Формула 1 карванот оди кон Италија и интернационалната патека Енцо и Дино Ферари, за втората трка од 2021 календарот, Големата Награда на Емилија-Ромања.
Патеката, почесто нарекувана Имола во почит кон соседниот град, повторно се појави во календарот во 2020 година по пауза од 14 години.
Нејзиниот кам-бек беше добро прифатен од заинтересираните страни во Формула 1, тимовите и возачите, и додека се беше замислено како едногодишен излет, организаторите на крајот обезбедија место во календарот и за тековната 2021 година.
По добриот настап во Бахреин многу се очекува од возачите на Ред Бул, кои во продолжение ги изнесоа своите размислувања пред викендот во Имола.
Големата Награда на Бахреин беше исполнет тркачки викенд. Како гледате на тоа?
Серџо Перез: "Навистина беше интензивен настан, мислев дека трката е завршена уште пред да стартувам, но имавме среќа повторно да го стартувам болидот. Секогаш е важно да се максимизираат "лошите денови" и да се извлече максимум од нив и на крајот беше многу позитивeн крај на трката со неколку добри поени освоени за тимот. Мислам дека беше исто така многу важно да се извозат тие километри и да се заврши трката со цел да се забрза адаптацијата со болидот, тимот и сите процеси."
Што помисли кога во формацискиот круг болидот застана на патеката?
Серџо Перез: "Немав поим што се случува, но останав смирен. Болидот едноставно се исклучи, радиото, телеметријата, сè беше целосно исклучено и за момент не можев да сторам ништо. Бев пред излегување од него, а потоа една секунда подоцна, успеавме да го вклучиме. На крајот, мислам дека имавме многу среќа што останав во болидот и успеавме да продолжиме повторно, иако требаше да ја започнеме трката од пит-линијата."
Макс се квалификуваше на пол позицијата, но загубивте од Мерцедес АМГ во трката. Колку е блиска борбата со нив?
Серџо Перез: "Мислам дека ќе биде многу блиска борбата со нив и ќе видиме дали тоа беше поврзано со карактеристиките на патеката. Ќе биде интересно да се види како ќе биде во Имола, на многу поразлична патека од Бахреин, и да видиме како ќе се рангираме против нив."
Што научивте за Тимот, за Макс, за болидот во текот на тркачкиот викенд?
Серџо Перез: "Научив многу. Научив повеќе за стилот на возење на Макс и за тоа како треба да се вози болидот за да се извлече максимумот од него. Мислам дека тоа беше најголемата добивка, знам каков баланс ми треба од болидот во текот на целиот викенд."
Кои се вашите очекувања за Имола и што ќе биде важно за да се обезбеди добар викенд?
Серџо Перез: "Мојата цел е да имам добра трка и се радувам на викендот. Се надевам дека во Имола ќе можеме да се бориме за подиум и се надеваме на победа. За разлика од Бахреин, квалификациите се многу важни во Имола, бидејќи тешко дека можете да престигнувате, но ми се допаѓа."
Пред нас е долга сезона, но дали беше задоволувачко да се освои првата пол позиција во сезоната?
Макс Ферстапен: "Секако, трката во Бахреин беше одличен почеток на сезоната, беше позитивен викенд во однос на перформансите, но нема гаранции дека тоа ќе се повтори во Имола. Имавме позитивен почеток на сезоната, па се надеваме дека можеме да продолжиме во ист стил, но нема да биде лесно и треба да дадеме се од себе, да работи се совршено за да го победиме нашиот главен ривал."
Како гледате на Големата Награда на Бахреин?
Макс Ферстапен: "Секако дека секогаш има работи што можеме да ги направиме подобро, но тоа е секогаш лесно да се каже по тркачки викенд. Како тим секогаш гледаме да се подобруваме, но тоа е константа на која секогаш работиме, секогаш сакаме да размислуваме однапред. Дури и да ја добиевме трката во Бахреин, секогаш има области за подобрување, особено кога се борите со тим, седумкратен освојувач на шампионската титула, така што ќе продолжиме да го правиме тоа и во Имола. Подготвен сум за битка и пред нас е многу долга сезона."
Какво е управувањето со RB16B и дали е попријатно да се вози отколку RB16?
Макс Ферстапен: "Мислам дека не можете да ги споредувате двата болиди затоа што има многу различни фактори како што се гумите и аеро-промените, но RB16B дефинитивно добро се справува досега. Исто така, бевме само на една патека, така што на секој викенд треба да се обидете и повторно да го пронајдете најдобриот баланс на болидот, но секој во Формула 1 ужива во тој предизвик."
Какви се чувствата пред Имола и што можеме да очекуваме на оваа патека?
Макс Ферстапен: "Се чувствувам навистина опуштено пред тркачкиот викенд во Имола, со нетрпение очекувам да се вратам таму. Минатата година имавме доста добра трка до проблемите со гумите. Повторно, имавме само една трка од почетокот на сезоната за да знаеме како ќе се претставиме, ќе мора да почекаме и да видиме што ќе се случи на патеката. Желбата доаѓа одвнатре и јас сум мотивиран да пробам да победувам на секоја трка. Па, да видиме дали можеме да одиме чекор понапред."
СЕРЏО ПЕРЕЗ, МАКС ФЕРСТАПЕН - ПРАШАЊА И ОДГОВОРИ
4/12/2021 10:15:00 PM
0
Share to other apps