Од тимот на Ред Бул излегоа со официјална потврда дека го продолжија договорот со Серџо "Чеко" Перез, според кој Мексиканецо останува во тимот и во следната 2022 сезона.
Серџо Перез се приклучи на Ред Бул во 2021 година и веднаш импресионираше откако се квалификуваше за првиот ред во само неговата втора трка за тимот за ГН на Емилија Ромања.
По четири Топ 5 пласмани во првите пет трки, Мексиканецот ја покажа својата умешност и конзистентност и со првата победа за тимот на Ред Бул во неговата шеста трка за ГН на Азербејџан. Чеко имаше и продолжува да игра клучна улога во битката за шампионатот на конструктори.
Со оглед на тоа што Макс веќе се обврза за Ред Бул до крајот на 2023 година, Ред Бул посакува конзистентна возачка постава, што е од клучно значење за почеток на новата ера на Формула 1.
Кристијан Хорнер, тимскиот шеф и извршен директор на Ред Бул: "Чеко е многу ценет член на тимот и неговото искуство и тркачка вештина се непроценливи додека се бориме за шампионатот на конструктори. Неговата интеграција во поширокиот тим беше беспрекорна и бевме импресионирани од неговите настапи во текот на првата половина од сезоната, кои покажуваат за што е способен во нашиот болид."
"Следната година ќе преминеме во нова ера за Формула 1 со целосно ревидирани прописи и болиди, а со преку 200 трки и деценија искуство, Чеко ќе игра интегрална улога во помагањето на тимот да се снајде во оваа транзиција и да го максимизира РБ18. Нашиот сегашен фокус е да ја завршиме тековната сезона што е можно посилно и со нетрпение очекуваме да го видиме она што се надеваме дека ќе биде негова успешна сезона со тимот."
Серџо Перез: "Навистина сум среќен што продолжувам со одличен тим како Ред Бул во новата ера на Формула 1 и тоа е одлична можност за мене. Сите започнуваат од нула следната година со новите прописи, така што мојата единствена цел е да одам до врвот со Ред Бул."
"Секогаш е потребно време за да стигнете до најдобрата своја форма кога ќе се приклучите на нов тим, но оваа сезона работите функционираа добро и навистина уживам да бидам дел од семејството на Ред Бул. Работиме напорно за да постигнеме резултати, така што е одлично да се види како тимот има доверба во мене и за во иднина."
"Имаме уште многу да постигнеме заедно и се уште имаме голем предизвик за оваа сезона, така што навистина се надевам дека ќе ја завршиме годината на високо ниво и ќе го однесеме тој импулс во 2022 година."
"Сакам да им се заблагодарам на сите мои поддржувачи ширум светот и особено оние во Мексико. Од моите спонзори до моите фанови, тие беа многу ентузијасти откако се приклучив на Ред Бул, така што навистина се надевам дека ќе ги наградиме со достигнување на врвот и освојување на титулата."
РЕД БУЛ ГО ПРОДОЛЖИ ДОГОВОРОТ СО СЕРЏО ПЕРЕЗ
8/27/2021 02:26:00 PM
0
Share to other apps




