На крајот на сезоната, Хонда ќе ја напушти Формула 1. Компанијата подготвуваше специјална промоција за својата последна домашна трка, ГН на Јапонија, трка која беше откажана со одлука на властите.
Викендот во Сузука, кој требаше да се одржи оваа недела, беше заменет со трката во Турција, место каде што ќе видиме одредени делови од промоцијата што Хонда ја подготвуваше за Сузука.
Тојохару Танабе, технички директор на Хонда: "Овој викенд требаше да се одржи Јапонското ГП, штета што мораше да се откаже поради пандемијата. Сите во Хонда со нетрпение ја очекуваа последната домашна трка во Формула 1 за нас со учество на јапонскиот возач, Јуки Цунода, кој оваа година ја има својата дебитантска сезона."
"Знаеме дека и јапонските фанови се многу вознемирени поради откажувањето на трката, но ние им подготвивме разни настани преку Интернет и ќе покажеме нешто посебно на патеката во Истанбул парк."
"Во Турција, ние се стремиме да постигнеме добри резултати за сите четири возачи на нашите двa тима. Ги разгледавме податоците од минатата година и работевме напорно за да се подготвиме што е можно подобро за овој викенд."
Како резултат на тоа, болидите на Ред Бул и АлфаТаури овој викенд ќе се тркаат со специјално обојување, кое што било планирано за домашниот тркачки викенд на Хонда.
Болидите на Ред Бул ќе имаат претежно бела боја, инспирирана од легендарниот болид Хонда РА 272, со кој американскиот возач Ричи Гинтер обезбеди прва Ф1 победа за компанијата на Мексиканското Гран При во 1965 година. Судејќи според реакциите на социјалните медиуми, белиот RB16B е многу добар.
На болидите на АлфаТаури, на задните крила ќе има порака од еден збор ありがとう (аригато), што значи "благодарам".
Откако беше започнато партнерството на Ред Бул со Хонда во 2018 година, јапонскиот производител им помогна и на Ред Бул и на АлфаТаури да стигнат до врвот на подиумот во Формула 1, со тоа што Ред Бул забележа 13 победи до денес, додека АлфаТаури оствари незаборавна победа на домашен терен во Италија во 2020 година.
Се на се, Ред Бул и Хонда заедно постигнаа 35 пласмани на подиумот и 11 Пол позиции до денес.
Кристијан Хорнер, тимски шеф на Ред Бул: "Сите со нетрпение очекувавме да им дадеме шанса на јапонските фанови на Хонда да ја прослават нашата исклучително успешна врска во Формула 1, на домашен терен во Сузука."
"Трката стана жртва на пандемијата, но ние, едноставно, не можевме да дозволиме да помине викендот без да им оддадеме почит на Хонда и нејзините неверојатни домашни фанови со тоа што ќе донесеме малку од нивната историја во Истанбул."
"Обојувањето на нашите болиди оддава почит на извонредното патување на Хонда во Ф1 и се надеваме дека ќе им подариме на фановите уште една победа во тие легендарни бои овој викенд."
<
Сепак, и покрај тоа што партнерството помеѓу Ред Бул и Хонда во Формула 1 ќе заврши на крајот на годината, тие ќе ја продолжат соработката во областа на мотоспортот.
Новиот договор подразбира заедничка работа во различни области, олеснување на преносот на интелектуална сопственост за Хонда ПЕ кон новосоздадената компанија Red Bull PowerTrains, обука на млади возачи, координација на акции во различни тркачки дисциплини итн.
Во Формула 1, Red Bull Powertrains ќе ги добие правата за користење на интелектуалната сопственост на Хонда за 2022 година, а јапонските инженери ќе продолжат да даваат техничка поддршка на Ред Бул во фазите на производството и на тркачката патека.
Од 2023 година, RBPT целосно независно ќе произведува и ќе сервисира погонски единици наменети за тимовите на Ред Бул и АлфаАтаури. Покрај тоа, инженери на Honda Racing Development, кои работат во Велика Британија ќе се преселат во RBPT.
РЕД БУЛ И АЛФАТАУРИ СО БЛАГОДАРНОСТ ДО ХОНДА
10/06/2021 11:19:00 PM
0
Share to other apps
