Тимот на Мерцедес АМГ официјализираше дека актуелниот шампион во конструктори и актуелниот шампион кај возачите ќе продолжат заедно во 2021 година. Со ова една од најуспешните соработки во спортот продолжува деветта последователна сезона. Значителен дел од новиот договор е посветен на заедничката потрага по поголема разновидност и инклузивност во мотоспортот, што ќе се претвори во заедничка фондација.
Луис Хамилтон: "Мило ми е што ќе ја поминам деветтата сезона со моите колеги во Мерцедес АМГ. Нашиот тим работеше заедно за да постигнеме неверојатни достигнувања, и сега се подготвуваме да го надградиме овој успех, притоа обидувајќи се да направиме се подобро и подобро и на патеката и надвор од неа. Подеднакво сум решен да го продолжам започнатото и заради идните генерации да го направам моторспортот поразновиден."
"Благодарен сум што Мерцедес АМГ е многу поддржувачки во ова. Горд сум што оваа година ќе вложиме дополнителни напори и ќе воспоставиме фондација што ќе се справи со предизвиците на различноста и вклучувањето во нашиот спорт. Инспириран сум дека заедно можеме да постигнеме многу и едвај чекам да се вратам на работа во март."
Тото Волф, тимски шеф на Мерцедес АМГ: "Луис и јас отсекогаш се согласувавме дека ќе продолжиме да соработуваме, но 2020 година беше многу невообичаена година, поради тоа, преговарачкиот процес беше одложен."
"Заедно решивме да ги продолжиме нашите спортски односи за уште една сезона и да го направиме следниот чекор во нашата потрага да го направиме спортот поразновиден, за што започнуваме долгорочен проект."
"Постигнувањата на Луис се меѓу најзначајните во светот на спортот, а ние исто така го цениме како амбасадор на нашиот бренд и на нашите партнерски компании. Во текот на изминатите осум сезони, Мерцедес АМГ и Луис го пишуваа своето поглавје во книгите за историјата на Формула 1, и сега сакаме да додадеме нови страници."
Тото Волф на прес-конференција ги коментираше и различните гласини кои што се појавија во медиумите.
"Заедно се согласивме дека договорот ќе биде на една година. Како прво, затоа што во 2022 година регулативите значително ќе се променат. Ние сакаме да видиме како ќе се промени ситуацијата во светот и во нашата компанија до тој момент. Покрај тоа, ова се должи и на фактот дека преговорите започнаа предоцна."
"Поради напорната сезона, очекувавме да преговараме за новиот договор помеѓу двете трки во Бахреин, но тој се разболе, па на крајот започнавме преговори нешто пред Божиќ. Беше важно да се согласиме за сè што е можно побрзо, затоа го одложивме прашањето за сезоната 2022, фокусирајќи се на 2021 година и ќе разговараме за тоа подоцна оваа година."
"Останува одредена несигурност во светот што може да влијае на тоа како ќе се развива нашиот спорт, кои ќе бидат нашите приходи, вклучително и од телевизиските права и од спонзори. Дајмлер и Мерцедес претрпуваат трансформација кон електрични возила, што бара инвестиции. Денешната финансиска реалност е многу поразлична од онаа пред неколку години."
"Никогаш не сме имале несогласувања. Сфативме дека треба да потпишеме договор за 2021 година, да започнеме со работа и веќе во текот на сезоната, но сега многу порано, да разговараме за ситуацијата со 2022 година. Гласините дека Луис сакал да добие дел од приходите на тимот или да влијае на изборот на неговиот соиграч не одговараат на реалноста."
"Јас и самиот прочитав за тоа во весниците и бев многу изненаден. Всушност, во сите изминати години, никогаш не разговаравме за прашања во врска со возачите. Луис никогаш не го барал ова во изминатите осум години. Ова е исклучиво тимска одлука. Истото важи и за гласините за поделба на приходот или учеството во нив. Никогаш не разговаравме за ова."
ХАМИЛТОН И МЕРЦЕДЕС АМГ СЕ ДОГОВОРИЈА ЗА 2021 СЕЗОНАТА
2/08/2021 04:15:00 PM
0
Share to other apps