Матија Биното, тимскиот шеф на Ферари, во годишното сумирање на постигнатото во изминатата сезона и осврт на наредната, истакна дека 2022 сезоната е нова можност за италијанскиот тим, но во исто време, не сака јавноста да биде бомбардирана со шампионски амбиции, објаснувајќи дека најважно е да се продолжи со целокупното подобрување.
Тимот од Маранело имаше тешка 2020 година, кога мораa да се задоволат со разочарувачкото шесто место, за да се подобрат оваа година до пристојното трето место, веднаш зад дуото формирано од Мерцедес АМГ и Ред Бул, кои повторно беа недостижни.
Новите технички прописи во Формула 1 кои ќе бидат воведени од следната година, во обид за многу повозбудливи трки, сите ги очекуваат со надеж дека ќе видиме многу поблиска борба на патеката и на табелите од страна на сите инвловирани страни.
Сепак, Матија Биното истакна дека Ферари сеуште не е на истото ниво со "многу силните" фаворити и дека нивната цел за следната сезона треба да биде да се продолжи со намалување на нивниот дефицит.
"Вложивме голем труд за 2022 година, тоа беше приоритет за нас и неопходност. Да не го направевме тоа, ќе беше тешко да имаме добар или конкурентен болид во 2022 година. За нас тоа беше повеќе потреба. Дали тоа ни дава целосна доверба? Не, не можеме да бидеме сигурни. Немаме референца што постигнале другите. Она што го знаеме е дека го вложивме целиот наш труд. Што и да имаме е најдобар резултат од тимски напор. И тоа ни е важно."
"Она што ќе биде важно за нас следната година е да продолжиме да напредуваме и дополнително да се намали разликата во однос на конкурентите. Новите прописи се јасна можност. Надежта е да бидеме конкурентни, а за мене тоа е да можеме да победуваме на трки. Дали тоа би значело дека ќе можеме да се бориме за шампионска титула? Според досегашните резултати, разликата е сè уште голема."
"Но, како Ферари, тоа е дел од нашата ДНК. Она што е важно е да бидеме способни да се бориме, барем во некои трки, за Пол позиција и за Победа. Тоа е едноставна последица на континуираното растење и подобрување. Би бил разочаран ако не се подобриме, во споредба со оваа година."
Ферари ги полага своите надежи во подобрената погонска единица за 2022 година. Италијанците го забрзаа воведувањето на новиот хибриден дел во вториот дел од 2021 шампионатот за да може дополнително да го процени неговиот потенцијал.
"Погонската единица е значително различна од сегашната, освен хибридниот дел. Со хибридот што го воведовме во 2021 година, предвидовме каква ќе биде 2022 спецификацијата. Ќе има одредени промени во хибридниот систем за 2022 година како прво во регулативата бидејќи повеќе сензори се означени како задолжителни во сите системи за подобро следење на регуларноста. Но, целокупниот систем е многу сличен на оној со кој се тркавме на крајот од сезоната."
"Oстанатиот дел, особено моторот, морам да кажам е значително изменет. Добивме ново гориво, што е 10% етанол, кој многу го промени согорувањето. Со оглед на тоа различно гориво, кој и да е добавувачот и за кој тим, ние губиме плус/минус 20 КС. Имаше многу можности за развој на погонската единица и ние ја променивме доста, особено во дизајнот на самото согорување."
"На шасијата, што можевме да иновираме? Мислам дека начинот на кој што пристапивме беше навистина слободоумен по прашање на концептот на болидот, што не е само надворешната форма, туку и се што може да се направи под каросеријата, дизајнот на амортизацијата. Мислам дека тимот направи значајни иновации и целокупниот дизајн што сега го финализираме е сосема различен од проектот за 2021 година."
"Тоа ќе биде многу поинаква сезона, со многу поразлични болиди од оние што ги знаеме. Очекуваме дека болидите ќе се однесуваат на друг начин, па возачите ќе мора повторно да се прилагодуват на нив. Тие ќе бидат многу побрзи на правците и брзите свиоци, но веројатно многу побавни во бавните свиоци. Ќе бидат покрути и пониски, па со тоа покомплицирани за возачите."
"Можеме да очекуваме изненадувања, особено на почетокот на сезоната, каде што некои тимови ќе смислат подобри решенија за кои другите не размислувале. Како тим, ќе треба да покажеме и способност да реагираме доколку е потребно. Наша одговорност е Ферари да се врати врвот. Ова е цел што им е јасна на сите во тимот."
"Плодовите на нашата работа ќе ги видиме во моментот, кога новиот болид ќе се појави на патеката.
Ќе мораме да бидеме добри, без разлика како се однесува болидот, за да можеме да го разбереме и анализираме."
"Изминатата 2021 сезона ја оценувам со 7, за начинот на кој се развивавме, континуирано и непречено, и покрај замрзнатите регулативи. Возачите заслужуваат 8. Но, очигледно е дека не можеме да бидеме задоволни. Да се повтори настапот од оваа сезона би било неприфатливо следната година."
"Ме боли да ги гледам другите како слават. Ќе се вратиме на борбата за победи и пол позиции, а како Ферари не можеме да започнеме со лошо расположение, циклусите се градат на победи и сакаме да победуваме што е можно повеќе. Но, веднаш борба за шампионските титули, не е обврска."
Матија Биното потврди дека преговорите со Филип Морис се уште се во тек, иако не како главен спонзор. Дополнително, шефот на Ферари потврди дека во последните две години, околу 30 луѓе се приклучиле од други тимови, носејќи ги вештините во областите каде што верувале дека тоа е потребно.
Карлос Саинц Јр. беше прашан за неговата иднина со италијанскиот тим, но исто така и за неговите изгледи за 2022 сезоната, кога Ферари се надева дека повторно може да ги предизвика Мерцедес АМГ и Ред Бул во битката за победи.
"Мојата иднина во Ферари е нешто за што треба да седнеме и да разговараме мирно, да ги ставиме сите опции на маса и да видиме која е најпривлечна за сите, но сè уште не знам што ќе преферирам. Многу сум среќен во Ферари. Тоа беше многу добар почеток на врската со Ферари и мислам дека двете страни се многу среќни."
"Сакам 2022 болидот да биде лесен за возење, да вози како ракета и ние да бидеме на врвот. Останатото го ставам на себе, добро се прилагодувам на секој болид, го пробав новиот болид на симулаторот, и тој е многу поразличен во начинот на кој го возиш. Ќе биде тешко да се вози, многу поразлично, на пример не толку удобен низ свиоците. Ќе биде брз, но тежок за возење."
"Следната година би сакал да се борам со Ферари за врвот и би сакал да го имам чувството да бидам во битка за мојата прва победа и за шампионската титула. Дали тоа ќе се случи или не, никој не знае, но ние би сакале да се бориме за победи."
За крај ги сумираме и сите гласини за новиот болид на Ферари, кој во Маранело се именува како проект 674.
Преден дел: Треба да се карактеризира со рамен нос кој се спушта напред до нивото на главниот профил на предното крило, ефикасно делејќи го на два дела.
Шасија: "Ќе одржува длабока линија на ниска "дупка" со положба на возачот слична на сегашната и централна дивергентна што ќе го насочи долниот проток на воздух кон големите странични Вентури канали.
Ладилници: "Различен наклон во однос на сегашните, притоа одржувајќи ја високата позиција на страничните доводи за воздух."
Странични крила: "Tие многу ќе се намалат, почитувајќи ги регулаторните граници на волуменот на шасијата."
Висина: "Иако е поедноставена со правилата, со само два амортизери и торзиони шипки на секоја оска, амортизацијата мора да обезбеди колку што е можно поконстантно растојание помеѓу предниот и задниот дел, во корист на аеродинамичката ефикасност на болидот."
Менувач: "Ќе биде целосно нов со куќиште кое ќе ги инкорпорира предните точки за прицврстување на триаголниците, додека задните краци треба да бидат свртени на деформабилната карбонска структура."
Погонска Единица: "Ќе се состои од ендотермична единица со иновативен дизајн на комората за согорување дефиниран врз основа на новите спецификации за гориво кои вклучуваат 10% етанол. Ова би била разумна еволуција на концептот "супер брз" со комора за пред-согорување, за да се забрза времето на ширење на пламенот, оптимизирајќи го согорувањето на мешавината воздух/гориво.
Развој: "Првите аеродинамички еволуции веќе се проучуваат за да се воведат на тест сесијата во Бахреин, 10-12 Март.
Матија Биното за време на прес-конференцијата потврди дека 2022 болидот на Ферари ќе биде презентиран помеѓу 16 и 18 Февруари, околу една недела пред првата предсезонска тест сесија што ќе се одржи во Барселона.
Името на болидот се уште не е избрано, а оваа објава за презентација на болидот што ќе го возат Чарлс Леклер и Карлос Саинц Јр. во 2022 година, можеби става крај на идејата на Либерти Медиа за организирање уникатно шоу во Барселона за презентација на новите Формула 1 болиди.
2022 ФЕРАРИ: СИТЕ ОФИЦИЈАЛНИ И НЕОФИЦИЈАЛНИ ИНФОРМАЦИИ
12/23/2021 12:28:00 AM
0
Tags
Share to other apps
