Денеска на состанокот на Генаралното собрание на ФИА, Мохамед бин Сулејем е избран за нов претседател на меѓународната автомобилистичка федерација. Тој доби 61.62% од гласовите наспроти 36.62% за Греам Стокер. Воздржани се 1.76 отсто од гласачите. Бен Сулејем на претседателската функција ќе го замени Жан Тод, кој ја водеше федерацијата од 2009 година.
Мохамед бин Сулејем, 60, е роден во Обединетите Арапски Емирати, каде ја предводеше федерацијата за моторни спортови на Обединетите Арапски Емирати од 2005 година и беше потпретседател на Светскиот совет на ФИА за Блискиот Исток.
Тој ја започна својата кариера како рели-возач и има освоено 14 титули во рели шампионатот на Блискиот Исток и 61 меѓународна победа во рели помеѓу 1983 и 2002 година. Слоганот на неговата кампања беше "ФИА за членовите".
Неговата цел е да го прошири учеството на ФИА во мотоспортот низ целиот свет, да ја зајакне својата позиција во однос на различноста и достапноста и да го води патот во обликувањето на јавното мислење за одржлива мобилност. Неговиот мандат е четири години.
Кармело Санз де Барош ќе биде претседател на Сенатот, Роберт Рид е именуван за заменик претседател за спорт, а Тим Ширман за заменик претседател за мобилност.
"Денес, имам голема чест што бев избран за претседател на ФИА на крајот на Годишното генерално собрание во Париз. Им благодарам на сите членки за нивната почит и доверба."
"Му честитам на Греам за неговата кампања и неговиот ангажман во Федерацијата. Сакам да ја изразам мојата бескрајна благодарност во името на ФИА и нејзините членови на Жан Тод за сето она што беше постигнато во изминатите 12 години."
Жан Тод , поранешен претседател на ФИА: "Ова поглавје завршува. Заедно, можеме да бидеме задоволни со нашите достигнувања во мотоспортот, безбедноста и заштитата на животната средина, постигнати во текот на 12 години."
"Би сакал да им се заблагодарам на мојот тим, нашата администрација и на сите национални авто клубови во федерацијата за нивната посветеност, ентузијазам и непоколебливост."
"Му честитам на Мохамед за неговиот избор за претседател на ФИА и му посакувам нему, на неговиот тим и на целата федерација многу успех во иднина."
Новото раководство веднаш ќе има тешка задача по последните случува во Формула 1 , најдоходовниот спорт под закрила на оваа федерација.
Фабиана Екелстоун, жената на Берни Екелстоун, поранешниот сопственик на Формула 1 е дел од тимот на новиот претседател.
Берни Екелстоун: "Бев многу изненаден од постапките на Мерцедес АМГ, никогаш не сум видел да го прават ова по трката. Јасно е дека поразената страна нема да биде толку среќна како победниците. Но, постојат одредени правила на однесување, а во Мерцедес АМГ беа прекршени."
"Дополнително, ако зборуваме за нивното отсуство на церемонијата на доделување награди, тогаш некој го организира Ф1 Шампионатот во кој учествуваат многу луѓе, други луѓе се потрудиле и си го трошеле времето да ја организираат церемонијата, а некој реши да не присуствува поради..."
"Хамилтон мораше да се потруди и да дојде. Тоа не би го повредило. Тој смисли причина зошто не можеше да присуствува на гала вечерта, но ми се чини дека никој не поверува во тоа, бидејќи во текот на сезоната не пропушти ниту една трка."
На крајот на минатата година, сопственичката структура на тимот на Мерцедес АМГ се промени: сега Тото Волф, Џим Раткиф, шеф на INEOS и Dајмлер имаат еднакви акции. Според Еклстоун, концернот од Штутгарт како матична компанија треба да ја разјасни својата позиција за тимот.
"Можеби Мерцедес и Дајмлер треба да ја разјаснат позицијата, на пример: Длабоко жалиме што се случи и, се разбира, сè уште го поддржуваме нашиот Формула 1 тим. На крајот на краиштата, тoj го носи нивното име..."
Мерцедес АМГ се откажа од плановите да се жали на резултатите од последната трка, но Луис Хамилтон и Тото Волф го покажаа својот став кон постапките на ФИА со тоа што одбија да присуствуваат на традиционалната церемонија на доделување награди.
Наместо тоа, Џејмс Елисон го претставуваше тимот кој го освои Купот на конструктори по осми пат по ред. Берни Еклстоун е незадоволен од ваквото однесување.
Роберт Рид, заменик претседателот за спорт, изјави дека на ниво на раководството на федерацијата ќе се разговара за однесувањето на Луис Хамилтон, кој одби да учествува на доделувањето на наградите, одржано вчера во Париз.
Рид увери дека ФИА ќе ја анализира ситуацијата, бидејќи Хамилтон, како вицешампион на Формула 1, имал обврска да присуствува на овој официјален настан.
"Да, тоа е фиксирано во правилата: ако го освоите шампионатот или сте меѓу првите тројца, тогаш треба да дојдете на церемонијата на доделување награди. Утре ќе имаме средба со Питер Баер, кој ја извршуваше функцијата генерален секретар на федерацијата во времето на Жан Тод."
"Несомнено, и овие прашања ќе бидат ставени на дневен ред како едни од најважните кои треба да се решат пред Нова година."
Доколку ФИА одлучи да продолжи со овој случај, околностите мора прво да се известат до Генералниот секретар за спортски прашања, по што ќе постапи дисциплинска комисија.
Понатаму, новиот претседател на ФИА ќе треба да одлучи дали ќе го испрати случајот до Меѓународниот трибунал или ќе го разгледаат стјуардите кои ќе работат на следното Гран При.
МОХАМЕД БИН СУЛЕЈЕМ НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ФИА
12/17/2021 07:34:00 PM
0
Share to other apps
