Историскиот ден за Мексико беше во 1962 година кога Гран При трките имаа "проба", за да веќе следната сезона се одржи Големата Награда на Мексико. Време кога Хуан Мануел Фанџо беше во залез на кариерата, но новата ѕвезда беше во подем, која ги надмина неговите постигнувања, а тоа беше Џим Кларк. Мексиканците се горди на брилијантните браќа Родригез, Моисес Солана, Хектор Ребак, до современите достигнувања на Естебан Гутиерес и Серџо Перез, мексикански возачи кои ги врежале своите имиња во историјата на мотоспортот.
Реновираната патека задржува голем дел од ДНК-та на оригиналот, преку брзиот прв сектор и исто така брзиот и течен средишен дел, каде брзите промени на насоката ставаат акцент на добрата аеродинамична ефикасност и баланс на болидот. Финалниот сектор е трансформиран во технички сложен дел, кој треба да обезбедува возбудливи моменти за Ф1 фановите на патеката и пред ТВ екраните.
Реткиот воздух на 2.250м. надморска височина, за погонските едниници, особено турбо полначите значи работа со поголем капацитет за да испорачаат одредена моќност. Минатата година максималните брзини достигнаа до 370 км/ч, во заветрина, па тимските инженери треба да изнајдат компромис помеѓу праволиниската брзина и потисната сила за што постабилно минување на свиоците.
И покрај фактот што ова една од најбрзите патеки во календарот, претекнувањето се покажа како исклучително тешко во иаминатите сезони, па така од ФИА ја продолжија практиката на воведување на трета ДРС-зона. Новата зона за оваа година ќе биде овоможена на правецот помеѓу 11-от и 12-от свиок.
Во Мексико, асфалтот е доста мазен, при што болидите доста пролизгуваат, нешто што влијае на деградацијата на гумите. Поради тоа инженерите на Пирели решија да ги номинираат смешите C2, C3 и C4, т.е. еден чекор потврди гуми од минатата година.
Овој избор за црвените, жолтите и белите гуми треба да им овозможи на возачите да напаѓаат до самиот крај. Пит линијата е една од најдолгите во календарот, тоа го зголемува времето потребно за замена на гумите, па тимовите најверојатно ќе тежнеат кон еден пит-стоп.
Патеката во Мексико Сити е особено сурова кон сопирачките. Иако нема точки на екстремно нивно оптоварување како на Јас Марина или Монтреал, високите брзини и фреквенцијата на нивно користење, не им остава доволно време да се изладат, а кога се премногу загреани може да откажат во секој момент.
Според најновата временска прогноза за време на викендот во Мексико Сити ќе преовладува променливо и дождливо време. Петок ќе биде студен и ветровит, со температури од 16-22 степени и 60% можност за дожд во попладневните часови. Во сабота и недела ветерот ќе се смири, но температурите ќе останат речиси во истиот опсег, 17-23 степени целзиусови, со 80% веројатност за врнежи од дожд.
Луис Хамилтон ќе ја обезбеди Шампионската Титула веќе во Мексико, ако забележи 14 поени повеќе од својот тимски колега, Валтери Ботас, кој е единствениот негов ривал. Подолу во пласманот, имаме добра борба за третото место, каде моментално е Чарлс Леклерк со 223 поени, девет повеќе од Себастијан Ветел и Макс Верстапен кои имаат по 212 на 4-то и 5-тото место.
Но, на кого му е гајле за третото место во генералниот пласман. Кај генаралниот пласман на конструктори се е веќе решено, Мерцедес АМГ се Шампиони и моментално имаат 177 поени предност во однос на Фереари, кои пак имаат 110 поени предност пред Ред Бул на третото место.
Атмосферата во Мексико несомнено е една од најогнените во Ф1 календарот, па возачите и фановите ширум светот уживаат во текот на целиот тркачки викенд. Квалификациите и Трката се закажани за 20:00/20:10 часот по Македонско време.




