Сузука е многу предизвикувачка и брза патека. Таа има многу брзи свиоци кои се надоврзуваат еден по друг и на кои возачите ретко ја допираат сопирачката. Тоа е оригинална патека, во форма на бројот осум, што значи дека таа е единствената во календарот која истовремено се вози спротивно и во насока на стрелките на часовникот.
Промените на патеката и за оваа година се минимални. Вештачката трева од десната страна на 15-тиот свиок е заменета со двојни рабници, а таму е финализиран и дренажниот систем.
Сузука останува една од ретките патеки со една ДРС-зона. Точката на детекција на разликата помеѓу возачите е 50 метри пред 16-тиот свиок, додека зоната за активација е на 100 метри по излезот од последниот свиок.
Пирели на далечниот исток ги носи своите најтврди смеши, кои треба да се справат со сериозните странични сили кои дејствуваат поради промените на правец на движење при голема брзина.
Како што стана вообичаено, возачите ретко ја бираат белата, која на оваа трка е C1 смеша, со само четворица од нив да се определат за втор сет.
Најмеката, Црвената е најпопуларен избор, која на оваа трка е C3 смеша.
Дуото на Мерцедес АМГ избра по осум сета, Рено и Хас имаат 10 сета по возач, додека сите други ќе имаат по девет сета на располагање.
Сузука е една од историските патеки во сезоната, која припаѓа на "старата школа", со мали области за излетување и релативно потесна, па возачите со овие нови хибридни болиди имаат потешкотии во претекнувањето.
Малку од Ф1 фановите во светот можат да парираат на Јапонските во однос на нивниот ентузијазам и страст. Некои од нив се многу верни, па како што вели Серџо Перез, секоја година има еден фан, кој го чека кога ја напушта патеката или хотелот, за да се слика со него. Како целина, тие се значајно обележје низ целиот викенд.
Пред Јапонското Гран При, на табелата во генералниот пласман на конструктори, тимот на Мерцедес АМГ му бега на најблискиот ривал, тимот на Ферари со 162 поени.
На следните четири трки по Јапонија, во игра се максимални 176, па доколку Сребрените стрели освојат 14 поени повеќе од возачите на Ферари, тогаш овој викенд Германците ќе ја обезбедат 6-тата Шампионска Титула во конструктори.
Луис Хамилтон нема да може да ја обезбеди и теоретски Шампионската Титула кај возачите, но доколку биде Победник на претстојната трка, тогаш сите негови ривали, освен Валтери Ботас(ако може да се нарече ривал), ќе ги загубат математичките шанси за титулата.
🏁 Детален временски распоред и кратко инфо за патеката. - ЛИНК 🏁







