Роман Грожан го забележа 11тото најбрзо време на вториот ден од тестовите во Барселона. Возачот на Хас беше единствениот кој го оштети својот болид, излетувајќи надвор од патеката. На крајот на денот, Французинот зборуваше за неговите првични впечатоци од VF-20.
- Како ви се допаѓа новиот болид?
Роман Грожан: Проверивме многу нешта, не е сè поврзано со брзината, тимот оцени разни решенија, па некои серии кругови испаднаа не толку интересни како другите. Не се обидовме да комплетираме квалификациски круг, едноставно оценивме различни идеи, како и споредувавме податоци од минатата сезона со тековните.
- Што можете да кажете за вашето излетување при крајот на денот?
Роман Грожан: Се извртев.
Повеќето во падокот не беа изненадени дека вие го имавте првото излетување?
Роман Грожан: Па, нека биде така. Не мислам дека јас бев единствен и сигурно не бев прв. На крајот на денот, температурата опадна и гумите излегоа од нивниот работен опсег, тоа е причината.
- Што можете да кажете за споредбата на податоците?
Роман Грожан: Не можам да ви одговорам ништо. Прашањето е важно, но не можам да одговорам. Прашајте го мојот шеф.
- Може ли да се кажат позитивни работи за VF-20?
Роман Грожан: Има многу позитивни аспекти. Прво, немавме технички проблеми, новата амортизација е многу ефикасна. Болидот има силни страни, но има области во кои треба да се подобриме. Сè на сè, имавме добар ден.
- Вие бевте многу успешен возач во младинските шампионати, за вас се зборуваше како за потенцијален победник во Формула 1. Дали се помиривте со фактот дека може да се пензионирате без нити една Ф1 Победа?
Роман Грожан : Тоа не може да се исклучи. Јас веќе имам среќа што се искачив на Победничкиот подиум во 10 наврати. Верувам дека можев да победам на две трки, но среќата беше против мене. Ние ја нарекуваме Формула 1 спорт, но прашање е дали е тоа спорт? Не сум сигурен. Наместо тоа, ова е едно големо шоу. Спортот мора да биде фер, што не може да се каже за Формула 1.
Тоа е исто како да го замолите Роџер Федерер да дојде на Ролан Гарос со рекет за пинг-понг, тој едноставно не би имал шанси за победа. Дали тенисот би го нарекле спорт ако двата тенисери имаат различни рекети или едната страна од теренот е подолга од другата?!?
Физички е тешко да се управува со Ф1 болидот, возев скоро 160 круга, повторно ќе возам многу круга следниот ден, поради што веројатно ќе се чувствувам презаситено за неколку дена.
Може да се случи да не победам на Ф1 трка, но едно е сигурно, ќе дадам се од себе за да добијам таква можност во иднина. Не е тајна дека на крајот на годината, на многу возачи им истекуваат договорите, па некои може да ја завршат својата кариера.
Мислам дека одлуките ќе бидат донесени прилично брзо. Ако по летната пауза одлучам дека ова повеќе не ме интересира, не сакам да патувам низ светот, туку да бидам со семејството, тогаш можам да завршам со Формула 1.
Можеби некој друг ќе одлучи да си заминам, сите опции се отворени. Погледнете го Даниел Рикиардо. Во Рено, тој нема ниту еден подиум, иако е одличен возач и победник на Ф1 трки. Се зависи од тоа со каква техника располагате во вашите раце.
РОМАН ГРОЖАН - ФОРМУЛА 1 НЕ Е СПОРТ, ТУКУ ШОУ
2/21/2020 03:17:00 PM
0
Tags
Share to other apps