Мерцедес АМГ го потврди Џорџ Расел како тимски колега на Валтери Ботас за Големата Награда на Шахир која се вози викендов, заменувајќи го Луис Хамилтон кој не е во можност да се натпреварува.
Младиот Британец е ослободен од обврските кон тимот на Вилијамс, кои за овој викенд ќе ги преземе Џек Ајткен. Плановите на Мерцедес АМГ за Големата Награда на Абу Даби ќе бидат објавени во догледно време по тркачкиот викенд.
Џорџ Расел е член на младинската програма за возачи на Мерцедес-Бенц од 2017 година, кога, како дебитант, ја освои шампионската титула во ГП3 серијата, за потоа да го повтори подвигот во Формула 2 во 2018 година. Тој дебитираше во Формула 1 со тимот на Вилијамс во 2019 година, демонстрирајќи импресивни перформанси во изминатите две сезони.
Џек Ајткен, 25, во моментов е резервен возач на Вилијамс и сега ќе дебитира во Формула 1 на претпоследната трка од 2020 сезоната. Ајткен беше зад воланот на FW43, на првиот трениг за Големата Награда на Стирија. Заедно со неговите должности како резервен возач, Ајткен се натпреварува во Формула 2, каде има забележано два пласмани на подиум.
Тото Волф: "Прво и најзначајно, сакам да им се заблагодарам на нашите верни партнери во Вилијамс за соработката и овозможувањето Џорџ да се трка за Мерцедес АМГ овој викенд."
"Џорџ нема да има лесна задача со премин од болидот на Вилијамс во W11, но тој е физички подготвен и има детално разбирање за однесувањето на гумите во 2020 година и за тоа како тие функционираат на оваа генерација болиди."
"Имаше силни перформанси со Вилијамс и јас сум оптимист дека тој ќе има добра трка, заедно со Валтери, кој ќе биде референца за неговите можности."
"Оваа трка ќe биде посебна за нас, бидејќи за прв пат член на нашата младинска програма ќе се натпреварува за Мерцедес АМГ. Нашиот фокус e кон што подобро претставување на Валтери и Џорџ со цел да освоиме што е можно повеќе поени за тимот."
"Но, се разбира, во нашите мисли ќе биде и Луис, за што побрзо закрепнување при неговиот период на самоизолација."
Џорџ Расел: "Прво, сакам да искажам огромна благодарност на сите во Вилијамс што ми ја дадоа оваа можност. Овој викенд можеби ќе носам комбинезон во други бои, но јас сум возач на Вилијамс и ќе го бодрам мојот тим на секој чекор."
"Ова го гледам како голема шанса да учам од најдобриот тим на гридот и да се вратам како подобар возач, со уште поголема енергија и искуство за да му помогнам на Вилијамс да напредува."
"Голема благодарност и до Мерцедес за вербата во мене. Очигледно, никој не може да го замени Луис, но јас ќе дадам сè од себе, за негово отсуство да не се почувствува. Што е најважно, му посакувам брзо закрепнување. Јас навистина се радувам на можноста и едвај чекам да излезам на патеката."
Џек Ајткен: "Апсолутно сум воодушевен што ќе имам можност да дебитирам со тимот на Вилијамс за време на претстојната трка во Бахреин и јас сум исклучително среќен што и Џорџ доби своја шанса!"
"Навистина го мислам тоа, кога велам дека се чувствувам како дома, откако му се приклучив на Вилијамс претходно оваа година, така што да ја добијам мојата шанса да му помогнам на тимот да се обидеме да стигнеме до неостваренaтa цел, финиш во поени, е најмалку што можам да направам."
"Ќе дадам се од себе, пред се да се подготвам што подобро во наредните денови, но за волја на вистината, уште од Мелбурн се чувствувам како да сум подготвен."
Тој на социјалните мрежи објави дека ќе се натпреварува под број 89.
"Време е да се вратиме на корените. Овој викенд ќе се тркам со број 89, со кој ја започнав својата кариера пред многу години."
ЏОРЏ ВО МЕРЦЕДЕС АМГ, АЈТКЕН ДЕБИТИРА ЗА ВИЛИЈАМС
12/02/2020 12:10:00 PM
0
Share to other apps