Тимот на Ферари, овој викенд на патеката Муџело, ќе ја стартува 1000-та трка во Формула 1. По овој повод, на трката за ГН на Тоскана - Ферари 1000, болидите на италијанскиот тим ќе бидат обоени во истата боја што беше користена во 1950 година, кога за прв пат се одржа модерниот Ф1 шампионат.
Слична нијанса на црвената боја од страна на Ферари беше користена во во Бахреин во 2010 година, кога, на покана од Берни Еклстоун, се собраа сите Ф1 шампиони кои беа живи во тоа време. Овој уникатен собир на Ф1 хероите од различни години беше посветен на 60-годишнината од шампионатот. Потоа сезоната започна со трка во Бахреин, а победата му припадна на Фернандо Алонсо, кој таа година се пресели во Ферари.
Во 1950 година, Ферари дебитираше во втората трка од инаугуралниот Ф1 Шампионат, Големата Награда на Монако. Пред почетокот на сезоната, тимот на Енцо Ферари на По Гран При-то(Grand Prix de Pau), трка која не беше вклучена во шампионат, беше поразен од Масерати, за кој возеше Хуан-Мануел Фанџо, па "il commendatore" реши да не ги испраќа своите болиди во Англија.
Победата на историската ГН на Монако му припадна на Фанџо, кој веќе се приклучи на тимот на Алфа Ромео, но возачот на Ферари, Алберто Аскари заврши на второто место. Вториот возач на Ферари, Рејмонд Сомер, заврши на 4-то место.
Во најновата 2020 сезона тимот од Маранело минува низ тежок период и тешко може да се очекува дека на Големата Награда на Тоскана - Ферари 1000, Себастијан Ветел и Чарлс Леклер ќе се борат за високи резултати. Сепак, во Формула 1 сè може да се случи, и не може да се исклучи дека неочекувано би имале среќа во нивната јубилејна трка.
БОЛИДИТЕ НА ФЕРАРИ СО СПЕЦИЈАЛНИ БОИ ЗА ЈУБИЛЕЈНАТА ТРКА
9/07/2020 06:02:00 PM
0
Share to other apps



