Во овие времиња, без преседан за мотоспортот, Отмар Шафнауер даде кратко интервју за јавноста околу моменталната состојба во која се наоѓа тимот.
Отмар, изминатите неколку недели беа тешки, не само за мотоспортот, туку и за заедниците низ целиот свет. Каков е моралот во тимот?
"Нашата прва грижа во вакво време е физичката и менталната благосостојба на нашите колеги, нивните семејства и пријатели. Сега сите се вративме во Велика Британија и се прилагодуваме на оваа нова реалност, но тоа сигурно не е лесно за никого. Очигледно сме разочарани што не можеме да се тркаме во блиска иднина, но, на крајот на краиштата, сите го разбираме значењето на ситуацијата во која се наоѓаме. Предизвиците со кои се соочува светот во моментов се поразлични од сè што сум го знаел во животот и јасно го надминуваат спортот, па донесените одлуки се на место."
Дали фабриката сè уште работи во овој момент?
"Со оглед на најновите насоки од Владата на Велика Британија, ние ја затворивме во средата навечер, и ќе биде затворена најмалку три недели. Како што во моментов стојат работите, и важно е да се нагласи дека станува збор за флуидна ситуација, ние ќе се вратиме на работа во четврток на 16 Април. Исто така, работевме исклучително напорно во текот на последните неколку недели за да се осигураме дека сите вработени кои можат да работат од дома да ја добијат сета потребна опрема за да импровизираат домашни канцеларии."
Како тоа ќе влијае на подготовките за 2021 година?
"Ова е непозната ситуација за нас, состојба која се менува од ден за ден. Во моментов, ние едноставно не можеме да кажеме кога ќе се вратиме во нормала. Има толку многу фактори што не се под наша контрола. Имајќи го ова предвид, тимовите и ФИА, донесоа одлука да се одложи воведувањето на новите регулативи до 2022 година."
"Од логистичка и од перспектива на трошоците, ова има апсолутна смисла. Се разбира, тоа не значи дека можеме да си дозволиме одмор кога ќе се вратиме на работа. Кога на крајот ќе се вратиме на патеките, треба да бидеме во позиција да се натпреваруваме, какви и да се прописите. Остануваат уште многу работи и ќе бидеме подготвени да се справиме со тоа кога ќе дојде време."
Каква порака имате за фановите на тимот и Формула 1?
"Во име на сите во тимот, би сакал да им се заблагодарам на нашите фанови за нивната поддршка во ова предизвикувачко време. Исто така, би сакал да ја признаам посветеноста и позитивноста на нашите трговски партнери. Штом е безбедно да се стори тоа, ќе се вратиме на трките. Во меѓувреме, во тек се одлични напори со F1 Esports и нашите возачи ќе бидат вклучени во тие настани во наредните недели."
"Мојата последна мисла е да ги следиме советите на владата, да останеме дома и да се однесуваме одговорно, колку повеќе сите ги следиме упатствата, толку побрзо ќе се вратиме на трките. Важно е сите да останеме обединети во овие необични времиња и да останеме безбедни и здрави."
ОТМАР ШАФНАУЕР ЗА СОСТОЈБАТА ВО РЕЈСИНГ ПОИНТ
3/26/2020 11:24:00 PM
0
Share to other apps