Патеката во Абу Даби често беше критикувана за проблеми со претекнувањето, а тоа стана особено очигледно во 2020 година. Поради пандемијата, забавната програма беше откажана, целото внимание беше насочено кон трката, која се покажа како прилично досадна поради недостаток на борба на патеката. Организаторите ветија дека ќе го решат проблемот со голема реконструкција, а оваа година трката за прв пат ќе се одржи на новата конфигурација.
Бавните свиоци беа заменети со многу побрзи, а должината на еден круг се намали за 273 метри. Бројот на кругови беше зголемен на 58, па вкупното растојание на трката дури и малку се зголеми. Сите претходни статистики и податоците акумулирани во текот на многу години од тимовите нема да помогнат овој пат.
Патеката бара просечно ниво на потисна сила, а оптоварувањето на сопирачките е доста големо. Во трката, пилотите користат специјален визир за удобен премин од природно во вештачко осветлување.
Една од поинтересните карактеристики е тунелот на излезот од пит-линијата, за кој на почетокот, многумина беа скептични за неговата практичност, бидејќи во случај на инцидент тешко ќе се евакуира болидот, но доега се уште не се појавија сериозни проблеми.
Штета е што оваа неверојатна сезона денес ќе го има својот завршеток. Големата Награда на Абу Даби ќе има фантастичен рејтинг, а одгласите на ова финале ќе не забавуваат за кратката вонсезона.
Во историјата, само еднаш, во 1974 година, двајца претенденти за титулата дојдоа до последната трка со еднаков број на поени. Тогаш последна беше 15-тата тка, а поените се добиваа по други правила. Оваа сезона ќе стане легендарна, ќе биде запаметена и цитирана како пример. Одлично е што се уште не знаеме како ќе заврши.
Двата најсилни тимови во последните години снабдувани од два различни производители на погонски единици, едниот е вообичаен фаворит, вториот довчерашен аутсајдер, но пред финалната трка тие се изедначенио со по десет победи.
Двајца ривали за Титулата, два сосема различни возачи, по возраст, карактер, стил на возење, влегуваат во последната трка од најдолгата, досега, сезона во историјата на Ф1 со ист број на поени.
Либерти Медиа сонуваа дека судбината на титулата ќе биде решена на последната трка, но тешко дека можеа да замислат дека заплетот ќе биде толку интензивен. И без теориите на заговор.
Не може да има нерешено, па денес едната страна заедно со својата армија навивачи ќе остане тажна, а другата ќе слави победа. Ако некако се заврши со судир и двојно повлекување, што не може да се исклучи, Ферстапен ќе стане шампион поради поголемиот број на победи. Очигледно секоја одлука на Мајкл Маси и стјуардите овој викенд ќе се гледа под лупа.
Денешната трка значи крај на сегашните технички прописи. Следната година, болидите ќе бидат сосема поразлични, со што ќе се започне нов лист од историјата на Формула 1.
Трката во Абу Даби ќе биде 350-та и последна во кариерата на Кими Раиконен, тој е апсолутен лидер по овој показател, но во 2022 година врвот ќе го преземе Фернандо Алонсо, кој сега има 333 трки.
Антонио Џовинаци, единствениот италијански возач, ќе стави крај на кариерата во Формула 1. Антонио беше поддржан од Ферари, но сега Алфа Ромео има други приоритети. Тоа е единствениот тим кој целосно ќе ја промени својата возачка постава.
Валтери Ботас ќе ја заврши кариерата во Мерцедес АМГ. Финецот дојде во шампионскиот тим со надеж за Титула, но само стана добар "WINGMAN", а следната сезона ќе го замени Кими Раиконен во Алфа Ромео, станувајќи тимски колега со дебитантот Гуанју Џоу од Формула 2.
Џорџ Расел, кој одамна заслужи повеќе, ќе ја заврши кариерата во Вилијамс и ќе му стане тимски колега на Луис Хамилтон во Мерцедес АМГ. Ќе биде многу интересно да се гледа нивната борба. Во Формула 1 се враќа Алекс Албон, ослободувајќи се од спонзорството на Ред Бул и повторно ја започнува својата Ф1 кариера, овој пат во тимот на Вилијамс.
Претстојат новогодишните празници, Божиќ, презентации на нови болиди, зимски тестови, прогнози и очекувања. Но, прво, ќе дознаеме како завршува оваа сезона!
Макс доколку ја освои титулата ќе биде заслужено, иако ако тоа го направи Луис Хамилтон, нема да биде незаслужено, туку повеќе стандарна шема, благодарејќи на моќната Мерцедес ПЕ. За Формула 1 и нејзината гледаност подобар исход ќе биде првата опција.
Двајцата имаат одлична сезона. Тие беа брзи, стабилни и недостижни за тимските колеги. Секоја ситница, секој проблем, може да реши сè. Идеален за крајот на сезоната е се да се решава на патеката, а не во собата на стјуардите и не во апелациониот суд за неколку месеци.
Иако патеката Јас Марина сега има побрз и попроточен распоред што внесува повеќе странична енергија низ гумите отколку порано, едно застанување во бокс повторно е најбрзиот начин да се комплетира трката од 58 круга, три круга повеќе во споредба со претходните сезони, поради пократкиот круг.
Двете стратегии, жолти/бели и црвени/бели, се приближно еднакво брзи за комплетирање на целото растојание на трката. Стартувањето на црвените гуми помага да се овозможи брз старт, што може да биде предност на патека каде што позицијата на патеката е сè уште важна, но стартувањето на жолтите гуми дава поголема флексибилност околу периодот за застанување во бокс.
Стратегија со две застанувања во бокс е побавна, но може да игра улога ако има излегување на безбедносниот автомобил. Во овој случај, користењето на сите три смеши би можело да биде опција или, за возачите со два достапни комплети од жолтите гуми, почетен и завршен стинт на нив со среден стинт на белите.
Макс Ферстапен ја освои Пол позицијата на црвените гуми, поставувајќи го рекордот на реконструираната патека во Абу Даби при неговиот прв обид во Q3. Тој и неговиот тимски колега, Серџо Перез ќе ја започнат трката на истата смеша, бидејќи и двајцата ја користеа најмеката смеша за да ги постават своите најбрзи времиња во Q2.
Во меѓувреме, ривалот за титулата на Ферстапен, Луис Хамилтон и неговиот тимски колега од Мерцедес АМГ, Валтери Ботас, ќе стартуваат на жолтите гуми. Значи, двата тима кои се борат за титулите избраа две различни стратегии за трка, при што Ред Бул има за цел да ја искористи брзината на црвените гуми.
Ако Макс успее да го задржи водството, ќе има предност со тоа што ќе вози непречено и нема да мора да следи никого, што значи дека може да ги менаџира гумите и го намали прегревањето.
Вкупно, тројца возачи од Топ 10 поредокот ќе ја стартуваат трката на жолтите гуми, возачите на Мерцедес АМГ, плус Јуки Цунода со болидот на АлфаТаури.
Марио Изола, Пирели: "Имавме интересни квалификации, каде изборот на пневматиците одигра клучна улога. Видовме мешавина на тактики, при што двајцата протагонисти за титулата ќе стартуваат на различни смеши и треба да следат различни стратегии на одлучувачката трка."
"На хартија, најбрзата стратегија е користење на белите гуми за вториот стинт. Во теорија, црвените гуми треба да дадат мала предност на стартот, но жолто/белата комбинација треба да биде малку побрза опција во целина."
"Ако Макс Ферстапен успее да го задржи водството по првиот свиок и ќе треба да успее да го намали прегревањето со одржување на постојано оптоварување низ гумите. Очекуваме тактички интригантна трка, каде менаџирањето со гумите дефинитивно ќе биде фактор."
"Би сакал да им честитам на Према и Оскар Пјастри за освојувањето на титулата во Ф2 и на Макс Ферстапен за најуспешен квалификант, со 10 награди на Пирели за Пол позиција."
Пет возачи беа повикани кај стјуардите по квалификациите во Абу Даби. Фернандо Алонсо, Естебан Окон, Пјер Гасли, Даниел Рикиардо и Себастијан Ветел. Хаосот на патеката кој го направија во подготвителниот круг му донесе казна УКОР, само на Естебан Окон, а другите се извлекоа без никакви санкции.
Непосредно пред почетокот на трката од тимот на Хас соопштија дека Русинот, Никита Мазепин е позитивен на тестот за коронавирусот. Правилата налагаат дека возач кој не учествувал на нити една сесија не може да ја стартува трката, па затоа Хас нема да бара замена и ќе учествува само со еден болид.
| ГОЛЕМА НАГРАДА НА АБУ ДАБИ СТАРТЕН РЕДОСЛЕД |
|
| 1. МАКС ФЕРСТАПЕН - РЕД БУЛ | |
| 2. ЛУИС ХАМИЛТОН - МЕРЦЕДЕС АМГ | |
| 3. ЛАНДО НОРИС - МЕКЛАРЕН | |
| 4. СЕРЏО ПЕРЕЗ - РЕД БУЛ | |
| 5. КАРЛОС САИНЦ Јр. - ФЕРАРИ | |
| 6. ВАЛТЕРИ БОТАС - МЕРЦЕДЕС АМГ | |
| 7. ЧАРЛС ЛЕКЛЕР - ФЕРАРИ | |
| 8. ЈУКИ ЦУНОДА - АЛФАТАУРИ | |
| 9. ЕСТЕБАН ОКОН - АЛПИН | |
| 10. ДАНИЕЛ РИКИАРДО - МЕКЛАРЕН | |
| 11. ФЕРНАНДО АЛОНСО - АЛПИН | |
| 12. ПЈЕР ГАСЛИ - АЛФАТАУРИ | |
| 13. ЛЕНС СТРОЛ - АСТОН МАРТИН | |
| 14. АНТОНИО ЏОВИНАЦИ - АЛФА РОМЕО | |
| 15. СЕБАСТИЈАН ВЕТЕЛ - АСТОН МАРТИН | |
| 16. НИКОЛАС ЛАТИФИ - ВИЛИЈАМС | |
| 17. ЏОРЏ РАСЕЛ - ВИЛИЈАМС | |
| 18. КИМИ РАИКОНЕН - АЛФА РОМЕО | |
| 19. МИК ШУМАХЕР - ХАС | |
| 20. НИКИТА МАЗЕПИН - ХАС | не стартува/позитивен на корона |
| @МкФормула1 - РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА @MkFormula1 - REPUBLIC OF MACEDONIA |
|
