Во Барселона заврши утринската сесија од третиот и последен тест ден. Денеска имавме посодржајно претпладне, возачите почнаа поактивно да ги форсираат своите болиди, ги испробаа најмеките гуми, а со тоа имаше и повеќе инциденти. Во претходните два дена имаше два периоди на црвено знаме, денес 5 во само 4 часа.
Во болидот на Фернандо Алонсо откажа погонската единица на Рено поради проблеми со хидрауликата, по што А522 заврши обвиткан со облаци чад на сред патека. Шпанецот можеше само да гледа колку вешто маршалите ги користат противпожарните апарати.
По неколку часа, од тимот на Алпин потврдија дека сесијата за нив е завршена и ќе започнат да се пакуваат. Со проблеми беше и тимот на Хас, кој денес настапува без логоата на Уралкали, нивниот главен спонзор.
Поради протекување на системот за ладење, Никита Мазепин извозе само девет круга. Исто така, судбината на Русинот ќе се знае во текот на оваа недела, по расчистување на ситуацијата со главниот спозор.
Во меѓувреме од Формула 1 најавија дека трката во Русија е суспендирана, а неофицијално на нејзино место ќе влета Турција.
Изјава на промоторот: "Договорот меѓу официјалниот промотор на Големата Награда на Русија и Формула 1 е суспендиран поради виша сила.
Купените билети не се откажуваат, нема потреба да се враќаат сега, бидејќи се уште има шанси трката да се одржи според предвиденото."
"Продолжуваме со својата работа вообичаено, обезбедувајќи услуги за гостите на Сочи Автодром, како и организирање и одржување на мотоспорт и други натпревари на федерално, регионално и градско ниво во рамките на одобрениот календар на настани."
Малку подоцна, Пјер Гасли излета во петтиот свиок, по што сесијата беше прекината по втор пат. Откако беше отстранет болидот на АлфаТаури и сесијата продолжи, дебитантот во Алфа Ромео, Гуанју Џоу, двапати излета од патеката, па сесијата повторно мораше да се прекине.
Најбрзото време во утринската сесија го забележа Џорџ Расел со болдиот на Мерцедес АМГ, кога по прв беше употребена најмеката смеша, C5. За време на паузата патеката ќе биде вештачки навлажнета за да можат тимовите да ги пробаат зелените, интермедиа и сините гуми за дожд.
ЏОРЏ РАСЕЛ РЕШИ ДА СЕ АДАПТИРА НА ВРВОТ
2/25/2022 01:43:00 PM
0
Share to other apps