Едно од изненадувањата на денешните квалификации е четвртата позиција на Чарлс Леклер, кој како што вели и самиот е изненаден што се квалификувал на вториот стартен ред на Нирбургринг. Себастијан Ветел не помина толку добро и беше најбрз од оние кои не успеаја да се пласираат во Q3, што му донесе слободен избор на гуми за старт на трката.
Чарлс Леклер, П4: "И самиот сум изненаден. Мислев дека ќе имаме проблеми на студеново време. Обично при вакви услови, не можеме да ја достигнеме работната температура на пневматиците. Но, денес се беше ок. Презадоволен сум од мојот настап, особено од последниот круг. Направив се како што треба, четвртата позиција е одличен резултат."
"Имаме неколку нови надградби за овој викенд, и тие работеа добро. Не бараме решенија што ќе ни овозможат голем чекор напред, туку се обидуваме да го рафинираме болидот по малку секој викенд. Досега, сè работи како што треба. Секој пат кога ќе донесеме нешто, тоа работи. Така создаваме добра основа за понатамошен развој."
"Тешко е да се каже зошто Себастијан е побавен. Тој е четирикратен шампион и сигурен сум дека повторно ќе започне да ги постигнува заслужените резултати. Сега сум фокусиран на себе и се обидувам секој пат да го извлечам максимумот од болидот."
"Пред нас е многу интересна трка, бидејќи никој не знае што да очекува. Не знаеме ништо за однесувањето на болидите со полни резервоари. Утре ќе биде важно да се следи состојбата на гумите."
Себастијан Ветел, П11: "Пробав сè, но навистина се борев со болидот во првиот сектор и многу се лизгав. Штета што не можевме да стигнеме до Q3, бидејќи се чувствував добро во болидот и мислам дека темпото беше пристојно. Се надевам дека со слободниот избор на гуми, утре ќе имаме малку повеќе среќа."
"Имавме малку време за испробување на новите надградби, па на денешниот тренинг моравме да направиме споредба користејќи различни конфигурации на двата болиди, но мислам дека тие не направија голема разлика.
"Среќен сум што фановите на трибините имаа шанса да видат акција на патеката, за разлика од вчера кога немаа можност за тоа."
ФЕРАРИ: ЛЕКЛЕР БЛЕСКАШЕ, СЕБАСТИЈАН НИКАКО ДА ВЛЕЗЕ ВО ФОРМА
10/10/2020 08:50:00 PM
0
Share to other apps