Следната година ќе започне нова ера во Формула 1. Техничките регулативи значително ќе се променат, болидите ќе изгледаат поинаку и ќе станат помалку чувствителни на протокот на воздух, што ќе им овозможи на возачите да нападнат и активно да се борат.
Пред почетокот на викендот во Силверстоун, Формула 1 и ФИА покажаа како би изгледал болидот, изграден според прописите од 2022 година. Се разбира, секој тим ќе најде свое решение во рамките на правилата, но во областа на аеродинамиката, регулативите се многу ограничени.
Контурите на болидите може да се замислат и сега, нешто што од техничкиот одддел на Формула 1 се обидоа да го претстават со денес прикажаната макета во целосна големина.
Очигледно дека ова е само замисла на Либерти Медиа, која сигурно ќе се разликува од болидите што тимовите ќе ги конструираат за следната сезона. За тоа колку ќе се разликуваат ќе треба да почекаме до официјалните презентации на тимските болиди, кои ќе се одвиваат во првите месеци од 2022 година.
Се надеваме дека со новите правила ќе се заборави најлошото време во историјата на Ф1 (2014-2020), а од 2022 година возачите повторно ќе бидат поважни и ќе имаме поголема еднаквост на гридот.
Жан Тод, Претседател на ФИА: "Воодушевен сум што ве поздравувам во еден ваков интересен момент од историјата на Формула 1. ФИА се обидува да гарантира светла иднина за Формула 1 како врв на светскиот моторспорт. Формула 1 отсекогаш била лабораторија за иновации и благодарение на масивните измени во регулативата, ново поглавје во нејзината историја ќе започне во 2022 година. Сигурен сум дека сите со нетрпение ја очекуваат следната година кога ќе ги видат новите болиди во акција."
Стефано Доменикали, Претседател на Формула 1: "Денес ви го претставуваме болидот за 2022 година. Прописите развиени од ФИА за 2022 година создаваат услови за поблиска борба на патеката. Разликата во конкурентност на тимовите треба да се намали, борбата на патеката ќе стане подобра, бројот на претекнувања ќе се зголеми. Новите болиди ќе бидат елегантни, рационализирани и дизајнирани да напаѓаат до границите на нивниот лимит. Ова е неверојатен момент за светот на Формула 1 и јас сум многу среќен што го споделувам со вас."
Рос Браун, спортски директор на Формула 1: "Oстануваат само 170 дена до почетокот на следната сезона, кога на патеката ќе ги видиме болидите од новата генерација. Со нетрпение го очекуваме почетокот на новата ера. Иако видовме одлични борби оваа година, сепак за возачите е тешко да бркаат противнички болид на патеката."
"Прописите за 2022 година ќе го решат овој проблем и ќе овозможат да гледаме поинтензивни борби. Новите правила за аеродинамика, заедно со финансиските регулативи кои ги ограничуваат трошоците, ќе создадат услови за намалување на разликите помеѓу тимовите и поизбалансирана борба."
2022 БОЛИДИТЕ ЌЕ БИДАТ ФУТУРИСТИЧКИ, НО ПОБАВНИ
7/15/2021 04:50:00 PM
0
Share to other apps











