени металните елементи со различна тврдина.
Дали тимовите ја менуваат својата амортизацијата во текот на годината?
Тимовите ја менуваат својата амортизација во текот на сезоната, поради голем број на причини. На пример, структурната безбедност може да биде една од нив.
Тимовите знаат точно колку оптоварување може да поднесе нивната амортизација, всушност, за време на секоја сесија, инженерот за структурни системи будно ја следи телеметријата за да осигура дека не се надминати границите на оптоварување. Ако има и најмали сомнежи во врска со структурната безбедност, тимот ќе ја смени амортизацијата.
Друга причина за воведување нови елементи на амортизацијата е надградбата на болидот или на самата амортизација или на неговите аеродинамички карактеристики. Како што напоменавме претходно одредени елементи наамортизацијата, низ кои има проток на воздух, имаат големо влијание врз аеро карактеристиките на болидот.
Конечно, тимот може да воведе нова амортизација за одредена патека. За Големата Награда на Монако, на пример, тимовите донесоа специјална предна амортизација за да се осигураат дека болидот може да се справи со уникатните предизвици на улиците на Монте Карло.
Монако го има најбавниот и најтесниот свиок во календарот, познатиот Фермонт, кој бара поголемо вртење на воланот од кој било друг свиок. Во споредба со најостриот свиок во Монтреал, 10-тиот, потребни се дополнителни 40 проценти за успешно поминување низ Фермонт, Монте Карло.
Свиокот е толку остар што не е возможно да се помине со вообичаената амортизација, односно возачите ќе треба повеќе пати да го завртат воланот за негово поминување.
АМОРТИЗАЦИЈАТА КАЈ ФОРМУЛА 1 БОЛИДИТЕ
6/04/2019 10:03:00 AM
0
Share to other apps





