Патеката е со вкупна должина од 5.848 километри со што е третата најдолга во календарот, зад СПА и Силверстоун. Најдолгиот правец изнесува 650 метри.
Главна карактеристика по која што сите ја распознаваме e третиот свиок, т.е. полукругот околу олимпискиот подиум, нареден со знамињата на сите земји учеснички на Олимпијадата од 2014 година, свиок што предизвикува споредби со осмиот свиок во Истанбул и беше локација на неколку незаборавни инциденти (Грожан во 2015 година и Ветел во 2016 година) и некои епски престигнувања (како што е тоа на Чарлс Леклер на Магнусен во 2018 година).
Сепак, како најлесно место за претекнување е делот од последниот свиок до силното кочење за влез во вториот свиок. Две години по ред, должината на ДРС зоните во Сочи се зголемуваше, но за оваа година тие се совпаѓаат со минатогодишните. Имаме две ДРС-зони, првата точка на детекција се наоѓа на 72 метри по 18-от свиок, а точката за активирање е 95 метри пред првиот свиок, додека втората точка на детекција се наоѓа на 72 метри пред 10-тиот, а точката на активирање е 70 метри по истиот свиок.
На оваа патека проблемите на современите болиди се изразени во голема мера, па болидот што се наоѓа назад има проблем со следењето на болидот пред себе, па претекнувањето е потешка задача отколку на другите патеки. Како и на секоја улична трка, клучно за добро место и што повисок пласман ќе биде освоената стартна позиција и добар старт.
Но, на оваа патека Пол позицијата не е толку посакувана, бидејќи возачите што поназад може да ја искористат заветрината. Минатата година Ветел го престигна Леклер, кој стартуваше од првата позиција, а во 2017 година Валтери Ботас ги престигна возачите на Ферари, откако стартуваше од третото место.
Руското Гран При е една од неколкуте трки во оваа 2020 сезона, што ќе се одржи во претходно планираниот термин, и во исто време со минатата година. Инженерите на Пирели се решија да номинираат еден чекор помеки смеши за оваа трка, C3, C4 и C5, што ќе ја зголеми брзината и ќе ја диверзифицира стратегијата.
Временската прогноза за викендот во Сочи најавува летни температури, а веројатноста за врнежи е мала. Недела ќе биде најжешкиот ден од викендот.
| ВРЕМЕНСКА ПРОГНОЗА ЗА ВИКЕНДОТ | |||
| СЕСИЈА | ВРЕМЕ | ПРОГНОЗА | |
| ТРЕНИНГ 1 | 11:00-12:30 MK | Претежно Сончево, 27/29°C | |
| ТРЕНИНГ 2 | 15:00-16:30 MK | Претежно Сончево, 28/30°C | |
| ТРЕНИНГ 3 | 12:00-13:00 MK | Претежно Сончево, 27/29°C | |
| КВАЛИФИКАЦИИ | 15:00-16:00 MK | Претежно Сончево, 28/29°C | |
| ТРКА | 15:10 MK | Сончево 30/31°C 34°C |
|
| Извор: Accuweather | |||
| @МкФормула1 - РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА @MkFormula1 - REPUBLIC OF MACEDONIA |
|||
Според техничарите на Брембо, Сочи е една од најсложените патеки за сопирачките. На скала од 1 до 5, индексот на тежина е 4, што ја става во иста кетегорија со Монца и СПА-Франкоршамп. Од десетте точки за сопирање на оваа патека, две се класифицирани како предизвикувачки за сопирачките, пет се со средна тешкотија и три се лесни.
Најтешкиот дел за сопирање е вториот свиок, кога болидите од 336км/ч намалуваат до 131км/ч за време од 1.85 секунди и растојание од 109 метри. За да го сторат тоа, од возачите се бара да нанесат товар од 144 кг на педалот на сопирачките и да се подложат на сила од 6.1Г при забавувањето.







